Деновиве добив многу критики за мојава брада, како не ми стоела убаво, ми обелеле влакната, сум изгледал постаро, да сум се избричел за да изгледам помладо. За што помладо, и зошто? Небитно.
Стојам пред огледало и се гледам, се двоумам што да правам, дали да ја избричам цела и да им угодам на луѓето. Ма кој ги ебе, не се бричам, вака си се свиѓам, се умислувам дека ми дава некој карактер. Глупости, знам. Ај ќе одам да ја средам само, ме мрзи денес сам да го правам тоа. Не идам кај мојот бербер, зашто секогаш ми ја утнува и ме праи да изгледам како Талибанец.
Ми светна, ќе одам кај Мендо стариот. Кај Мендо е една од, а можеби и најстара берберница во Стара Чаршија, се наоѓа веднаш после ќебапчилница Тетекс, старата, не оваа фаст фуд што е.
Берберницата како да заглавила во пеесетите години на минатиот век и баш ми праи мерак тој нејзин амбиент кој и дава посебна убавина. Бели плочки какви што веќе не произведува никој у свет, пожолтени исечоци од некои стари весници, слики од газдата - од свадби, од сунети, од некои дечиња мали, слика од Тито - најголема од сите и ставена да виси централно према влезот, преполни шкафчиња со се и сешто, запалено ќумбе среде дуќан.
Влегувам во берберница, се поздравувам, имаше гужва и барав со очите место каде да седнам за да почекам. Младо дете ме пресретнува со поглед и весела насмевка и ми вели да повелам, да седнам. Долета до мене и се фати за јакната да ми ја соблече, а баш го мразам тоа но го оставив зашто таков е редот, нели?
Седнувам и почна муабет, првин за што сум - шишање или бричење, како сте, како поминавте за празниците. Обично не сакам да правам муабет и зјапам у огледало, но детево беше ептен настојчиво и фино. Искрено, се приметуваше дека не ја глуми таа љубезност и отвореност. Разврзавме муабет. Млад дечко, 22 години, дипломирал не знам ти таму каква микробиологија во Грција, годинава запишал тука факултет - турски јазик и книжевност. Го прашувам колку време работи тука, вели работи кога може, учи занает и воедно му било и хоби. Го гледам и се чудам, врзан у пранги на предрасуди на умот. Планирал да поднесе документи за да се вработи според образование. Му велам искрено од срце, Бог нека ти помогне да успееш. Не му почнав политика муабети, тие празни клишеа знаете, едноставно уживав во разговорот и не сакав да го уништам со глупости. Танцувал, латино, му било пасија, сакал да оди на некој натпревар, но не можел да најде партнерка. Малиот работи совршено, прецизно, нежно. Ми кажа некоја турска поговорка за луѓето што носат сто лица на себе, му спомнав дека има една слична јапонска и пред да продолжам ја кажа он, со лицето за пред светот, второто пред пријателите и семејството, и третото кое на никој не го покажуваме. Дур ми збори го мислам што прави тука, заглавил во берберница. Весело, ведро, позитивно, полно со надеж, чиста душа. Сфаќам дека јас сум уствари заглавениот.
Ме заврши, ме напудри, ме премачка со крема, ме измасира, ми го искрцка вратот. Колку должам? Вели 80, му велам не треба, почасти се, си мислам да имам миљон би ти дал. Се поздравив, ме поздравија, ми посакаа среќни празници, им посакав среќна нова година.
Вистинскиот дух на Чаршија, кој никогаш не сум го осетил, џабе што живеам тука. Можеби малку се сеќавам од мал, некои слики и чувства од таа живост и убавина која веќе скоро ја нема.
Одете некогаш ако ве носи патот, нема да зажалите.
Еве го мајстор Мендо, нека е жив и здрав:
Позитива на денот.
Sent from my Redmi 4 using Tapatalk