Се согласувам со се и апсолутно не ги спорам фактите, напротив истото сум го пишувал неколку пати. Затоа подеднакво ми се смешни и десните популисти од Германија и Франција, како Афд или Ле Пен, со нивните приказни. Зошто и они ја прикажуваат само едната страна на паричката.
Меѓутоа, тоа не ми беше поентата на муабетот. Има и други факти, слободата на движење и работа им овозможи на земјите од Источна Европа да ја искористат неспоредливо пониската цена на единица труд во нивните држави во споредба со развиените од Западна Европа, за да бидат поконкурентни и да привлечат инвестиции од развиениот дел од Европа, вклучително Франција и Германија. Слободата на движење на стоки им овозможи да ја искористат географската близина до главните потрошувачки пазари во Европа, за голем број на бизниси да ги преместат производствените погони на нивна територија, да им се намали невработеноста до ниво на фрикциона невработеност, да добијат бесплатен трансфер на know-how и напредна технологија. Слободата на капитал им овозможи на нивните бизниси да добијат пристап до поефтини пари и поголем финансиски пазар, создаде силна средна класа и домашна побарувачка. Заедничката монетарна политика и еврото им овозможи на Италија и Грција да позајмуваат пари на меѓународните финансиски пазари по пониска каматна стапка, отколку што би било случај кога не би биле во Еврозоната. Фондовите за разој на ЕУ и ЕБОР, каде самите имаат минорно учество, им овозможија со многу мал трошок да добијат огромни инвестиции во инфраструкутрата, а да го избегнат товарот врз јавните финансии. Би било фер и овие работи да ги спомнеме, нели?
Секоја економска одлука е врзана со некој бенефит и трошок. Нечесното е кога се потенцира едното, а се занемарува другото, што е реално forte на популистите од овие нови десници и левици низ Европа. Па така, членстово на земјите од Вишеградската група, или членството на Италија, или она на ВБ во заедничкиот пазар на ЕУ е поврзано со определен бенефит и трошок. Затоа, прашањето се сведува дали на овие држави им е подобро внатре или надвор од ЕУ и дали ќе го имаа истиот пат ако никогаш не беа дел од заедничкиот пазар. И за тоа има само еден одговор, внатре. Има сериозни економски анализи и има илјадници страни теорија што го потврдуваат тоа. Може и стапките на раст на БДП на Полска, Чешка и Словачка да ги анализираме, особено после 2008 година.
Регулативата на ЕУ се неефикасни, обликувани од национални интереси и создаваат диспропорционално поголеми трошоци за помалите земји, ама и такви такви што се, се многу подобра опција за бинзисите од тие земји од тарифните и не-тарфините бариери што националните држави со полн суверенитет ги користат како инструмент. Нема бизнисмен во ЕУ што ќе ти го каже спротивното. Еве, прашај ги и кај нас извозните компании, со какви проблеми се соочуваат со држави како Србија, да не одиме понатаму. Без разлика што постои ЦЕФТА и сите останати меѓународни договори. Математиката се менува. Балансот на моќ и релативната политичка и економска тежина на државите не се менува во зависност од тоа дали се во ЕУ или не. Германија и надвор од ЕУ ќе диктира услови наспроти овие држави од Источна Европа, само ќе биде попрљав играч од претходно.
Италија, беше позната по лошо менаџирање со јавните финансии и пред Еврозоната. Причина за тоа им е нефукнционалниот политички систем и бизнис културата. Ако се направи споредба на каматните стапки на државните обврзници и стапките на инфлација уште во времето на ЕРМ, се гледаат вистинските причини за макроекономската состојба во која се наоѓа Италија, иако конкретни политики на ЕУ воопшто не помагаат за тие да не дојдат до израз.
Поентата ми е дека, типот на “не е до нас, до нив е“ политички пораки, се само пола од вистината. И се приказна, ништо друго.
Се разликуваме во тоа што, за мене, наводното враќање на суверенитетот во свои раци, воопшто не им е одговорот на разните разочарани политички групи низ Европа, ниту пак ќе им ги реши проблемите. Тоа е илузија што оваа популистичка приказна им ја продава, зошто најлесно се голтаат едноставните решенија на комплицираните проблеми, кога има недостаток на добри идеи. Овој прероден, алтернативен десен популизам, што добива на замав, е реакционерна политичка сила, нема никаков капацитет да понуди решенија. Само ветува дека ќе ги врати условите што веќе не постојат. Времето нема да почне да тече наназад ради политичката волја на неколку харизматични политички лидери.
Причините за проблемите на ова разочарана, револтирана, претежно работничка, класа на граѓани се во прв ред, технологијата, оваа втора ера на глобализација која трае од 1989 година, меѓународниот финансиски систем и некои останати глобални системски процеси (пример растот на Кина), кои создаваат суштински општествени промени во нивниот социо-економски статус. И тоа, со стапка на промени која традиционалните општествени институции, не можат да ја следат за соодветно да се адаптираат. Враќањето на суверенитетот на националните држави нема да им ги реши овие проблеми, зошто националните држави се комплетно немоќни да ги решат. Не се дизајнирани за вакви историски услови. Не му правиш услуга на некој, ако го пратиш на фронт со пушка полна со ќорци, без разлика каков pep talk ќе му одржиш пред тоа.