Неодамна го завршив моето едномесечно патување, или како што Вие сакате, годишен одмор. Необично и уникатно, за мене, беше тоа што оваа година се “дрзнав“ поголемиот дел од времето да го поминам сам. Најдобра одлука, чунки одмор е одмор ако душата ти е мирна, а практикував секоја година да одам со весело друштво, оти тогаш пак, душата ти е полна. Првенствено целта ми беше максимално дистанцирање од социјални мрежи, што, ќе признаам, често знаев да кикснам, особено кога имав некои недоразбирања со едноумни суштества на кајгановата трибина. Започнав од Македонските убавини, со шатор и неколку конзерви храна во Отешево, па Стење, на Преспанското езеро, кое за жал, полека го губиме. Следно беше неколку дневното патување во Охрид. Прекраснотии, со нијанса негативна енергија од прилично лошиот туризам кај некои угостители. Ми остана Струга, но си ветив, ќе се вратам повторно! Овојпат тргнувам кон првиот крак. Прилично лошото искуство со vodafone, за кое пишував претходно, го затрупаа многуте прекрасни моменти. Првиот ден беше најтежок, жешко, гужва, стигнав во Пефкохори со шише топла вода и желба за прекрасен помин. Премногу overrated место, со мала плажа, каде повеќе место завзема бетонот од улицата и крајбрежните кафичи, отколку “песочната“ плажа, полна со пикавци и отпад. Оттаму се враќам во Ханиоти, па Полихроно, каде и покрај превисоките цени не можев да најдам соодветно сместување. Се истурил целиот Балкан во Грчка. Кога велам соодветно, тоа значи со сопствен паркинг, тераса и клима, цената не е важна. Се сместив во Калитеа. Прекрасен одмор, моментите ќе ги задржам за себе. Понатаму, се враќам во Струга, каде не требаше многу, а да не слушнам рафал од огнено оружје. Сепак, угостителите овде се крајно попристојни за разлика од комшилукот. Тука го завршувам моето едномесечно патување, се враќам на секојдневните обврски и пракса 18 часа активности, 6 часа сон.
Насмевката - најголемото оружје во победа над гневот.- свети Григориј Богослов.