Времето брзо поминува. Како вчера да беше, кога се разделивме. Ти бев прв дечко, и ти раскинав за да те заштитам од мојата немаштија и здравствени проблеми.
Сега си среќна, барем така слушам, со него, со мојот прв братучед. А за него збореше дека ти е антипатичен, и дека воопшто не ти се допаѓа. Нема врска, битно е да си среќна. За две недели од сега, е твојата свадба. Добив покана, но не знам дали ќе дојдам. Немам доблест да те гледам цела вечер, а најмалку да се сликам покрај тебе со него.
Чуден е понекогаш животот. Сакаше веднаш да се земеме, што јас не можев да ти го овозможам. А сега, сега си ја најде среќата, бар така зборат.
Не, не можам да заборавам на сите наши убави моменти, на сите денови поминати со тебе. И тешко ми е да прифатам дека ќе бидеш со него. Психички сум многу јака личност, но не знам дали тоа ќе можам да го издржам. А знам дека ќе ме натераат да отидам. И да дојдам, се надевам дека нема да ти ја расипам вечерта. Ќе бидам тивок, мирен и нема да се мрдам од столче.
Некогаш го прашувам Господ зошто баш со сите работи морам да се соочам лице в лице.
Те сакам, да знаеш. Иако го молам Господ тој повеќе да те сака, бидејќи заслужуваш.