Не е љубов, гарант. Само развиена фантазија, поттикната од недостаток на искуство какво што човек би го имал со тебе.
Сепак, ти благодарам што ја поттикнуваш, секој пат, без исклучок. Сум задоцнил со тебе и сум немал идеја дека може да постоиш. За мене си само вест, концепт што ми предизвикува бурни реакции. Твојата суштина е веројатно сосема поинаква, но мислам дека и ти е цел ова што го предизвикуваш кај мене да го предизвикуваш кај сите што ќе те сретнат.
Тоа би значело успешност во полето од интерес. Ако е така - респект.
Се надевам дека некого ќе усреќиш и некој ќе те усреќи тебе. Веројатно нема да знам кога тоа ќе се случи, ниту како. Сепак, ти во секој момент бараш вакви желби, од вакви како мене - далечни и скриени во себе, без три чисти да истапат отворено и да кажат што мислат.
Во мојот случај, имам многу што да изгубам ако го сторам тоа. Реално. Барем моето лично искуство тоа го вели, како и интуицијата. Сепак, фантазијата кажува нешто сосема друго, а неа ти ја разгоруваш секој пат без грешка.
Повторно, искуството ми вели дека таа фантазија треба да се искористи во друга насока. Знам како тоа се прави. Ќе ми помогне многу.
И затоа, ти благодарам што тоа го правиш. Не знаеш за оваа благодарност, но се надевам дека ќе дознаеш, преку која било виша сила. Знаеш дека тоа го правиш, но не знаеш дека мене тоа ми го правиш, па еве, благодарност и од мене.
Рекле: „Ако нема господ, треба да го измислиме“. Еве зошто - за да биде гласник на ваквите желби и благодарности.
Не е љубов, барем не во вистинската и целосна смисла. Сепак, малку од малку, тебе ти е наменета.
Поздрав и сè најубаво.