Сон страшен сонував...
Облаци обоени во црвено, солзи лееја
во темнина помешана со молк
усните зашиени ни беа, да не можеме да викаме
да запреме во чекор болен што рани стари отвора
само гледавме, со поглед празен,
солзите надвиснати ни беа на олук поткршен
па ги собира да ги чува во денови долги
кои не ги паметиме,
а како жиг врежани ни се на кожата
и мислите во оган ни се заробени
додека чека денот да осамне во победа
а сепак од темнина - во темнина паѓаме
без, се чини, ударот повеќе да не боли...
Сон страшен сонував...
Човек соблече крвава кошула
и ја закачи на ѕидот, како награда да е
со насмевка злобна што во грлото застанала
го ослободи гневот сопствен
кој ете, 'ртел долго во црнило заробен
и во мисли излитени потопен,
капките крв што сеуште течеа ги собра
за спомен за победа, за утеха
па погледот му залута на сопствен одраз
на тело од солзи туѓи градено
што лузни станале,
од отров што во крвта тече
и повторно загубена смеа оддекна,
додека рацете натопени во крв ги гледаше
а чад од игра згасната
се распаѓаше во душа како црвливо јаболко...
Сон страшен сонував...
Загубени лица кои патот си го бараа,
па само во круг пеколен чекаа
некој да ги најде и да ги спаси,
раните од телото да ги залечи
и белегот на гради што од неправда ете загорел,
детски насмевки - замрени,
само тишина болна што срцево го пара
луѓе многу, но сите загубени
во круг посебен наредени,
па бледо зјапаат во човек - змија
кој телата им ги стегнал додека коски не скрши
и вресок не се слушне,
само загубен сјај во падина темна
во црна дупка чиниш иднината не чека,
па чекаме, без ред, без спомени,
без да кажеме нешто, додека крв на рацеве ни капе
па очи затвораме, да не гледаме,
да се загубиме и ние во спас грешен.
Сон страшен сонував...
Сите прашина станавме,
загубени строфи од песна одвеани со ветер
и никој не' не бара,
како да не сме постоеле
како илузија да било постоењето на еден живот
што од градиве ни извирал,
сме следеле црвени реки, а во светлина сме ги гледале
па во нив сме се удавиле,
ете ја таа сопствена пропаст која од зеленило
во огнени јазици преминала,
па сега само траги од пепел останал
од жар незгасната која оган да стане не умее,
не нема во ничија песна, во ничиј спомен
седиме покрај збогум-от во црно обвиен
и не знаеме чии сме,
сме заборавиле за што се бориме,
за што стануваме и што е среќата,
седиме и очи затворaме
за реалноста да не влезе во пориве
и во мрак не претвори.
Сон страшен сонував...
Реалност го нарекуваа...
~
Слава им!