America, America
После класиците Gentleman's Agreement , Streetcar Named Desire и пред се Оn the Waterfront, пошироко познатите East of Eden и Splendor in the Grass, како и не толку познатите Viva Zapata и The Arrangement решив да го гледам Америка, Америка кој е еден од подоцнежните филмови на Елија/Илија Казан. Почнав некои негови изјави да читам и видов дека овој филм го сметал за најличен и најомилен. Затоа одлучив и него да го гледам.
Филмот е на некој начин биографски за семејството поточно роднина на Елија Казан кој имигрирал во САД, земјата на слободата.
Првата и последната сцена се исти - приказ на една гола планина сред пустелија во Анадолија, Отоманска Империја. Главниот лик е млад Грк, најстарото дете на средна класа трговска фамилија, кој сонува да плови за Америка. За да го оствари сонот запаѓа од една во друга неволја. Карактерот на ликот се менува и тоа прилично драстрично - на почетокот е дете кое се смее, не знае воопшто да мрази, за да подоцна стане созреан млад човек кој ниеднаш не се смее се до стапнувањето на американско тло.
Интересна забелешка за филмот е тоа што режисерот (кој секако и самиот е со грчко потекло и филмот му е правен врз основа на сведоштва и сеќавања на неговите родители за доаѓањето во САД) ги претставува Грците како тромав народ. Они не се бунат што се окупирани, дури таткото на главниот лик и ужива некои протекции од Турчинот што ја раководи провинцијата бидејќи е ужасно сервилен. Кај Грците нема ништо херојско. Ерменците пак од друга страна се тие што се бунтуваат и не се помируваат.
Имаше една сцена со бабата на протагонистот, која живее во тие подземи пештери (заличуваа како оние во Кападокија), како му вели на внукот - Турците кога плукаат, ние викаме дека они не не плукаат, туку дека врне (парафраза).
Друга интересна работа ми беше тоа што главниот актер многу наликуваше на Џејмс Дин поради скршеноста, подгрбавеноста на телото, гестикулациите па и ликот само со потемен тен.
Инаку филмот има доста добри поенти: немилосрдноста на животот, големо, пожртвувано пријателство, истрајноста во остварување на целта, маката на иселувањето...
Елија Казан, кој два пати има добиено Оскар за режија и под чија палка доста актери имаат освоено Оскар за машка улога (вкупно 9 и над 20 номинации), за овој филм има добиено Златен Глобус за режиja. Во филмот на почетокот и на крајот го слушаме неговиот глас како наратор. На почеток го презентира идентитетот, на крај кажува како завршува неговата фамилија (ова беше тажно).
И уште збор-два за режисерот. Многу актери што работеле со него кажуваат дека на чуден начин успева да го извлече тоа што го сака од нив. Не ги малтретирал како Кјубрик, но на чуден начин пред да почне снимањето манипулирал и го добивал тоа што го сакал. Кај него доста е присутна и импровизацијата и спонтаноста. Во едно интервју сам кажува дека сите режисери кога би се случило нешто што е вон сценарио додека се снима филм, веднаш би рекле CUT. E тоа кај него го нема. Он следел да види како со тоа ќе се справат актерите.
Инаку е и основополножник на Actors Studio кое подоцна е преземено од Ли Стразберг - со децении богот-учител на глумците со кои се менува засекогаш глумењето.