Драга,
Не знам дали сум ти кажала за бабичката што живее на третиот спрат во мојата зграда. Сѐ уште не и го знам името. Кога ја видов прв пат пред три години, беше со долга, здрава, бела коса како снег, сплетена во бујна плетенка, мислиш дошла од оние швајцарскине села од приказните. На лицето ѝ се познаваа закривените линии - единствените докази за поминатите години. Секогаш ја гледав насмеана кога поминуваше покрај мојот прозор, и секогаш нешто си зборуваше. Нема да навлегувам во тоа со кој и што зборувала, тоа се некои нејзини имагинарни светови во кои ние обичните луѓе немаме право да се мешаме.
Секое утро, отприлика кај седум часот им фрла од балконот пченица на птиците, па тие веќе се навикнаа и паркчето пред зградата стана нивен дом. А тоа се разбира мене ми е во прилог, бидејќи обожувам да ги слушам нивните песнички. Понекогаш им зборува и ним.
Нашиот прв муабет го памтам како да беше вчера. Додуша, тоа не беше муабет, повеќе карање од нејзина страна, оти ќесата со ѓубре ја оставив пред мојата врата со намера кога ќе излегувам истиот ден да ја фрлам. Будалче, не знаев како одат овде работите. Нема врска. Ѝ велев дека ќе ја фрлам, а таа упорно нешто зборуваше на јазик кој тогаш и не го разбирав баш.
Оттогаш секогаш срдечно си ја поздравувам, ме поздравува со насмевка и таа мене.
Оваа година си помуабетивме пак. Кога ѝ кажав дека сум од Македонија, првото нешто што ме праша е дали имам дечко и дали сме католици. Па така муабетот, кој патем и не траеше многу долго, ни помина во потсетување кои земји се католици а кои православни.
Понекогаш им зборува и на луѓето што поминуваат под нејзиниот балкон, ќе ги праша нешто.. Некои ќе одговорат, а некои само зачудено ќе ја погледнат. Денес од сабајле на сите што поминуваат им ги честита божиќните празници.
Никогаш ја немам видено со некој друг, а од мојот наемник дознав дека нејзината ќерка починала пред неколку години и дека оттогаш станала... малку чудна.
Затоа овие празнични денови сѐ почесто си помислувам на луѓето што ги знам, а се сами; на бабичката од третиот спрат, на мојата бабичка што многу ми фали, на баба Марга, што живее веднаш до нашата куќа, на чичко Иванчо што секогаш зиме упорно гори стари гуми и ѓубре и не му е гајле што сите го гледаме црниот-гламја дим што излегува од неговиот оџак, на тетка Марија, чии пирошки ги јадеа сите деца од ул. Браќа Капчеви и на многу други, познати и непознати. На сите им праќам една голема гушка!