3. Определување на издршка
Член 194
При утврдување на потребата за издржување на лицето, судот ќе ја земе предвид неговата имотна состојба, способноста за работа, можноста за вработување, здравствената положба, како и другите околности од кои зависи оцената за неговите потреби.
Кога издршката се определува за дете судот ќе ја земе предвид и возраста на детето, како и потребите за неговото школување.
При утврдување на можностите на лицето кое е должно да дава издржување, судот ќе ги земе предвид сите негови приходи и вистинските можности за стекнување на заработка и неговите сопствени потреби и законски обврски по основ на издржувањето спрема други лица.
Член 195
Во спорот на родителите околу издржувањето на детето, судот како придонес за издржување на детето на родителот на кого детето му е доверено на чување и воспитание, ќе ги цени работата и грижата на тој родител кој ги внесува во воспитанието и подигањето на детето.
Член 196
Висината на издржувањето судот може да ја определи во определен износ или во процент од остварениот личен доход, односно од приходите и примањата остварени од вршење на друг вид дејност.
Член 197
Центарот за социјална работа може во име на малолетното дете да поведе спор за издржување, односно за зголемување на издржувањето, кога родителот кај кого детето се наоѓа на чување и воспитание, без оправдани причини, не го користи тоа право. Ако родителот не бара извршување на досуденото издржување, центарот за социјална работа може во името на малолетното лице да поднесе предлог за извршување.
Член 198
Центарот за социјална работа ќе настојува родителите да се спогодат за издржувањето на детето односно за зголемување на придонесот во издржување на детето кога тоа го бараат зголемените потреби на детето или тоа го овозможуваат подобрените материјални прилики на давателот на издржувањето.
Член 199
Центарот за социјална работа може, со полномошно на стари лица во нивно име да поведе и води спор за остварување на правото на издржување спрема лицата кои според одредбите на овој закон се должни да ги издржуваат.
Член 200
Лицето кое е должно да дава издржување, освен за обврската на родителот спрема малолетни деца, може по свој избор да плаќа определен паричен износ на име на издржувањето или лицето да го земе на издржување кај себе или да му обезбеди издржување на друг начин. Лицето кое има право на издржување може од оправдани причини да бара издржувањето да му се обезбеди само во пари.
Член 201
Заинтересираното лице може да бара судот да го зголеми, да го намали или да го укине издржувањето досудено со поранешна правосилна пресуда ако се измениле околностите врз основа на кои е донесена пресудата.
Член 202
Давателот на издршката (орган, организација, заедница или физичко лице) може од лицата кои според овој закон биле должни да даваат издршка, со тужба да бара надоместок на сторените трошоци за издршка на лицето, доколку тие биле оправдани.