Dear K,
Сочувствувам со
@joli1 и неговиот пост некоја страна наназад. Буквално еден од проблемите што ме натераа да ги спакувам куферите и да заминам е тој. Сите работи што ги работев, сите идеи што ги имав, се што ми требаше за да заработувам и да живеам пристојно дома, беше да функционира тој систем кој што функционира од Аљаска до Нов Зеланд, а тоа е да можам купувам/продавам онлајн, да примам пари преку Пејпал за услугите кои ги нудам. Да можам да испорачам пакет некаде по нормална цена и да примам пакет без да заглави на царина и без да ме одерат. Верувај дека илјадници луѓе да ја имаа таа можност, ќе имаа убави бизниси дома и ќе се натпреваруваа на светско ниво. Ние сме црна дупка во Европа, бидејќи немаме можност да ги пласираме нашите бизнис идеи, услуги и продукти, не можеме да учествуваме на тој милионски пазар на труд, освен како купувачи. Децении поминаа и се си остана исто, отсечени сме од пазарот и претураме од шупливо во празно. Сите идеи кои некогаш ги имав, некој друг ги спроведе во пракса, и тоа само поради една едноставна и огромна предност: се родил на место во кое системот функционира.
Тешко е да им објаснам на луѓето што се останати таму, колку сме назад. Денес нарачував некои работи од Полска, работи кои многу одамна сакав да ги произведувам и продавам од Македонија надвор. Мислам дека цената на тие производи би била двојно повисока кога би се произведувале во Македонија. Можеби би чинело горе-долу исто да се произведат, но цената што купувачот би ја платил после транспорт и царини би отишла превисоко и би го исфрлила производителот од игра. Посебно ако треба да се испраќа надвор од Европа. А пољаците си прават бесплатен шипинг во земји од ЕУ, бизнисот им цвета.
За домашно плаќање се ми е на копче, се може да се плати преку апликација на телефонот за 30 секунди, можам да бирам дали да пратам или примам пари преку сметка, преку QR код, дури и преку телефонски број. Можам да купувам производи со картичка за јавен транспорт, само да ја поминам на скенер. Тие кои не се странци до одредена сума можат да плаќаат со лична карта. Да, личната карта има чип како дебитна картичка и за помали суми во продавници и супермаркети можат да си платат со личната карта. Нема застој во платен промет никаде, се оди како подмачкано.
Ние сме ставени во нерамноправна положба, се мачиме со работи кои на други места функционираат беспрекорно и лесно. Се надевам дека во мојов животен век ќе ја видам Македонија да функционира нормално, но ние сме една од ретките држави која назадува во секој поглед... тешки времиња се.