На Р.Грција би и одговарала краткотрајна дестабилизација на Р.Македонија, како средство за притисок, во насока на решавање во нивна корист на повеќегодишниот наметнат спор за името на нашата држава. Но, на нашиод јужен сосед, никако не би му одговарало распаѓање, односно поделба на македонската држава.
Проекциите и плановите за развојот на иднината на Балканскиот полуостров заземаат круцијално место во анализите и стратешкото планирање на грчката држава. Голем број национални институции и интелектуалци кај нашиот јужен сосед постојано ги анализираат и толкуваат секојдневните државни и меѓудржавни политички случувања во непосредното нејзино опкружување. Интересите, пред се’, на ’државата-нација’ секогаш се на прво место, додека моменталните калкулации или зближувања со одредени државни или национални субјекти, без разлика во какви односи биле во минатото, се токму во насока на остварување на проектираните цели. Компарацијата со историските случувања, односно поуките извлечени од одредени историски периоди или настани поврзани со случувањата на Балканот, но и влијанието на Големите сили, чии интереси постојано се судирале на овие простори, се честа практика во одредувањето на сегашната и идна стратегија на грчката држава. Во одредувањето на националните интереси и креирањето на државната политика, без разлика која и каква е моменталната владеечка гарнитура во Атина, клучна улога има ’Националниот совет за надворешна политика’ (ΕΣΕΠ). Ова тело, т.е. Совет е создаден и работи во склоп на грчкото Министерство за надворешни работи, а составен е од видни и угледни интелектуалци, чија цел е да ја оформат и одредат надворешната политката на Грција по клучните национални пршања.
Албанците во Грција
Имигрантската ’експлозија’ што се случи во Албанија по паѓањето на комунистичкиот режим предизвика ’лавина’ на албански емигранти, кои веќе две децении ја ’преплавуваат’ Грција. Првобитната и основна цел на оваа миграција беше од економска природа. Од друга страна, во грчката држава, и пред доѓањето на оваа ’река’ од луѓе постоеше албанско малцинство, кое во голем дел беше асимилирано и приклучено во состав на грчката нација, со исклучок на Албанците во Чамурија, попознати како ’Чами’, како и во некои други делови каде што живееле компактно. Денес, неофицијално, според некои проценки се калкулира со бројка од половина до еден милион албански емигранти, што се разбира, како бројка, не е за потценување, а на кои официјална Атина им се има целосно посветено. Нормален процес, кој беше и очекувана појава, е албанската емиграција во Грција, по почетните економски интереси, постепено да започне истите да ги трансформира во политички, национални и религиозни. Во тој контекст е нивното групирање во разни организации, меѓусебно поврзување и контакти со матичната држава и Албанците во соседните држави, вклучувајќи ги тука и македонските Албанци, како и врските со моќната албанска емиграција во Светот и нивните лоби групи. Така на пример, бројните организации и друштва се обединети во ’Лига на албански здруженија во Грција’, додека двете најголеми политички партии во Албанија, Демократската и Социјалистичката партија, имаат свои ограноци во Грција. Ваквите процеси, активности и контакни несомнено придонесоа да се поттикнат големоалбанските идеи меѓу албанската емиграција во Грција, која постепено започна да се трансформира во население со постојано место на живеење во Грција, особено со законот од 1998 год., со кој се легализира престојот на странците кои работат и живеат во државата. Дека Албанците во Грција активно се вклучени во ’големоалбанските проекти’, работат и придонесуваат за нивно реалзирање, посведочува и нивното ангажирање во лобирањето за признавање на независноста на Косово меѓу одредени грчки политичари, додека преставниците на ограноците на албанските партии во Грција, со истата цел, оддржале неколку средби со странски дипломати во Атина и Солун. Овие активности кулминирале со оддржувањето на голем митинг на плоштадот ‘Омонија‘ во Атина (27 јануари 2008 год.), организиран од погоре споменатата ’Лига на албански здруженија во Грција’, со цел да се даде поддршка за признавањето на независноста на Косово.
Во секој случај, после признавањето на независноста на Косово можно е актуелизирање на албанското прашање во Р.Македонија и координација на радикалните елементи во нашата држава со оние од соседните држави, вклучувајќи ги и Албанците од Грција. Од друга страна, грчката држава, која сигурно внимателно ги следи овие активности, ќе се обиде преку грчките Албанци да влијае кај нивните сонародници во Македонија, со цел да извлече корист во спорот кој го наметна со името на нашата држава.
Преговорите за името и обид за внесување на албанското прашање
Повеќегодишниот наметнат спор за името на нашата држава од страна на Р.Грција допринесе таа да започене ’потрага’ во сојузници кои би одиграле суштинска улога во спроведувањето на грчките ’национални интереси’. Целта е јасна, но методите и средствата може да варираат и да се прилагодуваат според моменталните интереси и дневно политичката ситуација во Р.Македонија и на Балканот. Грчката национална елита, која влијае во насочувањето на политиката на официјална Атина, во големото албанско малцинство во Македонија препозна можност, т.е. ’златна шанса за сорабтока на релација Атина-Тетово’, да го насочи како фактор на притисок кон властите во Скопје, со цел омекнување на македонските позиции.
Постојат основани индикации дека линкот меѓу албанските политички структури во Македонија и одредени фактори во Грција веќе од поодамна е воспоставен. Тој линк е многу лесно остварлив. Веќе напомнавме дека многубројната албанска емиграција е активно вклучена во балканските проекции на големоалбанската идеја, а во тој конеткст сигурно се воспоставени контакти и со албанските фактори во Македонија. Од друга страна, со сигурност може да се предвиди дека грчките структури, преку албанската емиграција во Грција, ќе се обидат да влијаат и да се спогодат со македонските Албанци. Покрај овој начин, постојат и директни контакти меѓу грчки и албански политичари од Р.Македонија.
Дека ваквите изнесени ставови не се неосновани, се потврдува со неколку последователни изјави и барања на албанските политички структури во Македонија. Официјалната и формалната поддршка на најголемите албански политички партии во Македонија, поврзано со името на државата, нацијата, јазикот и културата на македонскиот народ постепено како да исчезуваат. Во таа насока се почесто почнаа да се употребуваат средства за притисок за што побрзо окончување на спорот. Не ретко можат да се слушнат изјави дека Албанците веќе долго време чекале да се реши овој спор и дека нивното трпение постепено се губи, ако се знае дека самиот спор е услов за интеграција на државата во евро-атланските институции. Така на пример, Невзат Халили, во ноември 2008 г., ќе предложи име ’Македонија Илирида’, кое, според него, ’донекаде е прифатливо и за грчката страна’, за да веднаш потоа исклучи секаков сомнеж за било каква корелација со Грција, и изјави ’ние ова барање не го поставуваме за атер на Грците туку во интерес на Албанците и на сите што живеат во Македонија’. Од друга страна, зачестеното инсистирање за директно вклучување на албанскиот фактор во Македонија во преговарачкиот тим е во корист и интерес, а воедно и поттикнат од страна грчката држва, за ова ќе се заддржиме подоле во текстот. Исто така, заканите за дестабилизација или, пак, федерализација на Р.Македонија, покрај останатите функции, се токму во насока за што побрзо решвање на спорот за името. На Грција во никој случај не и одговара распаѓање или поделба на Македонија, за ова ќе посветиме посебно внимание подоле во текстот, но привремена и добро контролирана дестабилизација на државата секако дека ќе биде во корист за решавање на спорот во нивна корист.
Како и да е, не ретко во грчките печатени медиуми можат да се сретнат размислувања и предлози во која насока треба да се движи грчката политика во однос на решавање на проблемот на името нивниот северен сосед, а што би било прифатливо за нивните национални интереси. Во сите тие калкулации важно место зазема албанскиот фактор во Македонија. Предлагаат во преговарачкиот процес задолжително да се вклучат македонските Албанци, кои, според нив, ’преставуваат решителна сила и кои можат да ги поставуваат нашите услови безгранично’. Грчката страна прашањето на вклучување на Албанците во преговарачкиот процес треба ’да го постави и да се залага за истото и пред меѓународните организации’. Тие сметаат дека, ако се постигне ова, ваквата ’ситуација ќе биде безнадежна за Скопје’, бидејќи државно име кое нема да ја признае ’албанштината’ во Македонија ќе биде ’бомба за поделба на државата’. Така на пример, се предлага да се поттикне албанскиот фактор да реагира на предлозите ’Северна’ или ’Горна’ Македонија, бидејќи во нив не се содржи ништо преку што би се идентификувал албанскиот етникум во Македонија, т.е. да предизвикат чуство дека на таков начин тие би ’исчезнале’, односно би биле асимилирани. Изучувањето на историјата, од грчка гледна точка, и на грчкиот јазик се предлага да бидат дел од наставниот процес на Универзитетот во Тетово, а се оди и до таму, и се бара отварање на Канцеларија за врски на Грција во истиот град. Во септември 2009 г. од страна на поедини високи офицери на грчката армија се бараше ’невидливо’ да се стимулираат Албанците да учествуваат во дискусиите за името на државата, а, исто така, се предлагаат координирани активности на релација Грција, Бугарија и Албанија, со цел да се прикаже на Европа и САД, дека со ’проблемот’ кој го предизвкува Р.Македонија не е засегната само Грција, туку ’поширокиот Балкан’, за да на крај заклучат: ’ние не им веруваме на Бугарите и Албанците, но овој пат ни се од корист’.
Стравот на Грција од ’Голема Албанија’ и ’Голема Бугарија’
Како што погоре спомнавме, на Р.Грција би и одговарала краткотрајна дестабилизација на Р.Македонија, како средство за притисок, во насока на решавање во нивна корист на повеќегодишниот наметнат спор за името на нашата држава. Но, на нашиод јужен сосед, никако не би му одговарало распаѓање, односно поделба на македонската држава. Во таков случај, освен територјалната корист која Грција се надева дека ќе ја оствари во најјужните делови од Р.Македонија, односно 20 км зона (ваквите аспирации јавно беа искажани во текот на 2001 год.), која би ги опфаќала градовите Охрид, Ресен, Битола, Струмица, Гевгелија и Дојран, кај грчката држава постои страв од формирање на ’Голема Албанија’ и ’Голема Бугарија’ од останатите територии на Р.Македонија.
Се разбира, официјална Атина на нејзината северна граница за сосед ја посакува, традиционалниот нејзин сојузник, Р.Србија, тоа се потврдува и со плановите за поделба на Македонија од почетокот деведесетите години на ХХ век, т.е. планот Мицотакис-Милошевиќ. Сепак, интелектуалните фактори во Грција проценуваат дека во денешницата најголеми претендети за територијата на Р.Македонија се токму Албанците и Р.Бугарија. Стравот, доколку едно вакво сценарио би се реализирало, според грчките анлитичари е оправдан. Покрај тоа што на својата северна граница би добила веќе две ’големи’ држави, тие стравуваат и за територјалниот интегритет на државата. Со поврзувањето на Албанија, Косово и Западна Македонија се проценува дека аспирациите ќе прдолжат кон Јужен Епир, но и од териториите на денешната граница на Р.Македонија до Чамурија, т.е. областите околу Лерин, Костур па на југ, односно поврзување на тие две територии. Додека заканата од ’Голема Бугарија’ се препознава во историското настојување на Софија за излез на Егејското море и претензиите кон Солун, но и меѓу македонското малцинство во Северна Грција кое би било искористено во таа насока, откако најпрвин, се рабира, ќе биде преставено како ’бугарско’. Токму поради ова, постоењето на една ’мала и нестабилн државичка’ на Север, која ќе биде, еден вид, тампон зона од бугарскиот и албанскиот иредентизам е посакуваната состојба за Грција.
Во таа насока, Атанасиос Елес во в.’Катимерини’ (10.7.2008), откако ја објаснил опасноста за Грција, односно ’соеднинувањето на трите столбови на Албанците на Балканот (Албанија, Косово и Тетово)’ предвидува дестабилизација и зголемување на ’иредентизмот на Чамите во Грција’, по што заклучил дека за неговата држава е во интерес оддржување на обединета Р.Македонија, но и со ’совет’ до македонкиот премиер, дека ’во интерес на неговата земја е разумен компромис за името и развивање на блиски трговски и политички односи со својот природен партнер, Грција’. Додека, добриот познавач на македонското прашање, Константинос Холевас, во октомври 2006 г., во списанието ’Одбрана и дипломатија’ прави опширна анализа на големоалбанската идеја на Балканот врз основа на историски факти, но и изјави на сегашни албански политичари, како и на ’Националната доктрина‘ на албанската Академија од 1997 година. ’Националната доктрина’, според Холевас, предвидува, покрај Косово, ’автономија на Албанците во Македонија и Црна гора и поттикнување на малцинското прашање на Албанците во Грција’. Од останатите примери кои авторот ги наведува, посебно внимание привлекува интервјуто од 2006 г. на политичкиот советник на албанскиот премиер Фатос Нано (Холевас наместо советник на Фатос Нано го има прикажано како советник на Сали Бериша), Кочо Данај. Последниот, според авторот, говорел за создавање на
’природна Албанија’ до 2013 г. и ’дека ќе биде подобро Албанците во Скопје и Црна Гора да се приклучат во една држава со главен град Тирана’. Холевас на крајот од ова своја статија заклучува дека:
’грчката дипломатија мора сериозно да го разгледувава распаѓањето на Скопје. Наместо да се грижи само за името Македонија, треба да почнат да се прашуваат што ќе остане со преостанатиот дел на Албанците’. За да сосема на крај, запраша:
’Дали некој на ова има одговор?’
На крај од овој текст ќе приложиме дел од стручната анализа, од јуни 2008 г., на д-р Коннстантинос Гривас, професор на Јонскиот Универзитет. Тој тргнува од геополитичките интереси на Грција, според кои ’Скопје е совршен сосед, со оглед на големината и внатрешните проивречности, и нема да дозволи сега или во иднина да биде сериозна закана за Грција’. Гривас смета дека, доколку дојде до распаѓање на Р.Македонија, ќе дојде ’до размена на територии меѓу Албанија и Бугарија’, односно создавање на ’Голема Албанија’ и би биле инцирани, понатаму, од бугарска страна ’инвазивни стремежи’ кон Грција. Токму поради ваквата логика, според него, ’Скопје е голем вентил за геополитичка експлозија на Балканот и ние треба да ја зајакнеме на секој начин, за да се избегне зајакнување на нашите традиционални противници’. На крај од анализата, Гривас ќе заклучи: ’Се разбира, не значи дека ние треба да бараме распаѓање на Скопје, бидејќи тоа ќе доведе до жестоки вибрации во нашиот регион, кои ќе имаат неодредена големина и негативни последици за нашата земја. Од друга страна, дури и повеќе умерено политичко раководство, со вешта дипломатска стратегија, може во иднина да смета на користењето на незаинтересираноста како фактор на притисок за да се постигне разумен компромис за прашањето на името…‘.
http://www.macedonianspark.com/mk/vesti/komentaridebati/537-2011-06-01-06-38-43