Орце Камчев нов лидер на Вардар
Најпознатиот фудбалски бренд на Македонија, од вчера, има нов сопственик. Тоа е познатиот бизнисмен со спортска опрема и сопственик на холдинг компанијата "Орка" Орце Камчев, забележителен спортски работник под чие раководство со Кошаркарската федерација на Македонија националниот тим го обебзбеди учеството на Европското првенство. Камчев не е прв пат во Вардар бидејќи пред десеттина години "Орка" беше еден од главните спонзори на нашиот најтрофеен клуб.
"Преговорите со досегашниот прв човек во Вардар Боро Ристески траеја близу две години и конечно, вчера, ги договоривме сите детали околу моето преземање на клубот", не информира новиот "газда" на Вардар Орце Камчев. "Вардар заслужува многу поголемо внимамние од тоа кое му беше посветувано бидејќи со него се идентификува клупскиот фудбал во Македонија. Иако последниве години го нема приматот најреномираниот наш клуб се уште е 'номеро уно' надвор од Македонија. Ќе работиме во најскоро време да му го вратиме некогашниот сјај на клубот".
Новиот сопственик најавува коренити промени во сите структури. Очигледно, Камчев не е задоволен со актуелната организациска и поставеноста во стручниот штаб и во играчкиот состав.
"За да тргнат работите на подобро неопходни се радикални промени на сите нивоа. Веќе на почетокот на идната недела ќе го објавиме новото раководство на Вардар кое треба да овозможи оптимални услови за што побрзо враќање на шампионските патеки. Ќе има реконструкција во стручниот штаб, а промената нема да биде одмината и во играчкиот кадар. Добро е што заврши сезоната и во пресрет на новата ќе го 'подновиме' Вардар".
Во однос на досегашниот долгогодишен спонзор Камчев вели:
"Со Слободан Вујчиќ - Брацо ќе разговараме за евентуалната наша идна соработка. Ако најдеме заеднички интерес тој може и натаму да спонзорира во клубот, но од поинакви и јасно дефинирани позиции. Ако не успееме да најдеме заеднички јазик Вујчиќ ќе мора да си најде друг клуб во кој ќе инвестира, можеби повторно ќе се пресели во Цементарница 55, која низа години ја спонзорираше.
Догодина, во Лигата на шампионите
Камчев не ги крие амбициите за идната сезона. Без лажна скромност, тој вели:
"Сега ќе се натпреваруваме во Купот на УЕФА, а од идната сезона со идниот тим-менаџер Вардар ќе се најде во Лигата на шампионите, но не само во првите кваклификациски кола туку ќе обезбеди место во една од групите. Многу брзо, Вардар ќе им овозможи и на другите наши клубови да играат во кавлификациите за Лигата на шампионите", оптимистички порачува Камчев.
Ристески: Брацо не ја искористи шансата
Досегашниот потпретседател на Вардар Боро Ристески смета дека спонзорот Вујчиќ, со кого подолго време имаат недоразбирања околу приматот во клубот, не ја искористил шансата Вардар да го издигне на позициите што му доликуваат.
"Имаше шанса тоа да го стори во изминативе 5 - 6 години, од 1 март 2000 па до вчера 26 мај 2006 година, но не ја искористи. Камчев заслужува да му се пружи шанса да го 'воскресне' Вардар за да стане вистинска национална фудбалска гордост".
п.с. може ли конечно вардар да си ја поврати старата слава бидејќи претпоставувам дека со камчев како прв човек финансиите веќе нема да бидат најголемиот проблем на вардар.