Интервју(а)
ПОДГОТВУВАМ ХИП ХОП РЕВОЛУЦИЈА!
Од мал сум опкружен со музика. Јас сум само фин, искрен и отворен, а за луѓето на кои што не им се допаѓа мојата филозофија искрено, им кажувам нека си најдат хоби кое ќе ги релаксира, а не провоцира
„Спушти се доле“, „ФМ“, „Шопинг“, „Да полетам“, се дел од хитовите преку кои публиката го запозна креативниот дел од Марко Марковиќ Слаткар. Неговиот карактерен дел го откриваат одговорите на прашањата кои ИДИВИДИ му ги постави.
На сцената се појави минатата година и за кратко време успеа да се наметнеш на публиката. Дали и колку си задоволен од приемот?
Минатата година добив шанса за поголем чекор напред. Публиката сигурно не знае, но 10 години работев напорно за да ја добијам оваа шанса. Многу сум задоволен што публиката ја прифати мојата музика и што е отворена за нешто ново, оригинално, експлицитно, реално и уникатно. Публиката во Македонија е прекрасна. Таа ме инспирира и ме прави да дадам се од себе, да дадам нов израз преку кој ќе бидам се подобар и подобар.
Музиката која ја изведуваш е мешавина на рап, хип хоп, или со еден збор оригинална денс музика со експлицитни текстови. Дали тоа вистински сакаш да го изведуваш или те поттикна празнината од ваков жанр на македонската музичка сцена?
Да појаснам прво нешто, рап е музика, а хип хоп е култура, хаха. Рап музиката е настаната со семплување на џез, соул, фанк и блуз. Како поминуваат годините, музиката се менува. Притоа, се зголемува и потрагата по new sound (нов звук). Во моментов, хит е тој future sound и можеби затоа денешниот рап те асоцира на денс. Вистинскиот хип хоп во Македонија е присутен од моето раѓање, уште од 1986 година. За жал, до сега никогаш не бил доволно испромовиран, а дефинитивно тврдам дека имаме најдобар хип хоп меѓу комшиите. Јас сум дел од таа хип хоп култура долго време и можам да кажам дека единствена празнина во тој жанр се парите. Поттикнат од немаштијата и околината која ме опкружува почнав да го творам она што го сакам. Многу ме радува што со текот на времето таа празнина што постоеше пополека се пополнува.
За некого твоите текстовите се вулгарни, директни, провокативни. Кој е твојот став?
За некого се никакви, за некого интересни, за некого смешни, а некој пак се пронаоѓа во нив. Јас сум само фин, искрен и отворен, а за луѓето на кои што не им се допаѓа мојата филозофија искрено, им кажувам нека си најдат хоби кое ќе ги релаксира, а не провоцира.
За 13 Февруари најавен е твојот голем концерт во Метрополис арената во Скопје. Претпоставувам дека сите твои активности во моментов се насочени кон тој настан. Со која екипа работиш и што може посетителите да очекуваат? Може да откриеш нешто ексклузивно ?
Точно, се е концентрирано на концертот. Со нетрпение го чекам тој датум кога македонската публика ќе ја проследи хип хоп револуцијата во Скопје. Таа ќе ја дигнеме заедно со мојата екипа од Јованов Рекордс, хаха. Ексклузивно го изјавувам следново:
- Концертот ќе биде комплетно изведен во живо со бенд, гудачки состав од девет члена (виолини, виоли и виолончела), интересни сценски настапи, кореографии кои се подготвуваат исклучително за тој настан. Но, да не откривам се, ги поканувам сите да присуствуваат и да бидат активен дел од хип хоп револуцијата.
Има ли уште некој детаљ или случување што ќе биде посебно уживање, па и шок (позитивен) за публиката во Метрополис арената?
Хаха. Нема да биде ни изненадување ни шок ако откријам нешто повеќе од она што претходно го кажав. Порачувам дека ќе има нешто екстра, но дали ќе биде позитивно или негативно ќе зборуваме после концертот.
Кој освен тебе ќе биде на сцената? Ќе има специјални гости?
Се разбира дека ќе има, хаха. Сериозно! Специјални гости ќе бидат: Тони Зен, Скит-Скитара, Пука Козметика, Кацар, Аце НЛ, Сиги, Зеле, Џака Накот, Дј Чваре, Гоги Басистот, Кико на гитара и Баге Смут-тапани.
Како лик си впечатлив, а како музичар поинаков. Каков си како човек? Што Марко сака да прави кога не е на сцена?
Како човек сум отворен, позитивен и сакам да се смеам, хаха. Кога не сум на сцена сакам да творам, да работам, да трчам, да анализирам, да се екипирам со екипата и да се подготвувам за концерти.
Кој е кум на Слаткаристика. Чекај, Слаткар е прекар од Слаткаристика или нешто друго е во прашање?
Слаткар ме викаат од 4 години. Името Слаткаристика ми го даде Деко од Клан Исток кој ми е кум, хаха и кој воедно многу го почитувам.
Од кога всушност постои желба кај тебе за музика, како се почна?
Од мал сум опкружен со музика. Креирам, слушам, апсорбирам идеи, мотиви, се надградувам, анализирам сценски настапи, концерти, филмови и театарски претстави.
Што следува после концертот?
Ќе одам во Амстердам, хаха. Чекај, чекај. Прво нека заврши концертот па ќе видим на кој датум ќе летам, со која авиокомпанија и што ќе правам понатаму, хаха.
Тони Зен и Слаткаристика во мјузикл ?
Бекстејџ екслузивно дознава дека Тони Зен и Слаткаристика, наскоро ќе ги гледаме во мјузикл. Идејата хип-хоп револуционерите да се обидат и на театарската сцена е на челните луѓе на МОБ, кои сакаат на големата сцена во ново изработен домашен мјузикл да ги ангажираат двајвата рапери.
Инспирацијата тоа да бидат токму Слаткаристика и Тони Зен е од нивната моментно голема популарност. Како урбани градски дечки, со својата музика и рапување на сцената тие можат да се вклопат и во еден модерен мјузикл. Иако идејата се уште е во фаза на реализација и се чува во тајност, од проврени извори дознаваме дека Слаткаристика и Тони Зен се многу блиску до моментот да ја прифатат понудата, на големо задоволство на директорите на МОБ.
Пред да застанат на театарската сцена, двајцата заедно ќе ги видиме на концертот на "Хип хоп револуција во Скопје", на 13 февруари во Метрополис Арената, кој го oрганизира "Јованов рекордс".