Во Авганистан по пари за стан
Американската компанија „Дајнкорп“, која ја наследи „Брајан и Рут“, по Куманово отвори експозитура и во Скопје. Се нуди исклучиво работа во јужните делови на Авганистан и во кругот на некоја од воените бази
Се бараат општи работници, електричари, возачи на камиони, кранисти, столари, механичари, водоводџии, информатичари... Испратете ни ги вашите податоци во сивито, копија од пасошот и сертификатите што ги имате на нашиот имејл. Доколку сте избрани за работа, ние ќе ве контактираме. Не доаѓајте ако претходно немате закажано. Тогаш ќе ви кажеме и колкава плата ви нудиме за работата за која ќе ве примиме.
Вака изгледа првичната комуникација на компанијата „Дајнкорп“ со се' поголемиот број заинтересирани од Македонија за работа во Авганистан.
Упатените тврдат дека бројката на наши граѓани што решиле таму да најдат извор на егзистенција веќе се мери со илјадници и дека од семејствата одат и по неколку членови. Во овој своевиден егзистенцијален егзодус, кој трае последниве пет години, предничат луѓето од Куманово и од Скопје. Сега главна дестинација за гурбетот станува Авганистан. Но, разликата е во платите што им се нудат на работниците - сега тие се пониски отколку поранешните. Но, годишната заработка таму, сепак, е многу поголема од онаа во Македонија.
За државата, ваквите аранжмани, без оглед со какви се' опасности се соочуваат нашите граѓани во земјата во која уште се води војна, не се спорни. Само пред пет години тројца кумановци беа убиени во Ирак додека таму биле на работа.
- Компаниите на регуларен начин им нудат работа на нашите граѓани. Се' понатаму е работа на нивните меѓусебни односи, на тоа како ќе се договорат и ние тука не се мешаме - изјави Спиро Ристевски, заменик-министер за труд и социјални работи.
РЕДИЦИ И ВО „АЛЕКСАНДАР ПАЛАС“
Ваков центар за регрутирање работници за во Авганистан од неодамна е сместен во скопскиот хотел „Александар палас“, каде што во мезанинот е сместено претставништвото на американскиот „Дајнкорп“. Оваа компанија има и своја експозитура во Куманово, каде што луѓето уште можат да се обидат да најдат работа во некој воен камп на сојузничките сили преку компанијата „Флуор“. Сега се нуди исклучиво работа во јужните делови на Авганистан и во кругот на некоја од воените бази.
- Се останува една година, откако претходно ќе се потпише договор во кој се прецизираат меѓусебните обврски и права. Главен предуслов е да се знае англискиот јазик, бидејќи без тоа не може да ги исполнувате обврските. Платата се исплатува кон крајот на месецот, а колкава ќе биде, зависи од понудата за секое конкретно работно место. Сместувањето и храната во кампот се обезбедени и работниците за нив не плаќаат ништо, им објаснуваа на граѓаните во скопското претставништво на компанијата „Дајнкорп“.
Оваа компанија на почетокот на месецов на својата интернет-станица објавила дека го продолжила договорот со армијата на САД за повеќекратниот ангажман во Авганистан. Од друга страна, весникот „Вашингтон бизнис“ ја рангирал компанијата како една од „најбрзорастечките“ на подрачјето на метрополата на САД, Вашингтон.
Според сознанијата, многумина од граѓаните изминативе денови се пријавувале во компанијата, која практично ја замени поранешната „Брајан и Рут“ и преку која заминуваа најголемиот дел од нашите сонародници. Еден граѓанин ни рече дека сега се нудат многу помали плати отколку порано.
- Мене ми понудија да работам една година и за тој период да добијам 12.000 долари, односно, по 1.000 месечно. Мислам дека тоа не е во ред бидејќи други странски работници добиваат многу повеќе. Освен тоа, за тоа време не можам да го напуштам Авганистан, ниту да користам годишен одмор. За некој невработен човек во Македонија тоа се многу пари, но навистина е некоректно да примаме толку помала плата од другите работници - вели овој граѓанин.
Сепак, постојат и други искуства што велат дека нашите работници во Авганистан добиваат просечна плата од околу 3.000 долари. Тоа значи дека некои можат да добијат помала, но некои поголема месечна заработувачка.
БЕГААТ ОД СИРОМАШТИЈАТА
Најчесто се решаваат да заминат на работа младите кумановци, кои се притиснати од невработеноста и од сиромаштијата. Веќе никој не знае колкумина заминале. Неофицијално, се зборува за околу две до пет-шест илјади кумановци што се на печалба.
- Две вработени девојки во мојата трговска фирма заминаа во Авганистан откако не најдоа работа по завршувањето на студиите на Економскиот и на Правниот факултет. Не им се исплаќаше да останат. На некој начин беа принудени да заминат на печалба. Навистина е жално, ама тоа е - вели еден кумановски сопственик на трговски дуќан.
Кумановец што пред половина година дипломирал на еден од скопските факултети раскажува дека видел каква е состојбата со вработувањето и почнал да аплицира за работа во „Флуор“.
- Знам англиски, што е еден од приоритетите. Се пријавив и ми се јавија на телефон. Ми рекоа дека за една година ќе заработам околу 50 илјади долари. Деновиве заминувам - вели тој.
На печалба во Авганистан заминуваат и млади со завршено средно образование. Еден од нив пред да замине работел како возач за стотина евра месечно.
- Тоа се малку пари. Имам 23 години. Со таа плата не можам ниту јас да живеам, а камоли семејството. За купување стан не ни размислувам. Ме примија да работам во кујна. Велат дека било најтешко да се работи в кујна, но ќе издржам - раскажуваше момчето кое веќе е во Авганистан.
Друг кандидат наведува дека му била понудена плата за каква што дома не може ни да сонува.
- Разговорот го водевме на англиски. Тој виде дека солидно го владеам. Му реков дека имам диплома за високо образование и тој ми рече дека ќе ме распореди во администрација. Можно е да напредувам. За почеток ќе добијам 45 до 48 илјади долари годишно. Сместувањето е во шатори со дваесетина луѓе. Не знам какви се шаторите, знам каква е таму состојбата, но знам дека и овде немам никаква перспектива. Со парите што ќе ги заработам таму ќе можам нешто да им помогнам на моите родители, а со дел можам и да продолжам со образование некаде во Америка и повеќе да не се вратам. Ова за нас, младите, е земја во која нема надеж - разочарано раскажува момче од Скопје.
Интересно е да се наведе дека и за заминувањето на ваква печалба голема улога имаат врските и пријателствата.
- Јас веќе една година чекам. Упорно аплицирам, ама немам никој близок што ќе ми даде препорака за да заминам. Кога некој би ми помогнал, би му дал и една плата - вели едно 20-годишно момче од Куманово.
ЗАВЕТ ЗА МОЛЧЕЊЕ
На печалба во Ирак и во Авганистан се и кумановци што како технолошки или економски вишок, по пропаѓањето на фирмите, останале без егзистенција.
- Стари сме за нови вработувања, млади за во пензија. Имам два студента дома. Супер се, а јас да немам пари да ги дошколувам. Добив билет и за една седмица заминувам - вели 50-годишен кумановец. И меѓу постарите печалбари има од квалификувани работници, до инженери, правници, економисти, новинари, понекој лекар...
За условите во кои работат во кризните подрачја малкумина зборуваат. За тоа како им е, велат дека потпишале договор за молчење.
- А, зошто да раскажувам? Што имам од тоа? Кој ми дава тука работа и плата со која ќе можам да живеам со семејството? Морав да одам. Честопати си велам да не беа тие неколку години печалба таму, и јас и моето семејство ќе умревме на улица. Никој немаше да не' праша како ни е. Таму е тешко, ама благодарна сум што ми овозможија да застанам на свои нозе - раскажува кумановка која по пет години во Авганистан се врати во Куманово.
Таа додава дека гледајќи ја состојбата во градот и во земјава, бара начини како да се исели.
- Засекогаш. Никогаш не би се вратила повеќе, се' ми е преку глава - вели револтирано.
дневник