Марин Докузовски: Ако мислиш дека знаеш кошарка, готов си
Три дена по почетокот на подготовките за ЕП во кошарка во Литванија, Марин Докузовски сакаше да даде оставка. Комуникацијата со одговорните во Кошаркарската федерација, особено со директорот на репрезентациите Илија Мерџановски, беше нарушена. Одеа, како расипан телефон, преку Врбица Стефанов. Причина, Марин се пожали дека нема лекар, нема витамини, ги нема сите играчи на број. Беше лут со право. Знаеме дека му било кажано, можеби, не директно, ама кажано: "Ако не ти се допаѓа, оди си". Ама Охрид ли со неговите убавини или нешто друго го смени неговиот став.
Згора на тоа, настапот на Владо Илиевски беше под прашалник. Меккејлеб и Гечевски многу подоцна од останатите се приклучија на подготовките.
Ниту резултатите во подготвителниот период не му одеа на рака. Малку победи, повеќе порази. И победите, некако неуверливи, тенки, неветувачки.
По поразите на турнирот на поранешните ју-републики во Словенија, топката ја ладеше Влатко Илиевски:
"Имајте трпение. Ова не е нашата вистинска слика", изјави за словенечките медиуми.
Малку кој му веруваше. Онака, со полно срце.
Пред "Трофејот Македонија" и дуелот со Црна Гора во Скопје, се видовме со легендата Благоја Георгиевски:
"Буштур, ќе одиш ли во Литванија?"
"Да ги видам денеска, па ќе одлучам", одговори Буштур. Не замина на Европското првенство.
"Трофејот Македонија" го освоивме, но Марин не беше задоволен:
"Ја немаме потребната свежина. Слабиот шут не ме плаши толку колку трчањето и циркулацијата на топката. Мора да ја забрзаме играта, многу бавно ја движиме топката".
И почетокот на ЕП - неветувачки. Ама, потоа...
Потоа се случи најголемото изненадување во историјата на европските првенства.
Најголемиот комплимент го добивме од селекторот на Русија, Дејвид Блат:
"Му честитам на тренерот Докузовски за поставеноста на играта во текот на целиот турнир. Македонија е изненадување на ова Европско првенство, бидејќи има одличен тренер и добри и паметни играчи, кои, заедно, се многу моќни. Ние не игравме лошо, туку тие нè натераа да играме лошо".
Од каде му е магијата на Марин, која ја внесе во националниот тим и која, ете, планетарно се рашири.
"Постојано учење и надградување. Никогаш не смееш да бидеш задоволен со она што го знаеш. На многу помлади тренери им забележувам дека недоволно работат на самите себе. Јас десет години не сум ги пропуштил семинарите во Белград (Србија) и Пореч (Хрватска). Тие имаат голема улога, бидејќи секогаш има нешто ново. Мислам дека тоа е вложување во самиот себе. Нормално, тука се следењето на литературата, анализите на видеоснимките... Во една пригода, еден постар колега, во неврзан разговор, ми рече: 'Првиот момент кога ќе кажеш дека ја знаеш кошарката, готов си'. Мора постојано да се усовршуваш", истакна при еден разговор неколку месеци пред ЕП.
Првите лекции, сепак, биле домашни:
"Учев од многу тренери. Од Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Јанко Луковски, Лазар Лечиќ. Сите се одлични, имаат свои идеи, а јас се трудев од секого да го земам најдоброто. Многу научив од Миодраг Балетиќ во времето кога тој работеше во МЗТ Скопје, но, сепак, мислам дека најмногу од Боро Ѓаковиќ, кога тој работеше во Работнички. Многу работи купив од нив и мора да им се заблагодарам за тоа".
Македонија игра одлична одбрана, играта не е убава за око, нема многу поени, победува со реализација од тенки 30-ина проценти, ама победува. Неговата филозофија е дека одбраната е онаа што го решава дуелот. И така ние од шутерска екипа станавме една од најдобрите баскет-одбрани во Европа. Марин не го крие тоа. И по историската победа над Литванија првин ја пофали одбраната, а потоа додаде:
"Докажавме дека сосема заслужено сме во самиот европски врв. Игравме паметно, без притисок, упорно и знаевме што треба да направиме".
Знае Марин да ги избере и помошниците.
"Колку ми помагаат? Не се лоши", прокоментира со шегобијна насмевка и во ист тон продолжи: "Затоа не ги давам никому и ќе си ги носам со себе".
Македонија има заедништво, срце, има дух и, веројатно, најдобрата двојка бекови на ЕП. Влатко Илиевски е срцето, Бо Меккејлеб е убиецот. Останатите - дораснати на нивото на задачата. Македонија имаше сила, моќ, знаење да ги натера сите да играат како што таа сака да играат.
Авторските права за историскиот успех му припаѓаат на кошаркарскиот Мурињо, Марин. Не му требаа ѕвезди за да стигне до ѕвездите, туку оние што без поговор му веруваат и ги спроведуваат неговите идеи со сето свое знаење, умеење и срце.
Не згрешиле. А не згрешил ни Марин. Инкогнито избраниот селектор израсна во најуспешниот македонски кошаркарски тренер на сите времиња, досега. А дали некогаш ќе биде надминат? Иднината ќе каже.
--- надополнето: Sep 17, 2011 11:05 AM ---
ВТОРА СРЕЌА
Марин Докузовски е третиот селектор на кошаркарската репрезентација во нашиот трет настап на европските првенства, по Заре Марковски (1999) и Јовица Арсиќ (2009). За него, сепак, тројката не е среќен број.
Со биланс од пет победи и два пораза, беше на кормилото на националниот тим во квалификациите за ЕП 2001. Се врати на клупата во квалификациите пред ЕП во Литванија и влезе во историјата. Двојката е вистинската бројка.
ОД ТАЈНОСТ ДО ЛЕГЕНДА
Кошаркарската федерација на Македонија го именуваше Марин за селектор на затворена седница во Конопиште, селска населба позната по извор на вода и по центар за лекување зависници, со штуро соопштение. Зошто челниците на КФМ решиле така, остана тајна.
Нејсе, сега патот на Марин неодминливо потсетува на наднасловите на вестерн-романчињата за Док Холидеј: "Дојде тивко и влезе во легендите".
КАРИЕРА
Марин Докузовски ја почна тренерската кариера, по играњето кошарка, во Работнички, во 1989 година, како тренер на помладите категории, каде што мина пет години. Следните шест сезони беше тренер на првиот тим. Сезоната 2000-2001 ја минува во МЗТ Скопје, а потоа во струмички Поло трејд. Оттаму се пресели во Бугарија, во Лукоил, а од 2007 наваму е повторно во Работнички.
Освен најдобрата наша селекција, беше селектор и на репрезентациите до 18 години (1996/1997) и до 20 години (1999/2000).
Тренер на годината во Македонија беше во 1999 и 2011 година, котренер на годината во Бугарија во 2005 година.
Има освоено седум титули шампион на Македонија и три куп-титули со Работнички, две титули првак на Бугарија и двапати беше победник на купот на источниот сосед.
ОД КАДЕ ЉУБОВТА КОН СПОРТОТ?
"Е, тоа е чудно. Ниту татко ми ниту мајка ми беа вљубени во спортот
и на мене и на брат ми не пренесоа нешто за спортот. Како станавме спортско семејство? Почна од брат ми (одбојкар во најдобрата генерација на Вардар - з.а.), па и јас како помал почнав да одам да го гледам на тренинзите. Ме запали одбојката, а бидејќи во истата сала потоа тренираа кошаркарите, полека, со време се префрлив".
Марин е оженет со Бети, а синот Марко е кошаркар.