УЕФА подготвува „селари кап"
Според моделот, клубовите нема да можат да потрошат на доведување играчи повеќе отколку што заработуваат
Роман Абрамович прикажа загуба од 226 млн. фунти, а само на купување играчи во истиот период потроши 276
Европската фудбалска федерација (УЕФА), министрите и челниците на состанокот во Брисел расправаат за новиот модел на трансфери на играчи, според кој клубовите нема да можат да потрошат на доведување играчи повеќе отколку што заработуваат. Сепак, тоа нема да биде идентичен модел како американскиот „селари кап", во кој строго се одредува лимитот, кој некој клуб може да го потроши на трансфери и плати на играчи, туку висината на расходот ќе биде ограничен со приходот. На тој начин тимовите како Реал М., Барселона, Милан, Манчестер Ј, и натаму, поради големите приходи, ќе бидат во предност во однос на конкуренцијата, но таа предност, сепак, ќе биде помала.
Моделот најмногу би го погодил Челзи, чиј сопственик Роман Абрамович троши милиони фунти за играчи, без оглед на тоа што за тоа нема економско оправдување. Лондонскиот клуб, на пример, во првите две години од владеењето на Роман Абрамович прикажа загуба од 226 милиони фунти, а само на купување играчи во истиот период потроши 276 милиони фунти. Британскиот министер за спорт, кој присутвува на состанокот во главниот град на Белгија, изјави дека таа идеја која заработката и трошењето би ги ставило во нормална корелација, има широка поддршка од фудбалските челници на Европската унија. Такви моќници од типот на Абрамович има неколку, а еден од нив е и Ринат Ахмет од Шахтјор Доњецк. Тоа практично претставува купување на успех за краток период и обично потоа таквите клубови банкротираат, а токму тие работи УЕФА сака да ги спречи. Разговорите на оваа тема се во почетна фаза, па уште нема прецизни назнаки што се би се вбројувало во приход (добивка од трансфери, влезници, спонзори...), кои би претставувале основ за сумата која натаму може да се потроши.