Ќе го напишам моето искуство, иако сега се изменети работите, јас сум од „постарата“ генерација. Имено, студирав факултет за информатика во 1990-те години, секако, она што постоеше тогаш. Тогаш немаше „петпарачки“ факултети и универзитети како денеска. Завршија многумина од моите генерации, се вработи кој како се снајде, но факт е дека, од мои сознанија, малку влегоа во програмерските води, јас сум еден од нив. Некој напиша на форумов, со што се сложувам, факултетот ти дава ем општо образование (не толку поврзано со професијата), ем познавања од професијата. Потенцирам, ПОЗНАВАЊА. Факултетот нема да те направи програмер. За тоа треба да пројавиш желба, мерак, љубов... и да се интересираш и учиш за работи кои не се учат, или се малку начнати на факултет. Факултетот е нешто што трае подолго време, па работите „легнуваат“. Секако, оној кој има мерак, желба, љубов... може да биде програмер и без факултет. Сум имал такви колеги, кај повеќето сум забележал дека по нешто „им недостига“ од „целото“, но не дека не биле добри. Кај некои сум забележал празнини, особено кај базите на податоци. Кога сам учиш, има веројатност дека нешто ќе ти „избега“, додека на факултет е опфатено она што треба.
НО... (големо НО), реалноста стапува на сцена кога се почне со работа. Ако имаш претходно добра подготовка, квалитетот ќе се појави после неколкумесечна работа, а со тек на времето се' ќе си дојде на место, но, пак зависи од упороста, работата, трудот. Плус, за програмирање треба и поголем капацитет на умот, програмерите работат на медицински софтвери, финансиски, за разни дејности.. па сакале-нејќеле, мора да навлезат и во тие проблематики до одредено ниво. Значи, треба да си подготвен на тоа.
И за крај, што е многу важно. Работите пребрзо се менуваат во програмерскиот свет. Кога ќе си стручњак во одредена технологија, мислиш дека се' знаеш, ама за 10 години ќе се променат нештата, па нови алатки, нов начин, нови хоризонти се „измислуваат“, па ќе треба да се „прешалтуваш“. Арно, ама ти си веќе ангажиран на големи проекти во постарите технологии кои не се менуваат лесно, ни најмалку, па мораш да ги одржуваш истите. Плус, веќе си „остарел“.. 35+ години, па веројатно имаш семејство, деца, сопружник... па грижа за деца, па помагање за учење, па сакаат да ги водиш на викенд, на одмор, се разболеле... едноставно, имаш домашни обврски кои порано си ги немал, па не можеш доволно да се посветиш сам себеси за нови учења. Така, јас сега работам на огромен софтвер од светски калибар (како outsourcing) направен во постари програмерски јазици, а за промена (која се прави) ќе треба прилично време, а и тоа ќе треба да се плати, секако.