Големите играчи се докажуваат на големите натпревари, а Арсенал вчера против Барселона покажа дека во своите редови нема таков квалитет. Од оној од кого најмногу се очекуваше, воедно беше и најголемо разочарување. Сеск Фабрегас оваа сезона требаше да го води Арсенал до трофеи, титули и наслови. Кога на неговите соиграчи им требаше лидер да ги инспирира против реално посилната Барселона, него никаде го немаше.
Реално, не блескаше ниту на првиот осминафинален натпревар на „Емирати“, но што да се каже за неговото синоќешно издание пред 95.000 навивачи на „Камп Ноу“. Талентот, техниката и прегледот на играта се неговите главни особини, но тој ја носи и капитенската лента, а таа бара многу повеќе од останатите фудбалери на теренот. Фабрегас беше исплашен против „својата“ Барселона, во ниту еден момент не ја наметна играта и на теренот изгледаше отсутно. Тој е директен виновник за првиот погодок на Барса, кога пред својот шеснаесетник се обиде да проигра со петица. Шпанецот излезе од игра во 78-та минута, а некои дури тогаш забележаа дека бил на теренот. Синоќа Арсенал не играше само без Ван Перси, туку и без Фабрегас. Толку многу ли сака да се врати во Барселона, што се плаши да игра добро против матичниот клуб само за да не си го расипе идниот трансфер?
Фабрегас на „Твитер“ им се извини на навивачите на Арсенал за својата лоша игра. „Ја преземам целата вина за поразот од Барселона. Ова беше еден од моите најлоши моменти во животот. Се извинувам“, напиша капитенот на Арсенал.
Џек Вилшер беше пример за Фабрегас како треба да се бранат боите на клубот. Младиот играч од средниот ред демонстрираше борбеност и игра што беа на завидно ниво. Ако до крајот на сезоната Шпанецот продолжи со незабележливите настапи, Вегнер сериозно треба да размисли за негова продажба. Заработката сигурно би била голема, а во името на Самир Насри има соодветна замена на плејмејкерската позиција во тимот.
Топ статија од Бранко Казаковски... Вчера игравме со 9 души цело време...