Конечно госпотски
Нов комунален ред за жителите на Скопје
Станарите чии тераси гледаат на улица или кон некој плоштад,
на жиците и оградата не смеат да простираат алишта, завеси, постелнине и теписи, предвидува новата Одлука за комунален ред на Град Скопје.
На терасите, исто така, не смеат да се оставаат предмети со кои се нагрдува изгледот на објектот, како на пример стари плакари и стари апарати за домаќинство,
да се гледаат тегли со слатко, ајвар, обесени сушени пиперки, а граѓаните не може ниту да интервенираат на фасадата по сопствено убедување и без одобрение од надлежен орган, пишува Дневник.
На прозорците, балконите, терасите или на оградите може да чуваат само саксии со цвеќе и други растенија, но само ако не го оштетуваат објектот и не влијаат на безбедноста на граѓаните и на сообраќајот. Ако терасата е натрупана со стар мебел и апарати, комунален инспектор со налог може да го натера сопственикот да ја исчисти.
Kонечно, градската власт го регулира и проблемот со клима-уредите и од ова лето течноста од нив не смее да капе на надворешните делови на самиот објект или на соседен објект, ниту директно да се излева на тротоар.
Истите прописи ќе важат и за дворните површини во куќи и во згради, кои се со поглед на главна улица, булевар или плоштад.
-
Не е дозволено сушење алишта, тревата не смее да биде повисока од 10 сантиметри, не смее да се засадуваат овошни дрвја чии плодови ја валкаат јавната површина, а гранчињата на украсните и џбунести растенија не смее да ја преминуваат регулациската линија на јавната површина и да пречат на безбедноста на сообраќајот и движењето на луѓето - се вели во Предлог-одлуката за комунален ред во метрополата, која во среда ќе се најде на дневен ред пред Советот на Град Скопје.
Во врска со фасадите од згради и куќи, интервенциите се строго регулирани и со закон, но и со оваа предлог-одлука. Ако сопствениците на објекти во Скопје сакаат, а притоа добијат дозвола, фасадата може да ја украсат со мурал, мозаик, слика, цртеж, витраж и слично. Во сила останува и можноста да се поставуваат билборди на фасадите и разни рекламни паноа, но само под услови и во согласност со одредбите од законите за градењето, за домувањето и со прописите на Градот. За поставените рекламни и информативни паноа на фасадите ќе се плаќа комунална такса.
Ваков вид давачка ќе плаќаат и сите сопственици на продавници или угостителски објекти, кои во излозите рекламираат други фирми. Истото се однесува и на тендите по кафулиња, рестораните и деловните објекти. Ако на нив има реклама, сопствениците ќе мора на Градот да му платат комунална такса.