Диригент (2012)
„Диригент“ е третиот филм, после „Остров“ и „Цар“, што го имам гледано од рускиот режисер Павел Лунгин. Пред да го гледам ја видов ниската оцена на
IMDb 5,8 што малку ме подзамисли дали да потрошам време на него.
Колку е различен од останатите два филма ако ја земеме во предвид тематиката која ја обработува, толку е и сличен со нив по длабочината и кратките, но издржани реплики на ликовите.
Станува збор за високоценет и почитуван диригент кој треба да го одржи концертот „Страданијата според Матеј“ (инаку музика компонирана од страна на рускиот митрополит Иларион Алфеев инспириран од опусот на големиот Јохан Себастијан Бах) со својот оркестар во Ерусалим. Пред финалната проба диригентот не се појавува, што предизвикува општо чудење кај неговите соработници.
Интересен е односот кој го имаат членовите на оркестарот кон диригентот. Тие чувствуваат кон него огромна стравопочит и се плашат за што било да му преречат или да го прашаат. Ми се чини дека режисерот сакал да ја прикаже и таа уметничка дисциплинираност и строгост која мора да ја има еден човек на кој не му е дозволена ниедна мала грешка. Од таму диригентот на некој начин како да го нема човечкото во себе бидејќи целиот живот го ставил во служба на совршенството на музиката. Целиот сопствен живот, па дури животот на својот исто така талентиран син.
Случката со синот е излишно да се прераскажува бидејќи за неа говорат самите филмски кадри. За да Лунгин го направи тоа попотресно и повпечатливо го избрал Ерусалим и ветената земја.
Убав „шмек“ на целата приказна дава и сликата на денешниот модерен Еррусалим, каде на пазарот во кој се движат туристи, кукавички облечен како ортодоксен Евреин се разнесува бомбашки самоубиец, при што погинува една мајка на две мали деца.
За крај реченица од писмото на синот до таткото диригент:
„Тато извини што умрев. Нема повторно.“
Лунгин има кажано дека треба да се прават „филмови кои болат“. Со овој негов нов филм го отстварил тоа.