За дефинирање на квалитетот на водите, користена е Уредбата за класификација на водите (Службен весник во Република Македонија од 31.3.1999), со која е пропишана класификацијата на површинските (водотеци, езера и акумулации) и на подземните води. Според намената и степенот на чистотата на водите, со оваа уредба тие се распоредуваат во 5 класи, и тоа:
1. Класа 1 - многу чиста, олиготрофична вода, која во природна состојба со евентуална дезинфекција може да се употребува за пиење и за производство и преработка на прехрамбени производи и претставува подлога за местење и одгледување на благородни видови на риби – салмониди. Пуферниот капацитет на водата е многу добар. Постојано е заситена со кислород со ниска содржина на нутриенти и бактерии, содржи многу мало, случајно антропогено загадување со органски материи (но не и неоргански материи);
2. Класа 2 - малку загадена, мезотрофична вода, која во природна состојба може да се употребува за капење и рекреација, за спортови на вода, за одгледување на други видови риби (циприниди), или која со вообичаени методи на обработка - кондиционирање (коагулација, филтрација, дезинфекција и слично), може да се употребува за пиење и за производство и преработка на прехрамбени производи. Пуферниот капацитет и заситеноста на водите со кислород, низ целата година, се добри. Присутното оптоварување може да доведе до незначително зголемување на примарната продуктивност;
3. Класа 3 - умерено еутрифична вода, која во природна состојба може да се употребува за наводнување, а по вообичаените методи на обработка (кондиционирање) и во индустријата на која не ѝ е потребна вода со кавалитет за пиење. Пуферниот капацитет е слаб, но ја задржува киселоста на водата на нивоа кои сè уште се погодни за повеќето риби. Во хиполимнионот повремено може да се јави недостиг на кислород. Нивото на примарната продукција е значајно и може да 17 се забележат некои промени во структурата на заедницата, вклучувајќи ги и видовите на риби. Евидентно е оптоварување од штетни супстанции и микробиолошко загадување. Концентрацијата на штетните супстанции варира од природни нивоа до нивоа на хронична токсичност за водениот живот.
4. Класа 4 - силно еутрофична, загадена вода, која во природна состојба може да се употребува за други намени, само по одредена обработка. Пуферниот капацитетет е прeчекорен, што доведува до големи нивоа на киселост, а што се одразува на развојот на подмладокот. Во епилиминионот се јавува кислороден недостиг. Присутно е „цветање“ на алги. Зголеменото разложување на органски материи, истовремено со стратификацијата на водата, може да повлече анаеробни услови и убивање на рибите. Масовни седишта на толерантни врсти, популации на риби и бентосни организми, може да бидат погодени. Микробиолошкото загадување не дозволува оваа вода да се користи за рекреација, а штените супстанци испуштени или ослободени од талогот (седиментот – наслагите), може да влијаат на квалитетот на водениот живот. Концентрацијата на штетните супстанции може да варира од нивоа на хронична до акутна токсичност за водениот живот;
5. Класа 5 - многу загадена, хипертрофична вода, која во природна состојба не може да се употребува за ниту една намена. Водата е без пуферен капацитет и нејзината киселост е штетна за многу видови на риби. Големи проблеми се јавуваат во кислородниот режим, презаситеност во епилимнионот и сиромашност со кислород, која доведува до анаеробни услови во хиполимнионот. Разложувачите се доминантно застапени во однос на произведувачите. Риби или бентосни видови не се јавуваат постојано. Концентрацијата на штетни супстанции ги надминуваат нивоата на токсичност за водениот живот.