Вујчиќ плати за брза, а Вардар чека од него итна помош
Вардар доби итна прва помош од Слободан Вујчиќ, старо-новиот спонзор на клубот, но не во засилувања на играчкиот кадар, што моментно му е најпотребно на младиот и неискусен тим. Вујчиќ кој се' уште ја чека писмената пресуда од Управниот суд со што и официјално би се вратил во Вардар по пауза од 2,5 години ги намири трошоците од околу 50-ина евра за возилото за брза помош на завчерашниот меч меѓу Вардар и Силекс. Тоа е добар гест, но очекувањата се многу поголеми, а талентираните и млади фудбалери што моментно настапуваат за Вардар апсолутно заслужуваат многу повеќе. Со борбена игра и максимална желба за успех тие го победија Силекс со 2-1, иако тонат во беспарица и тренираат и настапуваат во тешки услови.
- Децата се најзаслужни што Вардар не згасна. Сите треба да добијат награда за максималниот труд и волја со која настапуваат во црвено-црниот дрес - ни рече неодамна Атанас Костовски. Тој со Вујчиќ треба да се врати во Вардар, на местото претседател, според одлуката на Управниот суд во Скопје од 8 октомври. И тоа се одолжи, се' уште нема писмена пресуда, а веќе помина еден месец. За двојно помалку време требаше да се официјализира работата, откако Вардар како клуб не се жалеше на одлуката за враќање на Вујчиќ. Навивачите се нестрпливи да го видат својот миленик на патеките на успехот што полека стануваат далечно минато.
- Вардар има талентирани момчиња, што играат од срце за клубот и е вистински мерак да се гледаат - вели еден постар навивач. Чудно ако се знае дека Вардар има само 6 бода и е претпоследен на табелата, но вистинито ако ги следите натпреварите на „црвено-црните“. Се игра до последен здив, без многу калкулации, а тимот е меѓу најмладите во лигата предводен од извонредните таленти Иван Настевски - Меси, Фахрудин Ѓурѓевиќ, Горан Силјановски и уште неколку голобради момчиња.
- Подобро е да гледате младинци како играат без калкулации, за гол повеќе, отколку ислужени ѕвезди што не се заинтересирани за фудбал. Треба веднаш да се реагира и да не се дозволи талентите да ни заминат. Итно да им понудат договори на Настевски, Ѓурѓевиќ и останатите за да се задржат во клубот - коментираа навивачите на Вардар.
Вујчиќ беше на натпреварот против извонредната екипа на Силекс, но што виде и дали ќе реагира со вистински потези е енигма. Вардар очекува финансиска стабилизација, атрактивни и полезни засилувања, но и нови методи на работа од спонзорот. Место за алиби веќе нема, а транспарентноста во работата е без алтернатива. Калкулациите од типот „се' уште не е пристигната писмената потврда од судот“ не држат вода, бидејќи Вардар е во опасност од испаѓање и е потребна итна реакција. „Црвено-црните“ никогаш од постоењето на независна Македонија не играле во понизок ранг на натпревари, и се единствени во тој поглед токму со екипата на Силекс кои редовно играат во елитното натпреварување од осамостојувањето.
(З.П.)