Hereafter (2010)
Дедо Клинт, вака сега:
Значи дедово полека но сигурно ми станува еден од омилените режисери и дефинитивно многу повеќе го сакам како режисер отколку актер (не дека беше лош). Не е толку до филмовите туку до приказните кои ги бира и начинот на кој ги пренесува. Клинт е раскажувач, од оние старите кои седеле покрај каминот и им читале на внуците. Сите кои ги гледале (и на кои им се допаднале) Mystic River, Million Dollar Baby, Changeling, Unforgiven, Gran Torino... знаат за што зборувам. Останатите прескокнете, рецензијава не е за вас.
Прво да кажам дека филмов е вистинско маркетиншко чудо во негативна смисла на зборот. Најпрво, пред некои 5-6 месеци, при крајот на снимањето, се зборуваше дека овој филм ќе се бори за Оскар. Најлошата услуга на филмот му ја направија луѓето задолжени за трејлерот, кој уште малку фалеше да наликува на The Day After Tommorow, ти се чини Клинт снимил пред-апокалиптичен филм. Претпоставувам дека како и обично, ова било причина кино салите да се наполнат со различна таргет група, т.е. наместо љубители на гореспоменатите филмови, претежно љубители на драмата, филмот да го посетат љубители на блокбастер спектакли и нормално, да се разочараат.
И еве го и трејлерот за оние кои сакаат да го видат, со напомена дека покрај тоа што води во погрешна насока, има и некој спојлерчиња па можеби е подобро да го видите после филмот:
Јас лично го очекував филмов од кога ја прочитав најавата а потоа читајќи ги критиките се плашев дека ќе ме разочара како и секој филм од кој се има високи очекувања, но дедо Клинт уште еднаш го потврди својот стил и начин на правење филмови кој ми се допаѓа. Досегашниов текст е чисто да ви даде слика за филмот, па ако сте фан, повелете.
Значи, се работи за драма, по концептот слична на филмови како
Babel (2006) и
Crash (2004/I) , значи различни приказни кои во еден момент се спојуваат. Но слични се само по концептот зошто во тие имате чувство на неверојатен и некогаш неочекуван склоп на приказните додека овде тоа е очекувано. Едноставно ова е драма во која прво е раскажан background-от на ликовите а потоа се случува неизбежниот контакт. Ликовите од три страни на светот се една жена, новинарка од Франција, која доживува необично искуство во Цунамито (заборавив каде се случи тоа), еден поранешен „Саше фактор X“ од САД и едно дете од Англија, а самата тема на филмот која ги поврзува овие ликови е „Живот после смртта“.
Збор два и за некои елементи во филмот. Прво, сцената со Цунамито не неверојатна и тоа не само од аспект на визуелни ефекти туку и на камера, целата идеја и реализација ја дадоа една од најдобрите воведни сцени кои сум ги гледал. И да, не сме навикнале во филм на Клинт да има такви сцени но не смееле тоа да го „злоупотребат“. Понатаму, сите главни ликови беа на висина на задачата и самиот жанр не трпи филмови со лоша глума, затоа што цел филм се базира на актерите. Одлични беа и Matt Damon, и Cecile de France, двајцата близнаци George и Frankie McLaren, а тука би ја додал и девојката со чудно име, Bryce Dallas Howard.
Темпото на филмот е бавно, како и во повеќето филмови на Клинт, дејството си оди лека полека придружено со минимална доза на музика во позадина. Тука можам да кажам и дека на моменти дејството знае да падне, т.е. после една емотивна и добро обработена сцена да дојде друга, не многу важна и малку досадна сцена, и ова обично се случува околу средината на филмот. Значи, можеле малку и да скратат.
Покрај лошиот маркетинг, мислам дека филмов има лоши критики и поради предрасуди и субјективност, како и сите филмови кои се бават со „чувствителни“ теми. Што се однесува до оскарите, минатата година мрчев за Agora, а сега за овој филм кој се наоѓа на „спротивната страна на тунелот“. Затоа што со предрасуди не може да се добие нормален впечаток за еден филм. Доби една номинација за визуелни ефекти, колку да му прави друштво на Inception. Мене не ми иде во глава како ваков филм не може да добие номинација за најдобар филм, да влезе во тие 10, а од друга страна, номинација да добие The Kids Are All Right. Затоа што во овој филм нема лезбејки? Да, тоа е едно логично објаснување...
Од мене
9 кроз 10 и препорака за оние кои гледаат драми и кои го почитуваат ликот и делото на Клинт Иствуд.