3 - Iron
Ова е филмот кој не можам да го тргнам од мисли повеќе од 24 часа по неговото гледање. Извонредно остварување на корејскиот режисер Ки-дук Ким. Во суштина приказната е едноставна, но сите елементи кои ја спојуваат нудат многу причини за размислување. Станува збор за еден младич кој нема свој сопствен дом, се вози на мотор и ги посетува куќите на луѓето кои ги напуштиле за одреден период, им поправа по дома тоа што им е расипано, им ги пере алиштата и средува. Така се добива впечаток како отсекогаш да живеел таму. Тоа е неговата секојдневна рутина, провалувањето во туѓи домови, меѓутоа однесувањето што го гледаме кај него не е така вообичаено за провалници кои сме навикнале да ги гледаме.
Младичот наидува на несекојдневни ситуации и запознава една девојка која е прикажана како принцип за негова venus urania т.е. вечна љубов или сродна душа. Главните ликови во филмов воопшто и не зборуваат, а другите се едноставно збунети пред нивните постапки. Можеби идејата на режисерот била да не натера да размислуваме дека можеме да живееме и на друг начин, а не онака како што сме навикнале, да предизвика двоумење за тоа што е реалноста, а што сонот, да не збуни преку молчаливоста на овие два лика и да не зачуди.
Има многу моменти кои ме наведоа на размислување дали е вака или инаку, па топло го препорачувам на сите филмаџии кои го немаат гледано, се надевам дека би се развила некоја дебата околу филмов затоа што навистина вреди. И мислам дека го избрав вистинскиот период за да го гледам, можеби ако го гледав пред некоја година би рекла дека е глупост и не би разбрала ништо, но бара голема концентрација и длабока анализа.