Наводно двата клуба се договориле и во касата на Милан ќе се слеат 65 милиони евра плус Робен и Снајдер, а плејмејкерот во наредните пет години ќе заработува по 9 милиони евра
Плејмејкерот на репрезентацијата на Бразил и на Милан, Кака е првото засилување на Реал (Мадрид) во летниот преоден рок. Шпанските и италијанските медиуми пренесоа дека челниците на двата клуба се договориле околу висината на обесштетувањето, па единствено преостанува Кака да го стави својот потпис.
Во касата на Милан ќе се слеат 65 милиони евра, а треба да се дефинираат само некои мали детали од договорот со 27-годишниот фудбалер, кој според најавите ќе потпише на пет години и ќе заработува по 9 милиони евра годишно или 175.000 неделно.
Дека на "Сантијаго Бернабеу" сепак Кака ќе стигне пред Кристијано Роналдо, зборува и изјавата на првиот човек на "росонерите", Силвио Берлускони што ја даде откако беше објавено дека во Мадрид се наоѓаат негивата десна рака Адријано Галјани и Боско Леите, татко и менаџер на бразилскиот репрезентативец.
- Не знам дали ќе можеме да го задржиме Кака. Шпанците понудија големи пари, тешко е да се одбијат, истакна италијанскиот премиер за агенцијата АНСА.
Потпаролот на Кака, Диего Кочо откри дела понудата е голема, но помала од онаа на Манчестер Сити, кој зимоска понуди 100 милиони евра.
Сепак, "Тутоспорт" тврди дека Милан за Кака ќе добие 50 милиони евра плус Ариен Робен и Весли Снајдер.
Кака се наоѓа во Бразил, каде со националиот тим се подготвува за квалификациските средби за СП 2010 со Уругвај и Парагвај, па се очекува Реал официјално да го претстави како свој нов играч наредната недела.
Перес: Скапото излегува евтино
Новиот претседател на Реал (М), Флорентино Перес изјави дека парите за скапите фудбалери всушност се добра инвестиција. Градежиот магнат верува дека ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, за која е подготвен да издвои 73 милиони фунти, е идеален фудбалер за составот на "кралевите"
- Не гледам ништо што ќе му попречи да заигра за нас. Информациите што ги имам за Роналдо се дека тој е модел за имитирање на теренот. Победник. Знам дека скапото секогаш излегува евтино. Кога Реал го купи Зидан за 73 милиони евра и тогаш изгледаше многу скапа зделка. Тоа е стилот на Реал, тука треба да играат најдобрите фудбалери, вели Перес, кој ќе испрати понда и за Французинот во Баерн (М), Франк Рибери.
Vecer.com.mk