Кнаус: Република Македонија Вардар е одлична база за решение на спорот
Горазд Чомовски Коментари (12)
17.08.2010 18:47
Гералд Кнаус
Сега е најдобра можност да се реши спорот со името, оваа шанса не смее да се прокоцка, бидејќи со тоа на Македонија веднаш ќе и се отворат вратите за членството во НАТО и ЕУ, вели за А1 Гералд Кнаус.
Според директорот на Европската иницијатива за стабилност, предлогот Република Македонија Вардар е одлична база за решение на спорот со Грција за името. Новото име би стапило на сила во оној момент кога Македонија ќе ги заврши пристапните преговори.
Господине Кнаус, вие се залагате за побрзо решавање на спорот со името, влез во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Дали мислите дека тоа е можно?
- Мислам дека е. Мислам дека ова е најдобрата можност што ја добивте по подолго време, бидејќи грчката влада сфати која е цената на сегашната стагнација и цената на дејствувањето кон проширување на Европската Унија. Македонија е земја која најмногу ветува и која би можела повторно да го започне процесот на проширувањето на ЕУ на Балканот.
- Така што, мислам дека кај Грција постои подготвеност да биде покреативна одошто беше претходната влада, а мислам дека и состојбите во Македонија се добри, бидејќи и самата ЕУ нагласи дека ако спорот може некако да се реши, пристапните преговори би можеле веднаш да започнат. Тоа секако створи мала сензација.
- Клучно е Македонија да не се присилува да прави неповратни отстапки без референдум и без перспективи за влез. Тоа го советуваме со нашиот предлог. Ниту една страна нема ништо да загуби, а сите ќе добијат.
Со вашата стратегија препорачувате Македонија да направи уставни измени.
- Нашата стратегија или предлог е дека Македонија не треба да цели кон сеопфатно решение. Не треба се да се реши, зашто така само ќе се усложнат работите. Мислам дека треба да се фокусирате само на почетната точка на целиот спор, т.е. името на земјата и да направите отстапка кога ќе стапи на сила само во моментот кога Македонија ќе и се придружи на Европската Унија.
- Па така, на овој начин вие само го одложувате моментот на одлука. Би можеле сега да започнете со пристапните преговори, што самото по себе е добра работа, како што видовме и кај другите земји, затоа што кога тие ги започнаа пристапните преговори, голем број на инвеститори почнаа да доаѓаат во Турција и останатите источноевропски земји.
- На крајот, кога пристапните разговори ќе завршат, потоа ќе распишете референдум, како што прават сите земји, каде ќе одлучите дали сакате да влезете во ЕУ. Потоа уставниот амандман ќе стапи на сила или нема да стапи. Во меѓувреме, на Балканот и во светот постои економска криза и нестабилност, а Македонија всушност преговара влез, така што не губите ништо, а добивате многу.
Г. Кнаус, дали сметате дека двете страни се спремни за компромис околу спорот со името?
Мислам дека постојат два проблеми. И на двете страни ќе им требаат политичари кои храбро ќе се соочат со нив. Првиот проблем кај македонската страна е тоа што некои луѓе велат дека воопшто не треба да се прават отстапки. Јас сочувствувам со тие луѓе, зашто како и повеќето Европјани мислам дека грчкото барање за промена на името е неразумно. - Но, мораме да бидеме реални. Јасно е дека моменталниот став на ЕУ е дека пристапните разговори ќе започнат само доколку има решение за спорот. Она што го предлагам е Македонците и нивните политичари да имаат храброст тоа да го објаснат и да кажат „да ветиме дека ќе направиме промени само кога ќе дојдеме пред вратата на ЕУ“.
- Кај грчката страна постои илузија, кај некои грчки националисти, дека ако играат доволно цврсто, ќе можат да го монополизираат името Македонија, во смисла дека Македонија ќе мора да се откаже од употребата на тој збор. Секако, тоа е илузија и никогаш нема да се случи. Не се ни случило во изминатите 19 години.
- Затоа, мислам дека на секоја отстапка што ќе ја направи грчката влада, грчката опозиција ќе се спротивстави. Но, мислам дека владата има силен случај кога вели „видете, во минатите 19 години ништо не постигнавме, освен што го блокиравме нашиот сосед. Сега постигнавме мал напредок и го одблокиравме процесот“, што е во интерес и на Грција, т.е. во смисла на проширувањето на ЕУ на Балканот.
Дали мислите дека името Република Македонија - Вардар е прифатливо и за двете страни?
Мислам дека за тоа не може да суди некој однадвор. Но, мислам дека тоа е подобро од Поранешна Југословенска Република Македонија, што е навистина грдо име. Мислам дека прво што ќе се случи е Поранешна Југословенска Република да се замени со Република Македонија - Вардар или нешто слично.
Според моето сфаќање, мислам дека клучниот проблем за Македонија е тоа што немате придавка меѓу Република и Македонија. Не сте Република - нешто - Македонија, туку Република Македонија - Вардар, што ќе ефектуира со тоа луѓето да ве нарекуваат како што сега ве нарекуваат, зашто луѓето се мрзеливи и не сакаат компликации.
- Затоа, мислам дека тоа е една можност, но важно е тоа што не мора да биде името... секако, името нема да се смени на македонски јазик и не мора името да стапи на сила пред да бидете пред самите врати на ЕУ. Потоа ќе можете да имате национална дебата за тоа прашање.