Синоќа го сонував Цаки од Кисми. Разговаравме за македонскиот турбофолк од 90-ти и рани 2000-ти. Од некоја причина ги дисаше Огнени Момчиња, викаше дека Кисми за нив се многу подобри. Зборевме дека Пеце од Алпина е во странство, ја потпевнувавме заедно-Три грама памет немам како да сум дрогиран...
па се префрливме на Опус и си ја запеавме Две солзи ми капнаа
за на крај да завршиме со новата надеж на македонскиот турбофолк Ѓоко Јовиќ и неговиот Енерџи Бенд за кои Цаки не штедеше зборови дека се многу добри на взаемна согласност. Го прашав за нивната, на Кисми песна-На свадбата твоја. Се насмеа и ми рече дека често им ја бараат за нарачка.
Се разбудив презадоволен што универзумот или потсвеста ми сервираа таков сон. Толку епик конверзација не сум имал од 2011-та кога во еден ресторан во Битола го запознав Кире Мајмуно, тапанарот на Чоканче, каде што свртевме сто муабети за македонскиот и светскиот метал и рокенрол од 80-ти и 90-ти, за Дивље Јагоде и Зеле Липовача, за Чоканче за легендарни рок/метал анегдоти и случки од тоа време. Не знам дали он беше позадоволен што си најде соговорник што разбира тоа што има да го каже или јас да го слушам како збори за цел еден историјат.
Сабајлево се сетив на сонот на Кисми и на еден муабет што ми го раскажуваа едни белимбеговци. Седеле и љокале во некоја биртија со некој незгоден тип, некоја бараба што бил прилично агресивен кога ќе се напиел. И во еден момент типот почнал да ја пее На Свадбата Твоја, на цел глас да се дере. И, ги прашав јас, вие што направивте? Што да направиме пееме и ние на цел глас со него, иначе ќе почне да мава, ми одговорија белимбеговци. Се надевам ќе го запознаам еден ден Цаки Кисми и ќе ја запееме заедно На Свадбата Твоја
P.S. Ѓоко Јовиќ и Енерџи Бенд ја пеат кавер легендарната Окуј Ме Царе од Халид Бешлиќ. Доказ за тоа што со години го дрвам дека турбофолкот е чист рокенрол ако се преведе на англиски и му се додадат електрични гитари. Окуј ме царе е класична power metal балада, со цареви, љубови, окови и средновековни приказни и бајки.
и уште еден кавер на истата песна, овој пат со пропер бенд и тапанар што личи како да е од филмот Предатор. 100% метал/рокенрол.