- Член од
- 16 февруари 2007
- Мислења
- 2.780
- Поени од реакции
- 8.235
Хипербола
Се навраќам низ времето,еднаш одамна,кога имав 10 години.Тоа беше за мене турбулентен период во кој ми доаѓаа до степен на кристализација одредени вистини за тоа кој сум јас и каде води мојот пат.Ги одбивав малите слатки машнички кои мајка ми ми ги ставаше пред да ме запознае со некои нивни пријатели и да се фали колку тоа сум бил паметен и воспитан.Престанав да јадам црева и кормушки,колку и да ми викаше татко ми дека така и докажувам на баба ми,која обожаваше да ги прави,дека ја сакам.Баталив обични песнички за деца и поп музика и почнав да слушам The Offspring.Своеволно отидов и ги потсрижав локните од тогаш плавата коса,и се вратив дома,разочарувајќи ја мајка ми,која со нив ме гледаше како некое дете на Аполон.
Почнаа да ми се менуваат погледите кон светот.Почнав да запаѓам во длабока меланхолија.Многу вечери размислував за егзистенцијално-интелектуалната криза која ја опфати мојата генерација.Се плашев за иднината со такви луѓе.Се навраќав на моментите кога у школо моите врсници се делеа на манчестер и баерн фанови,па се тепаа меѓусебно.Или кога се делеа на Лук Скајвокер и Дарт Вејдер следбеници,па пак се тепаа меѓусебно.Потоа некои слушаа рап,а некои рок.И тие се тепаа меѓусебно.Ме чудеше потребата од такви сегрегации на индивидуалистички помор во кој тие толпи мои врсници се доведуваа во себенабиен ќорсокак да се оправдуваат себеси и својот избор преку безмилосно млатење на туѓиот избор,однапред знаејќи дека и двете страни ќе бидат поразени кога ќе влезе наставничката и еден по еден ќе ги нареди и ќе им даде суво стапче по рачето.Или ќе стојат во ќош свртени кон корпата.
Потоа,се мачев со помислата за тоа како шовинизмот продира длабоко во мисловниот импринт на моите врсници од машки пол,гледајќи преку фактот дека се случуваа суптилно-подмолни ситуации кога еден мој врсник неочекувано ќе и пријдеше на една моја врсничка,и неочекувано ќе ја зграпчеше за анусот.Потоа таа,изненадена и шокирана,ќе почнеше да го гони мојот врсник,а тој,повторно крајно лукаво,ќе побегнеше во машкиот дел од уринарницата,каде моите врснички никогаш не влегле.Врсничката би стоела таму некое време,чекајќи го мојот врсник да излезе,а тој,безбеден во уринарницата,би и се ползел и правел чудникави гримаси,орангутански уживајќи во својата победа.
После долго размислување,прејдов преку машкиот шовинизам.Она што ме шокираше на тие мои млади години е тоа дека утрешниот ден ги гледав истите тие двајца мои врсници кои претходниот ден беа виновници за анус-инцидентот,како се држат за рака.Ме запрепасти тоа како интегритетот,особено оној на мојата врсничка,беше така лесно скршен,и наеднаш,туку така,без одредена причина,целосно исчезна нејзиниот поранешен гнев.Па дури и се случи некоја космичка блискост помеѓу тие двајца.Сакав да се обидам со таков експеримент и јас да зграпчам анус на некоја моја врсничка,но се предомислив поради фактот дека ме мрзи да трчам до машката уринарница.
И покрај разочарувањата од целото тоа просветлување во мојот живот и моето навлегување во интелектуалните води,сепак решив да му дадам шанса на светот.Во нашиот град имаше детска дискотека наречена Кукаманга,која ги отвараше своите порти од 18:00,и работеше до доцните часеви,негде до 22:00.Па во тој мој експеримент на запознавањето со светот и луѓето,решив да проживеам малку клаберски живот.Отидов на забавата со неколку мои другари,главни фраери во генерација,кои никогаш не лежеле кога у клас се играше Јанино Јанино.Бев со искусни мадерфакери.Си купивме билети и влеговме.На почетокот убаво ми изгледаше целиот тој диско сенс.Големата диско топка на таванот се вртеше,и преку моите очи ствараше одблесок кој патуваше низ просторот со брзина на светлина која ја испушта диско топка на таванот.
Седнавме на маса,блиску до денсинг просторот,за да имаме добар преглед на се што се случува.Покрај нас поминаа многу наши врсници,кои не заборавија да дојдат и да се поздрават со нас.Во тие моменти почувствував како е да се има моќ и авторитет,и тогаш осознав дека тоа е врховното нешто во животот.
Забавата почна.Програмата беше јасна.Прво дојде водителката,една возрасна типка која беше прва година гимназија и вистински партимејкер.И имаше прцлиња.Таа го почна шоуто се неколку смеш-хит класици од Златно Славејче,Дајте Музика...а ја пуштија и Бушава Азбука химната,која од моите врсници и генерација+- парти-пријатели,беше поздравена со громогласни овации.Потоа почна караоке делот,каде млади и талентирани мои врсници и врснички и +- генерација парти-пријатели ги покажуваа своите вокални таленти.Една девојка од 9 години испеа нешто на германски.Тоналитетот и беше мошне слаб и според моја проценка требаше да поработи на дишењето.За текстот неможев да коментирам,бидувајќи на германски,ама не беше лошо.Второ на сцена се качи едно буцкасто момченце со румени обравчиња и ја пееше Ех Тој Тоше,што,според мене,беше апсолутен mishap и грешка,одејќи по фактот дека тој беше буцкасто момченце со руменки обравчиња кое пееше за некојси Тоше.Тогаш првпат ми влезе во глава дека тој мој врсник или +-генерација парти-пријател е можеби геј.
Имаше уште неколку изведби,по кои започна денсинг делот,и тоа беше моментот кога се почна да се распламтува.Бекстрит Бојз,Спајс Г'рлс и сличните мегапопуларни и мегаквалитетни тинејџ идоли беа вистински стимул за покачување на атмосферата.
Сите станаа да играат.По некоја логика за себепрезервација од Понеделничко заебавање нашколо(да појаснам,забавата беше во Сабота),и да не седам сам како свирец,се придружив на големата толпа мои врсници и генерација +- парти пријатели на денсфлор-от.
Не играв.Додека бев во средина на таа гужва,ја забележав ситуацијата која се случува и која следствено ќе донесе некои моменти сосем непожелни и одвратни за мојата генерација и +-генерациите кои беа на таа забава.
Девојките играа провокативно,а момчињата стоеја преблиску до нив,некои дури се дрзнуваа да ги држат за половина.Имаше и такви недостојници меѓу двата пола,кои се соблекоа и на куси ракави.А јас мошне свесен бев за тоа дека не е толку спарно,па за да бидат приморани на таков чекор.Нешто друго беше во прашање.Нешто непримерно.Тогаш го сфатив концептот за неморал.Се ми се сруши кога видов еден мој врсник како бакнува една моја врсничка во уста.Ги ставив очилата кои ги носев во џебот од срам да не ми се смеат за да видам дали мојот врсник користи јазик....не користеше.Малку ми олесна,но сепак целата таа ситуација беше неподнослива за мојот интегритет,па избегав од гужвата и отидов на шанкот.
А таму седеа оние кои беа исфрлени од популарните врсници.Се полеваа безмилосно со сок од јаболко,уништувајќи го својот организам.Тажни беа нивните лица,тажни беа нивните очи.Запоставени и исфрлени,налеваа сок од јаболко во своите фрагилни тела,упорно трудејќи се да заборават кои се и што се,да заборават на своите маки.Таму седеше и еден мој другар од забавиште,за чија сегашна состојба на вечно пијанчење и отфрленост,делумно виновен бев јас.Тој мој другар додека учевме заедно во забавиште,еднаш ми пријде и ми рече дека многу го болело стомак и дека морал да си оди,патем ме замоли ако може да ја информирам воспитачката.Јас се согласив,а кога тој си замина,насекаде разгласив дека си заминал бидејќи се посрал во гаќи.И на воспитачката и го кажав истото.Мојот врсник колку и да се трудеше да го побие тоа,сепак му остана како наследство од тоа време,и тој никогаш не беше прифатен од никого,бидувајќи Тој Што Се Посра Во Забавиште.
Бев засрамен од себеси.Бев засрамен од цела моја генерација полна промискуитетни,непринципиелни,пијаници,депресивци и садисти.
Си го земав палтото и избегав од тој прчварник.
Трчав накај дома.
Попат паднав во еден длабок вир.
Сакав да потонам во тој вир полн калишта и вода...и по некое ливче паднато од дрвјата.Разочаран од светот,сакав да се удавам во него,да не бидам дел од мојата генерација и од генерација+- парти пријателите.Мислев дека овој свет не заслужува ништо подобро од тоа што се случи во таа кочина,и си ветив на себе дека ако не се удавам во вирот,никој веќе никогаш нема да ме види.Освен во школо,каде мама ме тераше да одам.
Го преживеав вирот,и со моето прво горчливо искуство со реалноста во светот,а со уште повеќе кал на мене,се вратив дома.
Ми лупна една мајка ми по тил и ме прати да се бањам.
Не сакав.
Бев индивидуалец и решив да се противам на законите наметнати од други.
Ми лупна уште една.
Се избањав и си легнав.
Ми рече и чорапи да сум облечел оти ќе сум настинел.
И тоа не сакав.
Ми се закани дека ќе ми лупне уште една.
Ги облеков,легнав и заспав.
Утредента се разбудив и ги гледав Red Hot Chilli Peppers на TV.
И јадев палачинки за појадок.