Сонет
Можеби си спомен, нечујно што минал
низ моите мечти оставајќи трага?
Можеби си зборот јас што сум го скинал
од усните свои, низ насмевка блага?
Можеби си сенка што во ноќта сина
одмина без „збогум“, недофатна, драга?
Или: крик на страдник безгласно што зина?
Или: лик на свидна, неплакана тага?
Остани за навек Моја, Една, Блиска,
биди само име в занес што се блада,
биди песна звучна што низ солзи плиска.
Остани за навек далечна и нема,
биди вечен гост на срцето што страда,
од кај не ќе може никој да те зема.
Љубов
Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе...
Прашинка љубов, прашинка ништотна,
прашинка невидна,
но сепак љубов, сепак љубов.
Дај да те имам во дланкиве
Нетежина, Несетило.
Дај да поверувам дека си во мене,
стуткана некаде во мене.
Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе...
Како што на пролет цветниците зачнуваат
дај да те заплодам,
за да се родиш во мене
љубов богатница, љубов имовита,
љубов плод, љубов надрочен.
Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе...
Но, јас те имам немаштино
најтрајна недостиг,
најблиска недофат,
најголем недорек,
па, место грижата за тебе
поначесто сум доволен од себеси.
Скица за првото писмо
до Ема Гермова
Родена за да се родиш на мојот љубовден
и прв и последен, јас Те именувам МОЈА !
До тој ден Те прижелкувам по севезден
и дните стопати до прекапнување ги бројам.
I love You, ја лјублју тебја, Ich liebe Dich,
како ли уште треба да речам дека Те сакам?
Колку е збунет овој недовршен стих
пред една чуденка, пред молкот на саканата !
Зборот го болувам, болот го зборувам,
не го преболувам, не го прегорувам,
и ќе ме сотрат еден ден чинам
или убавите жени или лошите вина.
Малку ни остана за да младуваме
песно, ко најверен пес што ме пазеше
од сите јадови што ги јадувавме
и од радостите што ги радувавме
ние-непобедниците непоразени!
Зборови скудни, вие предавници мили,
речете и:
за тебе сме сочувани низ сите Харибди и Сцили
во чувствата на оној што треба да е твој,
твој во најсвидните денови неспокој.
Македонски монолог
В крвта ни остана едно недоречување
ропско, македонски и зошто не: наметнато !
И требат тони грижи на појќе поколенија
за да се истријат тие петна
на срам од себеси, од себепремолчување.
Не знам дали сум јасен, Родино,
но сета дарба што ја носам и за себе ја викам
најобично несокривање на мислите,
ќе Ти ја завештам во трајна своина,
оти нам ќе ни бидат недоволни нашите години
за да Те дотераме како милноина
и како наш протеј да Те осмислиме.
Самите се нарековме тоа што сме,
самите в часот зол и ќе се преброиме-
но, пуста таго ле, смев до смев па грев до грев:
одвеќе стоиме! И ако така уште постоиме,
не ќе постоиме!
Кои ли бевме? Кои сме? Од кај ли дојдовме?
кого ли турнавме, кого ли качивме на престол?
И дали не ни е нужен некојси дедо Фројд
за да ги одгатне нашите нејасни гестови?
Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде
да не би одново да Те раздадеме !
Толку го демне срцево голомразица
да не би да Те запреатме во фрази,
па, како сите умници на светот
што саможивништвото за вјерују го прифатија,
да се извикне гордо и клето:
UBI BENE IBI PATRIA !
Нашинска
Да ни е да сме доста
колку за да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине-
Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине-
Да ни е да сме мерата
колку за да се прелееме
од колено во колено до крај истрајвекот-
Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден не пребројуваат
Но ние сме како што сте како што се
и покрај се' и покрај се'
колку сме толку сме токму сме!
Гане Тодоровски