Не сакам, ама МОРАМ ДА КАЖАМ зашто ми стои грутка во грлово која никако да ја плукнам или недај боже голтнам сиве овие денови исполнети со неизмерна тага и нескротлив бес.
Знаев дека многумина ќе изгубат мерка, дека ќе се јават ситните души, ама дека ќе "истрчаат на терен" толку "воени профитери", е тоа искрено не верував. Како бе луѓе толку брзо се "соземавте" и извадивте и суво и сирово од материјал што ви се нашло по приватните долапчиња, па се самопрогласивте за негови ексклузивци кога мене се уште не ми врти мозоков со елементарната брзина за да можам да почнам иоле нормално да функционирам?
Што да кажам, освен ВЕ МОЛАМ воздржете се од "селф-маркетинг" барем еднаш во животот. Ве молам поштедете не и сите нас кои се уште се гушиме во голема тага, а најмногу неговите родители. Престанете да се китите со неговите ангелски перја. Бидете почестени што сте ја имале таа привилегија Бог да ви даде уши (ако не душа и разум) да уживате во неговите песни. Чинам не е за фалење ако ви го дал последното интервју, а да не знаел дека му е последно. Срамота е да се фалите и дека вие сте го направиле, дека почнал со вас и завршил со вас. Уште помалку е за фалење дека сте му го "штипкале газето", а сте поминале без шлаканица единствено затоа што беше воспитан и премногу толерантен кон сите. Се надевам или сакам да верувам дека само моментно некоја емотивно-еуфорична вртелешка ви го замелуши умот па си дозволивте такви изјави.
Срамотно е и да гостувате во комеморативни емисии и да говорите за него, а да не сте го сретнале никогаш во животот, а уште подолно и крајно лицемерно е да се истопорите пред камерите и да говорите како бил ваш студент, а да премолчите дека не му дадовте потпис зошто "имал три минуса" за отсуство на часовите, во време кога тој најинтензивно го вееше македонското знаме низ Балканов. Заради вас остана покус за диплома на академски музичар. Оттука, Ве молам немојте да Ви падне напамет да се дрзнете сега да му ја дадете истата, само почесна и постхумна.
Сакам и да прашам каде е етиката? Етика ли е да им се "бутате" со камерите в лице на неговите најблиски скршени од болка, додека го гледаат своето чедо како заминува два метри под земја? Се прашувам каде ви отиде човечноста? Не научивте ли барем нешто од него? Тој беше тука, меѓу вас. Можевте да го допрете. Не беше ниту феномен, ниту етикета (читај бренд), ниту експериментално глувче за да го "черечите" така по емисии, разгледувајќи го со експертска помош од филозофи, социолози и слични на нив. Алооо! Музичар беше. Ако немате ништо паметно да кажете, барем достоинствено одмолчете. И тишината е музика. Сте чуле ли за Кејџ? Веројатно не.
Уште нешто сакам да кажам, односно да замолам. Кога веќе доволно ја оплескавте, ве молам барем да се обидете да не поштедите од разни реиздавања, ремастерирања и резлоупотреби на неговите лик и дело. Ако не "за вјек и вјеков", барем за кратко, додека не го исплачат оние кои искрено го сакаа. И потрудете се ова големо трагување да не го претворате во кич. Тој беше едноставен и секогаш се трудеше да биде одмерен во однесувањето. Никој не ви дава за право да се расфрлате со Неговото име по плоштади, улици, училишта и слични инфраструктурни нешта. Изградете му споменик во срцето, се разбира ако имате место. За другото прво прашајте. Прашајте ги барем Неговите најблиски.
Сакам уште многу нешто да кажам, ама сега е веќе џабе. Тој отиде. Затоа ЧУМУ да е сиот простотилак и конечно да Го оставиме да почива во мир!