Нова Македонија од пред 2-3 дена:
Волерс: Спорот е прашање на идентитет
Вашингтон е загрижен за судството, медиумите и невладиниот сектор во Македонија, рече кандидатот за амбасадор во Скопје, Пол Волерс, во настапот пред Комитетот за надворешна политика на Сенатот
Во овие три сектори Волерс, по успешно спроведените парламентарни избори на 5 јуни, ги посочува главните приоритети за Македонија.
Во однос на прашањето со името, Волерс побара силно лидерство од двете страни за наоѓање решение.
- Ова е нешто повеќе од име. Ова е прашање на идентитет. Ние работевме во минатото и ќе продолжиме да го правиме тоа и со македонските власти и со другата страна преку Амбасадата во Атина. Ја посочуваме на двете страни потребата од придвижување напред по однос на ова прашање, со меѓусебна почит за историјата и за традицијата, со волја да се направи болниот компромис, кој е неопходен за да се надмине ова деликатно прашање, многу емотивно и за двете страни - рече Волерс.
Тој побара двете страни да се воздржат од провокации што би го отежнале наоѓањето решение. Волерс оддаде почит за македонските војници во мисиите во Ирак и во Авганистан, нарекувајќи ја Македонија верен сојузник на САД.
Пол Волерс треба да го наследи досегашниот американски амбасадор Филип Рикер, кој заминува во Вашингтон на позицијата заменик на помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот.
И од денес :
Молк наместо земјотрес по признанието на Пол Волерс
Тој е првиот претставник на држава (вклучително и нашава) што отворено и директно призна дека преговорите за името не се само замена на непристојната референца ПЈРМ со друго достоинствено име што нема да ни го навредува националното достоинство, туку сложена операција за декодирање на македонскиот идентитет, кој ја повредува Грција зашто сугерирал иредентистички планови
Новиот амбасадор на САД се изјасни дека грчко-македонскиот спор го засега и идентитетот
Идниот американски амбасадор Пол Волерс на распитот пред комисијата за надворешна политика при Конгресот кажа две информации што за нас имаат првокласна важност. Кажа дека грчко-македонскиот спор е многу комплексен зашто освен името, го засега и идентитетот. Оттука, како дипломат, тој смета дека во решавањето мора да се биде внимателен кон емоциите што ги предизвикува овој спор на двете страни. Како претставник на држава што во Македонија има статус на патрон Волерс ни соопштува и податок со историска важност, кој ќе треба да го вградиме како одредница во „новата“ македонска енциклопедија, а тоа е дека САД се креатори на рамковниот договор.
Тој е првиот претставник на држава (вклучително и нашава) што отворено и директно призна дека преговорите за името не се само замена на непристојната референца ПЈРМ со друго достоинствено име што нема да ни го навредува националното достоинство, туку сложена операција за декодирање на македонскиот идентитет, кој ја повредува Грција зашто сугерирал иредентистички планови. И првиот, кој отворено признава дека 2001-та беше американски проект од А до Ш. „А“ во случајов е појавата на ОНА и Али Ахмети, а „Ш“ рамковниот договор, кој доведе до октроиран устав.
Кога ќе добиете две изјави со ваква калибража, според сценариото 1, се случува политички земјотрес со голема магнитуда. Во државата што е тангирана со ваквите информации, по неколку минути од нивното агенциско лиферување, ќе се обрати или шефот на државата или премиерот со јасна недвосмислено едноставна информација за содржината на преговорите во Њујорк и за „имплементирањето“ на рамковниот. По дадените изјави, претседателот и премиерот ќе одговараат на сите возможни прашања што се поврзани со овие две теми, се разбира под претпоставка дека во Македонија има професионални новинари што умеат да ги постават. Тоа значи дека националните телевизии ќе си ги отвореа веднаш студијата, а во нив ќе пропарадираа најпаметните меѓу паметните. Според ова сценарио, во истиот момент на јавноста ќе и се обратеше и Бранко Црвенковски како поранешен шеф на три влади, поранешен шеф на држава, а сегашен доживотен водач на СДСМ и резолутно јавно ќе им се извинеше на Македонците зашто ги лажел (особено дрско од 2008 година), намерно и со години ги дезинформирал со цел етапно и без да се свесни да им го смени личниот опис и притоа воопшто не водел сметка ни колку еден американски дипломатски службеник за чувствителноста на луѓето. Освен за тоа, ќе им се извинеше и за рамковниот договор, кој лажно го претставувал како дело на неговите фамозни преговарачки способности засилени со креативниот капацитет на Фрчкоски, Димовска, Поповски, Шеќеринска и на преостанатите. Благодарение на Волерс сега знаеме дека не постоел „планот на претседателот“, дека немало никакви преговори на кои се крчкала содржината на рамковниот договор. Проектот бил спакуван во Вашингтон од првиот ден. Практично, од моментот кога во Призрен кај Ахмети отпатува Роберт Фровик со таксативно наброени директиви. Американците си имале план и тој се реализирал со сесрдна помош на една група неодговорни, неспособни, а најверојатно и сериозно корумпирани политичари, новинари и невладини активисти. Македонија и овој пат немаше институционален и човечки капацитет да се одбрани од насилниците.
Каде се сега експертите?
Иако не се возможни соодветни паралели и едноставни споредби, сепак реакциите на скандалот со медиумите што ги поседува Руперт Мердок се добар репер за она што требаше да се очекува кај нас по едни вакви откровенија. Значи, по јавното „жалам и се извинувам“, дури и ако тоа не го прави од морални причини, туку калкулантски, зашто е свесен оти по ова е политички неупотреблив, Црвенковски требаше да објави дека се повлекува од која било форма на јавен живот и кротко да си го чека конечниот историски суд за својата работа како државен функционер. Во другиот случај, јавноста, првенствено медиумите, ќе требаше да му изврши толкав притисок за да биде принуден да го стори тоа.
Според ова единствено нормално и очекувано сценарио, по ова ќе требаше да уследи доброволно напуштање на јавната сцена на плејадата грчки пропагандисти и американски рамковисти во медиумите, на професори-експерти, професори-колумнисти, истакнати партиски фаци, лидери на невладиниот сектор, практично на сите што биле ангажирани како реализатори на неверојатно морбидните кампањи.
Паралелно, ќе мораше да се отвори постапка за утврдување кривична одговорност кај носителите на јавните функции, кои се заколнале на Устав, за прифаќање наметнати обврски во неразјаснети воени околности, кои по насилен пат ја менуваат суштината на државата. Борис Трајковски, Стојан Андов, Љубчо Георгиевски како државни функционери и Бранко Црвенковски, Имер Имери и Арбен Џафери како партиски водачи со потпис што нема правно дејство, ќе треба (некои од нив и посмртно) да одговараат пред македонските судови за злосторничко здружување, односно за антиуставно дејствување и загрозување на државата. Етичкиот комитет при ЗНМ, под претпоставка дека ние воопшто имаме професионално здружение на професионални новинари, ќе мора да изврши јавна евалуација на моралот на своите членови, кои ја деградираа професијата и го изложија македонскиот народ на гнасна пропагандна тортура во која имаше навреди (македоноиди), имаше застрашувања (ќе бидеме изолирани, ќе нé прешишаат сите соседи, ќе нé нападне НАТО, Ахмети...).
Бидејќи сценариото 1 не се остварува - демек, никој не и се обрати на нацијата, никој не се извини и не се повлече, што убаво се гледа од собраниските дебати во кои повторно најгрлати се „патриотите“ од СДСМ и тоа како бранители на идентитетот и стриктни чувари на американскиот рамковен, да прејдеме на сценариото 2.
Во ова сценарио, како секој криминалец фатен со пленот, требаше да се очекува плејадата промотори на грчката чувствителност што во изминативе три години ги прогласија Македонците за антиквизатори - крадци на грчкиот историски идентитет, да му се нафрлат на Пол Волерс и да го прогласат за почесен македоноид што не знае што зборува. Но, бидејќи и тоа не се случи, повеќе е од јасно дека наемниците што ги остварувале проектите на САД и Грција во Македонија мислат во наредниот период да хибернираат во очекување на нови слични задачи. Тие и досега вака негибнати преживуваа. Ќе се притаат, па ќе се активираат наменски и силно откако ќе примат соодветни инструкции. Бучни се, агресивни и организирани. Немојте да имате ни најмалку сомневање дека моторната сила ја добиваат од големи суми пари и привилегии. Државата, доколку има способни и ефикасни институции, досега ќе утврдеше за какви суми пари станува збор. А бидејќи очигледно нема (впрочем слабиот институционален капацитет и го критикуваат токму САД), истиве дечки периодично се активираат.
Цинизмот на нашиот „стратегиски партнер“ е фантастичен. Кога го слушавме Пол Волерс како загрижено говори за својата мисија во која спаѓа слободата на медиумите, невладиниот сектор, независноста на судовите и борбата со корупцијата, а под претпоставка дека тукушто сме се спуштиле на планетава, дури ќе помислевме дека се работи за претставник на империјата на моралните вредности.
Груевски треба да биде искрен пред граѓаните
Што да се прави кога си имаме работа со прецизно разработена и безброј пати применета стратегија на политика на сила. Нејзините алатки се расипани луѓе и човечките идеали со кои бескрупулозно манипулираат најрасипаните од човечкиот род.
Бидејќи конечно од најрелевантното место дознавме дека инсистирањето да си го промениме името е операција за насилна промена на идентитетот, македонскиот државен врв е должен веднаш да му се обрати на народот со недвосмислена порака за тоа што ќе преземе и како ќе се однесува во овој период што повторно го именуваат како „прозорец на можности“. На какви преговори учествуваме, за што преговараме, што е тоа болен компромис? Од оваа гледна точка, сега веќе не е јасно ни каков референдум ќе одржиме. Јас, се разбира, две децении го следам ова прашање и од првиот ден пишував за тајните и матни работи што се кријат во ова досие. Времето и настаните ги потврдија моите сомневања. Сега, како и другите жртви на пропаганден терор, барам јавна сатисфакција од платениците пропагандисти во Македонија. И од инволвираните политичари што ја попречуваа мојата професионална работа. Шефот на државата неодамна ни раскажа дека се работи за преговори за изнаоѓање алтернативно име и тоа стриктно за употреба во ООН.
Но изјавата на Волерс не упатува на тоа. Напротив, како да ни испраќа и скриена закана дека ако не сме послушни, дизајнерскиот тим на Вашингтон ќе го активира иредентистичкиот пакет (инсталираната фабричка грешка во рамковниот устав) во кој централна улога има ДУИ како и во 2001 година, кога го измислија Али Ахмети. Токму поради тој „детаљ“ Никола Груевски, како единствен политичар во кој имаат верба мнозинство Македонци, е должен да ги информира Американците и остатокот од светот дека територијалната целовитост на Македонија не зависи „само“ од 20 отсто Албанци, туку и од 70 отсто Македонци. Дека овој пат нема да може еден терорист преку ноќ да стане љубител на книга, ниту грст бандити и шверцери ќе може да се транспонираат во борци за човекови права. Тоа тешко оди дури и во племенска Либија, а камоли во европска Македонија. Време му е на Груевски да биде искрен и отворен пред своите сограѓани што му веруваат и да тргне во контранапад. Во неговото обраќање пред Собранието овој пат ќе мора да стави недвосмислено до знаење дека поигрувањето со Македонија нема да се дозволи. Нема дезинтеграција на државата со помош на рамковниот. Нема веќе политички закани и уцени преку ДУИ. Ниту специјални војни преку невладиниот сектор, кој е спонзориран од американски „филантропи“. Нема успешни преговори со Грција ако дел од меѓународниот фактор толку очигледно има геноцидни амбиции. Навистина доста беше!
Оваа година славиме две децении од прогласената независност и десет години од рамковниот договор. Првиот датум е автентично наш, искористено и остварено право на слободен избор. Вториот е октроиран и како датум и како суштина и затоа уште на сила се „слави“. Груевски дисциплинирано ги исполнува обврските што неговите претходници Бранко и Љубчо му ги оставија во наследство, но навистина не е потребно товарот на срамот и бламот да го носи само тој, а тие да глумат политичари. На лицемерие нека одговори со искреност. Ќе биде разбран.
Поздрав до Македонските бескичмени политичари!