Избегнувам да зборувам во суперлативи во спортот, се трудам поретко да го користам -нај, но за ова што се случува на јужноамериканско тло, особено во Аргентина, не знам поинаку како.
Последно коло од аргентински шампионат, Бока има еден поен предност пред второпласираниот Расинг. Двете екипи играат од ист термин, Бока против Индепедиенте дома, а Расинг исто така дома против Ривер.
Четирите екипи си имаат и те како историја меѓусебна. Индепедиенте ако не се лажам е најтрофејниот аргентински клуб во Копа Либертадорес со седум титули. Сезонава ептен се малтретираа, апсолутно, освен престиж, не им значи ништо дуелов со Бока.
Ривер, знаете добро. Не само што не му е потребно, туку со лесен пораз од Расинг би можеле да му го загорчат животот на смртниот непријател.
Арно ама...
Бока прима гол во прво полувреме од непостоечки и срамен пенал. Брзо израмнува после прекин и на полувреме оди со 1:1.
Расинг и Ривер после 45 минути, исто нерешено.
Почнува второ, Бока дава гол за 2:1, но и Расинг поведува. Од сомнителен пенал. Како што стојат работите, Бока е првак. Арно ама, x2...
Индепедиенте во 81-ва минута постигнува изедначувачки погодок. Исто како и Ривер.

Повторно Бока на табела во живо е првак.
Драмата кулминира во 90-та минута. Додека на Ла Бомбоњера е 2:2, Расинг добива пенал за победа и титула.
Расинг промашува. Две минути потоа, Ривер дава гол за 1:2 и буквално му подарува и ја запечатува титулата на Бока Јуниорс.
Каков рингишпил од емоции, нека се гонат у три лепе...
Најимпресивно е тоа што Ривер (и секоја чест за фер-плејот), играше докрај. Индиректно и за архи-непријателот. Во друга ситуација, некаде во Европа, пих... Меѓудругото, ова беше и последен меч на нивниот легендарен тренер Гаљардо. За кој се надевам дека ќе си го пронајде своето место во топ лигите во Европа.
Реакцијата кога дознаа дека Расинг во 90-та минута промаши пенал за титула:
Тоа што се случуваше пред почетоков на мечов, нц. Никаде и никогаш.
Знам, овде на Балканов е врела крвта, емотивни луѓе сме, даваме душа и сето тоа. Во Турција, во Англија, Шпанија, во ред. Но, не верувам дека некој толку безусловно манифестира и живее љубов како луѓето на овој континент, луѓево во Аргентина. Фудбалот не извира од фразетина бледа, за нив е живот.
Голема е Бока. Најголема.