Пораз на Македонија во 1-то коло на ЕП против големиот фаворит. Очекуван беше сигурно, но не и начинот на кој се реализира. Почеток како во најлошиот кошмар, со многу технички грешки и промашени топки од т.н. зицер-позиции. Кире Лазаров тактички покриен феноменално, без можност да прими топка при влегување на крило или еден од бековите како втор пивот. Јоновски беше премногу статичен и кај него се чувствуваше отсуство од играње во напад. Миркуловски, играјќи во два правци, брзо „издиша“ и промаши многу шанси.
Единствено Стојчевски се обидуваше да направи нешто во рамките на своите можности. Многу се почувствува отсуството на Наумче Мојсовски во дуел-играта, од која се изродуваа многу топки за пивотот и за крилата. На овој меч видовме несигурни крила и просечни пивоти.
Но, и покрај слабата игра во напад, одбраната беше таа што нѐ држеше во игра и на некоја пристојна негатива. Борко Ристовски одбрани тоа што требаше, имајќи предвид дека Данците многу голови постигнаа од полуконтра и контра. Останува ставот дека одбраната е наша шанса и оттука треба да тргнува нашиот успех и само преку одбрана ќе ја добиеме потребната самодоверба, која многу ни недостигаше на овој натпревар.
Од друга страна, во текот на целиот натпревар селекторот на Данците, Вилбек, се обидуваше да ги изротира сите свои играчи и да ги внесе во ритам за следните натпревари на натпреварувањето.
ДЕНЕСКА: МАКЕДОНИЈА - ЧЕШКА. Еден од натпреварите во кои Македонија треба да ја бара својата шанса за пласман во следната рунда. Тоа е селекција што според составот на играчи во ракометна Европа е перципирана како нашата репрезентација, со една голема суперѕвезда во тимот - Филип Јиха, кој е еден од најдобрите светски ракометари. Чешка е репрезентација што ја победивме на минатото ЕП во Србија.
Таа е составена од повеќе ракометари што настапуваат во германската Бундес-лига, и тоа голманот Штохл, бекот Хорак и столбот на одбраната Кубеш. Тоа значи дека бековските позиции им се одлично покриени со играчи што можат да постигнат гол од девет, па и од 10 метри. Предната линија (пивот и крила) е послабиот дел од тимот и тука треба да ја бараме нашата шанса.
Одбраната на Чешка е вообичаено во формацијата 6-0 и е составена од корпулентни играчи, особено на 3 и 4, каде што се наоѓаат Хорак и Кубеш. Играат плитко и му овозможуваат на противникот да ја развие својата игра, а се базираат на нивната височина и квалитетите на голманот Штохл. Во таква ситуација, знаејќи ги нашите напаѓачки квалитети, ќе мора да дојдеме блиску до зоната и со добра топка во залет и промена на места да ја развлечеме противничката зона.
Тука пред сѐ мислам на позициите 2 и 3 каде што се и најтенки. Во овој дел од играта многу важен ќе биде и учинокот на нашите крила, кои можат дополнително да ја развлечат зоната на Чесите. Сигурно дека ќе се обидат и со зона 5-1 или 5+1, но ако не функционира почетната зона.
Во напад се многу статични и се базираат на квалитетите на поединецот (Јиха) и нападите им завршуваат преку средина со шут од 9-10 метри. Ако сакаме успех, во одбрана да играме многу подвижно со подлабоки излегувања на централните играчи и со тоа да им оневозможиме да се размавнат нивните високи бекови. На линијата од шест метри се доста тенки, а и крилата не се на нивото за едно вакво натпреварување.
Стојчевски, Миркуловски, Ангеловски и Лазаров ќе треба да бидат многу „досадни“ и да ја користат својата брзина наспроти корпулентноста и инертноста на противникот. Овој натпревар е еден од ретките во кој Македонија треба да форсира брза игра. Австрија на некој начин ни го покажа рецептот за успех против чешката селекција.