Тодоров е најсериозен кандидат за кошаркарски селектор?
Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Наследникот на Арсиќ ќе го објавиме најдоцна за две недели, но засега не сакам да шпекулирам со имиња. Приоритет во разговорите ќе имаат македонските стратези, вели Даниел Димевски, првиот човек на МКФ
Селекторската фотелја во кошаркарската репрезентација на Македонија веќе речиси два месеци седи испразнета, а, ако и се верува на кошаркарската чаршија, најголеми шанси да седне во неа има македонскиот стратег на бугарскиот прволигаш Рилски спортист, Александар Тодоров. Актуелниот победник во Еврохолд Балканската лига (БИБЛ) е најчесто споменуваниот тренер, кој би бил наследник на Србинот Јовица Арсиќ, кој сам си поднесе оставка по освоеното 9. место на неодамнешното Европско првенство (ЕП) во Полска.
Според доброупатените во случувањата во македонската кошарка, меѓу кандидатите за селекторската функција се уште и селекторот на младинците Емил Рајковиќ, досегашниот помошник на Арсиќ, Марјан Лазовски, како и Марин Докузовски, Боби Митев... Ваквата кандидатска листа доаѓа откако се знае дека интернационалците Заре Марковски, Октај Махмути и Саше Филиповски веќе имаат кажано дека во моментов не се заинтересирани да ја предводат жолто-црвената чета.
- Нормално дека годи да се биде споменат како најсериозен кандидат за селектор на Македонија, но морам да признаам дека досега не сум имал никаков разговор на оваа тема со челниците на МКФ. Знам само дека не би прифатил да се пријавам на евентуален конкурс, а доколку дојде до директни преговори тогаш прво ќе мора да ги чујам нивните размислувања и идеи. Тоа особено се однесува на делот со најавеното откажување од репрезентацијата на неколку стартери. Секако, и понудените услови за работа ќе имаат примарно место при донесувањето на одлуката - ни изјави Тодоров.
Засега е само сигурно дека кошаркарската репрезентација на Македонија својот нов предводник ќе го добие најдоцна за две недели. Тоа барем го вели Даниел Димевски, претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), кој засега не сака да шпекулира со имиња. Единствено што со сигурност може да го потврди предводникот на македонската кошарка е дека приоритет во преговорите ќе имаат домашните тренери.
- Сé што во последно време се говори во јавноста е во рамки на шпекулациите. Засега немаме официјален став по ова прашање освен дека конечната одлука за нов селектор ќе ја донесеме најдоцна за две недели. Во моментов собираме информации па ќе почнеме со директни преговори со кандидатите. Приоритет во тоа ќе имаат македонските тренери - ни изјави Димевски.
Кој и да се нафати да биде нов селектор на Македонија ќе има тешка задача да продолжи таму каде што застана Арсиќ. Колку и да имаше противници, српскиот стратег зад себе остави пласман меѓу првите 10 селекции во Европа нешто што ќе биде тешко да се повтори во скоро време без разлика на тоа кој ќе седне на селекторската фотелја. Згора на тоа, наследникот на Србинот ќе има и проблеми со составот откако пред извесно време Перо Антиќ и Тодор Гечевски најавија повлекување од националниот тим.
И Американецот Блекмен во комбинација за селектор?
Според неофицијални информации, до челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) пред извесно време стигнала понуда од еден српски менаџер улогата на селектор на репрезентацијата да ја преземе Американецот Роландо Блекмен (50). Станува збор за поранешен кошаркар со импресивна НБА-кариера, кој 11 сезони мина во Далас маверикс, а последните две во Њујорк никс. Блекмен е 60. стрелец во историјата на НБА-лигата.
Проблем за оваа понуда е што Американецот никогаш досега не работел како прв тренер. Блекмен извесен период минал како помошник во стручниот штаб на Далас, а во 2002 година бил асистент-тренер во репрезентацијата на Германија.
Автор: Игор Крстевски