Драга,
Честито 2017 и нови справувања, стравувања, сонувања.
Бадник, кај моите дома. Истите нешта, во луп. Макало, тегнета пита со зелка, риба по старски со морков и рузмарин, гравче... Паричката кај татко. Ако. Преброди тешка година, белким ќе му донесе радост оваа. Снегот, лапавицата, немањето држава е нашето секојдневие. Вчера пред Коледе, кај него спремив колачиња, ситни парички. Во 4:47 (точно ова време, погледнав на мобилен), два три баритона со ромска верзија на Коледе се истопорија на врата. Деца немаше.
Жалостии. Другите врати со ливче - НЕ ЅВОНИ, СПИЕМЕ; ИМА БЕБЕ, ВЕ МОЛИМЕ НЕ ТРОПАЈТЕ.
Останаа костените и чоколадите.
Тој е болен. Секој ден смутиња со ѓумбир, портокали и живот. Среќното семејство во Македонија е од три члена. Јас, тој и Нутрибулетот. И плановите за наредната година. Стан, перници. Средба со моите, сарми. До каде сте со живот заедно, ќе заиграме ли оро. Небаре, ако се решиш за брак, ќе доживеат 133 години и ќе се спаси светот.
Се изначитав за и против огнови, за и против картички на автобуските линии, за и против животот. Уморна сум. И здебелена. И слушам Френк Синатра со божиќни песни. И јадам Милка со лешици на биро, како кога пишував семинарски за Чистото и опасното во културата, на свои кревки 20.
Девет години потоа, имам многу повеќе на ум, многу повеќе изоден друм. Сакам само здравје и саглам памет, оти како проаѓа време, гледам дека пролупуваат мошне голем број и од луѓето што ги сметав или ми се чинеа нормални. Дали е до сиромаштијата и во џебот и во духот или е просто малограѓанската формулација што ги обвива како топло ќебе од кое не сакаат да излезат, не знам. Ама знам дека ние се гушиме во гадотија. Поприлично долго време, а еве дојде и мојата возраст да го тоа јас уочам, што би се рекло.
Изгледавме сто филмови за празниците, а Before the flood ми остави онака, беден вкус oтпосле. Покрај тешката прикаска, нешто беше нечесно, нешто беше лажно во целиот тој кастинг, усиленост во интервјуата... Или можда превише реалност се изнагледав.
Важно е дека Love Actually е прекрасен филм кој вреди да се гледа одново и одново.
Утре, по сета трпеза и се’ што ви останува за јадење, ако имате вишок, не го фрлајте. Донесете го во 12:30 на Мајка Тереза, се собираат бездомници, а со екипава на #ретвитниоброк ќе им однесеме готвени оброци, по нешто слатко, овошје. Срамота е да се фрла, да се биде циција и да се биде скот во време како ова невреме. Затоа - донирајте, споделете.
А во вторник, нов циклус Астални Проекции. Ве очекуваме, баш со радост на родители. Стануваме се’ посвесни дека само уметноста е спасот, иако и таму има тон ѓаоли што перат парички. Не Бадникови, секако.
М.