Иако сум за тоа на телевизиите да се пуштаат се повеќе серии од типот на Ало Ало, Пријатели, сите го сакаат Рејмонд и сл. сепак го почитувам и тоа што некои луѓе со задоволство ги следат и новите шпански, турски, индиски серии. Она што во последно време се повеќе ме нервира е тоа што телевизиите кои ги пуштаат овие серии, упорно се трудат од нив да направат нешто друго, да им ја изменат суштината, а во последно време менуваат називи на ликови, текстови на песни и што уште не. Со оглед на тоа што разбирам Турски и некои од сериите сум ги гледал на турските сателитски канали, имам приметено дека при синхронизацијата некои работи не се преведени онака како што се во оригиналот. Уште повеќе ме иритира тоа што 95% од сериите кои се синхронизираат се Турски серии, додека останатите се даваат со титлови. Незнам дали луѓето кои ги пуштаат овие серии се во филм дека еве ќе пуштаме и ќе го давиме народов со “турски срања„ ама нема да пуштаме да се збори на турски( мислам дека ова е уште еден стереотип и тоа што се синхронизираат “само„ овие серии ми дава за право да размислувам вака). Она што е најново е тоа дека во новата турска серија “очајни домаќинки“, покрај синхронизацијата, сменети се имињата на сите ликови. Е сега сакам да прашам дали ова не е мизерен обид да се присвои нешто што не е наше и на истото да му се даде сосема друга смисла, на ликовите да им се наметне поинакво значење, поинаква улога, поинаква култура, иако серијата е снимена во место кое и културолошки и социолошки е поинакво од ова во кое живееме ние. Ајде да замислиме да го гледаме најново продолжение на Џејмс Бонд и истиот да го гледаме со синхронизација. ОК ајде ќе помине некако синхронизацијата доколку истата се направи на соодветен и професионален начин кој сигурно кошта многу. Но дали ќе помине тоа на Џејмс Бонд да му го сменат името и да го викаат Коле Бондевски? И потоа замислете ситуација кога некој млад човек ќе каже дека го гледал најновото продолжение на филмот за Коле Бондевски во кој како главна актерка глуми американската убавица Ангелина Голевска. Смешно!!! Која е смислата да се пушти нешто во етерот и на истото да му се измени оригиналноста? Зарем не е убаво оние кои сакаат да ги следат турските серии, истите да ги следат на изворен јазик исто како што тоа се прави за шпанските и индијските серии? Зарем е лошо македонците сакаат да ги следат турските серии, да научат некој турски збор кој добро би им дошол доколку некогаш ја посетат Турција или пак доколку отидат во скопска чаршија па разберат што некој од нивните сограѓани турци, сакал да им каже? Ако секогаш и секаде потенцираме дека Турција ни е најдобар пријател, дека тие се нашиот грб и никогаш нема да неостават на цедило, зошто тогаш толку голем страв од нивната култура и јазик? За разлика од нас во Србија и Хрватска турските серии се гледаат во оригинал ( оние кои имаат можност да ги следат Б92, Прва тв, Нова тв и др. можат да го потврдат ова) и таму никој не се замара дали некој ќе научи два три збора плус или ќе му се бендиса начинот на кој што живеат луѓето во Турција. И на крајот ќе кажам дека и покрај се, народот кој ги следи овие серии, заслужува малку попрофесионално да се работи на синхронизацијата.