01. THERE WILL BE BLOOD - Paul Thomas Anderson (2007)
Даниел Деј Луис и Пол Дејно се главните актери во оваа епска нео-вестерн/период драма.
Судир на карактери кои се спремни на се само да стигнат до целта наречена пари и моќ. Едниот е нафтен магнат, другиот е свештеник.
Себичност, злоба, бескрупулозност, завист, љубомора, алчност, дволичност, одмаздољубие.
Ова е најкомплексниот и најдобриот филм на Пол Томас Андерсон.
Ако Хавиер Бардем во No Country for Old Man ко одигрува најперфектниот психопат >според многумина< Даниел Деј Луис возвраќа со најперфектниот социопат.
Општото мислење е дека во 21от век сеуште нема излезено подобар филм од овој.
02. ATONEMENT - Joe Wright (2007)
Прекрасно изработен филм кој успева да ја долови суштината на романот на Иан Мејкуан, истовремено додавајќи свој визуелен и емотивен шмек. Сместен во годините пред и за време на втората светска војна, приказната ги следи животите на Сесилија (Кира Најтли), Роби Тарнер (Џејмс Мекавој) и Бриони (Саоирс Ронан). Изведбите на Ронан, Кира Најтли и Џејмс Мекавој се исклучително добри, а кинематографијата е она што го краси филмот. Приказната главно се врти околу љубовта на Сесилија и Роби и за една погрешно протолкувана ситуација. Atonement е приказна за моќта на љубовта и деструктивната природа на љубомората. Забранета љубов која е скрцепаретална и привлечна. Филмското истражување на ужасите на војната е исто така обработено со голема чувствителност, а третиот чин е сместен во Данкерк, Франција за време на евакуацијата на британските војници. Сцените на хаос и уништување се прошарани со ретроспективи и поетски слики, што создава прогонувачки и незаборавно искуство.
03. GANGS OF NEW YORK - Martin Scorsese (2002)
3 часовна епска крими драма во режија на Мартин Скорсезе со Леонардо ДиКаприо и Даниел Деј Луис во главните улоги.
Дејството е сместено во Њу Јорк во 1862ра година и ја следи приказната на Амстердам Валон (ДиКаприо) кој доаѓа да ја одмазди смртта на неговиот татко. На спротивната страна е касапот Бил Катинг (Даниел Деј Луис).
Еден од филмовите со најмногу номинации за Оскар но со ниту една награда. Тоа е најмалку битно со оглед на тоа што филмот ужива голема популарност и е сметан за еден од најдобрите филмови на 21 век.
04. DOCTOR ZHIVAGO - David Lean (1965)
Од режисерот на историските спектали како што се Мостот на реката Квај и Лоренс од Арабија, ни доаѓа нова романса испреплетена со вистински историски настани. Безвременска љубовна драма помеѓу докторот и поет Јури Живаго и неговата муза Лара сместена за време на настаните на Првата светска војна и подоцнежните револуции во Русија.
Масовни сцени какви што не се снимаат денес, одлична сценографија и незаборавната музика ни го носат романот на Борис Пастернак на филмското платно.
Одличниот ансамбл на глумци го сочинуваат Омар Шариф, Џули Кристи, Алек Гинис, Род Стајгер, Џералдин Чаплин.
05. THE NAME OF THE ROSE - Jean-Jacques Annaud (1986)
Што ако ти кажам дека пред тебе е одлична трилер мистерија, каде што Шон Конери глуми детектив кој истражува убиство во една изолирана институција. Се соочува со домаќини кои не соработуваат, предавства на секој агол, закана по неговиот живот и единствена помош од неговиот ученик, глумен од Кристијан Слејтер.
И што ако ти кажам дека дејството всушност се случува во средниот век, Конери е калуѓер а локацијата е бенедиктски манастир.
Доколку ова не те убеди да му дадеш шанса на филмот, тогаш можеби ќе те убеди информацијата дека е снимен според истоимената книга од Умберто Еко и обработува многу филозофски и метафизички теми во самиот филм.
06. PRIDE & PREJUDICE - Joe Wright (2005)
It is a truth universally acknowledged, that a single man in possession of a good fortune, must be in want of a wife.
Снимен според популарниот роман на Џејн Остин, дејството се врти околу семејството Бенет и обидот на ќерките да бидат омажени во што подобри семејства. Од сите сестри најмногу се издвојува Елизабет (Киера Најтли), своеглава девојка, особина која и предизвикува многу проблеми во односот со Господин Дарси, нашиот друг протагонист.
Сместен во 18 век, овој филм ни нуди одлична шанса да погледнеме во начинот на кој тогаш луѓето се однесувале, општествените норми, начинот на облекување, класните поделби и слично.
Изобилува со одлични дијалози и глума и се разбира нуди еден поинаков поглед на машко-женските љубовни односи, кои можат да бидат забележани и во овој наш век.
07. DANGEROUS LIAISONS - Stephen Frears (1988)
Базиран на романот “Опасни Врски” од Пјер Шодерлос од 1782 година. Главните улоги ги имаат Глен Клоуз, Џон Малкович и Мишел Фјафер, а извонредната споредна актерска екипа се состои од Ума Турман и Киану Ривс. Сместен во Франција од 18 век, филмот ни ја раскажува приказната за двајца аристократи кои се пуштаат во игра на заведување и манипулација. Глен Клоуз и Џон Малкович се одлични во улогата на измамнички аристократи. Успешно создаваат тензија што се провлекува низ целиот филм. Мишел Фајфер во улогата на Мадам Де Турвел, а Ума Турман во улогата на Сесил. Сценографијата, кинематографијата и костимите се врвни, и буквално ќе ве вратат во 18 век. Очекувајте многу заплети и пресврти.
08. PERFUME: THE STORY OF A MURDERER - Tom Tykwer (2006)
Патрик Зискинд создаде еден од најенигматичните ликови во модерната литература, а Бен Вишоу успеа фантастично да го пренесе на големото платно. Може да се гадите, може да сте фасцинирани од него, но со сигурност нема да останете рамнодушни и потоа лесно да го заборавите.
Со првиот здив на новороденче, Жан Батист Гренуј ќе ја запечати судбината на неговата мајка, носејќи ја на гилотина. Растејќи осамен низ бедните париски сиропиталишта, уште во најраното детство ќе ја открие својата посебност. Надарен со исклучително изострено сетило за мирис, Гренуј живее за да го открие совршениот мирис, да го фати и претвори во супериорен парфем. Но, неговиот живот е обележан од смртта, а идеалниот парфем може да се направи само од човечка есенција.
09. THE HANDMAIDEN - Park Chan-wook (2016)
„The Handmaiden“ е јужнокорејски еротски трилер од 2016 година во режија на Парк Чан-вук, заснован на романот „Fingersmith“ од Сара Вотерс. Филмот ја раскажува приказната за една млада жена по име Сук-хи (Ким Тае-ри) која е ангажирана како слугинка на богатата јапонска наследничка Лејди Хидеко (Ким Мин-хи), но набрзо се наоѓа себеси вовлечена во комплицирана мрежа на измама и желба. Филмот ги истражува темите на моќ, желба и предавство, а технички гледано на филмов, секој кадар е уметничко дело.
10. WUTHERING HEIGHTS - Peter Kosminsky (1992)
Дејството на филмов започнува на имотот наречен Оркански височини, кога господинот Ерншо носи дете, кое го пронашол во градот. Го претставува како „дар од Бога“ и го нарекува Хитклиф. Младото момче, се зближува со ќерката на господин Ерншо, а таа близина прераснува во љубов, се до оној момент која Кетрин, не одлучи да се омажи за богат благородник.
Трогателна приказна за една борба помеѓу страста и разумот, љубовта и омразата. Колку еден човек може одмаздата да го заслепи.
Ќе уживате во брилијантната изведба на Ралф Фајнс како мрачен, мистериозен, брутален, а сепак ранлив Хитклиф и прекрасната Жулиет Бинож во улогата на своеглава, страствена и чувствителна Кети/Кетрин Ерншо. Прекрасни сцени од суровите, карпести предели на Јоркшир и совршен спој со музиката на јапонскиот композитор Руичи Сакамото.
Ова е апсолутно најдобрата филмска екранизација на Оркански височини, ремек дело на англиската книжевност. Според романот на Емили Бронте, а во режија на Питер Комински.
11. THE COLOR PURPLE - Steven Spielberg (1985)
Пред продукцијата, Спилберг се двоумел да прифати дали да го режира филмот, сметајќи дека не е доволно упатен со проблемите на луѓето од Југот на САД, и велејќи дека филмот треба да го режира црнец, некој кој ќе ја сфати болката и страдањата на луѓето од Југот повеќе од него. Музичарот Квинси Џонс на тоа реагирал со „Глупости, за да се режира E.T. не треба да си вонземјанин“. Спилберг прифатил и создал едно епско дело кое остана во аналите на холивудската кинематографија како едно од најголемите остварувања од 80-тите, и едно од првите кое храбро го отвора прашањето за проблемите на црнечките фамилии од Југот. Дури, филмот бил номиниран за 11 Оскари, но за жал не освоил ниту еден.
Филмот го следи животот на Сели (феноменалната и неповторлива Вупи Голдберг), млада црна девојка која расте на Југот од САД во почетокот на 20 век, и која ја запознаваме како 14 годишно девојче, бремено од нејзиниот татко, и остануваме со неа 30 години низ тешкиот живот кој го поминува. Филмот е направен според романот на Алис Вокер и е вистинско ремек дело од епски пропорции кое секој вљубеник на седмата уметност мора да го погледне.
12. THE REMAINS OF THE DAY - James Ivory (1993)
"The Remains of the Day" e драма направена според романот на нобеловецот Казуо Ишигуро, сместена некаде во Англија во периодот помеѓу двете светски војни. Приказна за еден батлер, кој целиот живот го жртвувал на професијата и неговото преиспитување за одлуките во животот.
Преку неговите сеќавања се запознаваме со општествените класи во Англија од почетокот на минатиот век и нивниот живот, службата, манирите, лојалноста, професионалноста и достоинството.
Прекрасно одиграни улоги на Ентони Хопкинс и Ема Томпсон, водени од маестралнoто трио за ваков вид на драми - Ајвори, Мерчант и Џабвала. Осум номинации за оскар.
13. LITTLE WOMEN - Greta Gerwig (2019)
Истоимениот роман на Луиза Меј Алкот низ годините доживеал неколку филмски екранизации, Бродвејски мјузикли, но благодарение на последната адаптација на Грета Гервиг приказната за семејството Марч повторно стана актуелна. За тоа можеби најзаслужна е извонредната актерка екипа - Сирша Ронан, Ема Вотсон, Флоренс Пју, Тимоти Шаламе, Лора Дерн и Мерил Стрип.
Џо, Мег, Бет и Ејми - секоја со свои мечти и соништа. Сместен во тешки времиња за американскиот човек, во време на граѓанската војна, овој филм го следи животот на четирите сестри Марч, животните околности во кои запаѓаат и начините што ги изнаоѓаат за да ги надминат предизвиците. Иако карактерно се целосна спротивност една на друга, надминувајќи ги разликите тие претставуваат вистински пример за сестринска сплотеност и љубов.
14. THE MAN WHO WOULD BE KING - John Huston (1975)
Снимен според истоимениот роман од Ридјард Киплинг, во режија на на Џон Хјустон и легендарните глумци Шон Конери и Мајкл Кејн, го прават овој филм едно незаборавно доживување.
Во потрага по авантура, нашите протагонисти патуваат во Авганистан, сместен во 19 век, каде што налетуваат на заборавен таен град во кој жители се еден мистериозен култ.
Погледнете го овој филм и уживајте во доживувањата, згодите и незгодите на нашите херои во потрага по богатство и слава, навлегувајќи во проблеми кои се преголеми од нив за да ги решат.
15. A ROOM WITH A VIEW - James Ivory (1985)
Едно лето од Едвардијанското доба, во Фиренца, Италија, Луси (Хелена Бонам-Картер, ова е нејзиното деби на филм) доживува љубов која ќе го промени комплетно нејзиното поимање на работите подоцна во животот, кога назад во Англија треба да се спрема за нејзината свадба. Освен Хелена Бонам-Картер, тука глумат и Даниел Деј Луис, Меги Смит, Џуди Денч и Аманда Вокер (меѓу другите). Ова е еден од филмовите вклучени во листата - 1001 филм кои мора да ги изгледаш пред да умреш, со 100% рејтинг на Rotten Tomatoes, номиниран за 8 Оскари и освојувач на 3 (сценарио, сценографија и костимографија) и филм кој секој филмофил мора да го изгледа.