Често ја посетувам зоолошката и низ годиниве навистина има позитивен напредок, но денес некако ме замисли состојбата на животните.
Ако ја тргнеме на страна дискусијата дали воопшто е правилно да се затвораат на тој начин, од денешните видувања би го издвоил следново.
Тргнав со голема желба да ги видам пингвините, кенгурите и слоновите, бидејќи не сум ги видел досега.
Ми се наруши сликата за тоа како изгледа слон и пингвин.
Слоновите бледи од прашината во која ги фрлиле. Едниот стонираше, другиот со главата се маваше во вратата. Никаков знак дека имаат свежа боја каква што сме гледале по телевизииве.
Не знам што пингвини се ова, ама дефинитивно не замислував дека изгледаат вака.
Кенгурите ставени во исто место со ноевите. Беа згужвани како бакшиш на краевите, додека исчупаните ноеви не следеа во чекор, очекувајќи храна.
Од нилските коњи немаше ни трага ни глас. Се прашувам дали пцовисале. Си отиде и едната жирафа, а другите личеа дека уживаат на дождот.
Ако нешто е атракција, тоа се фоките. Две три одења по ред, они го земаат приматот.
Некогаш најголем хит беа мечките, лавовите и мајмуните.
Сега мечките се за греота. Фрлени во два кафези, оставени во заборав. Заурдени, сместени во вирови со кал (какви што има и во другите места), личат ко да им е подосадно од пратеницине на седница.
Низ кафезите еден куп стаорци кои им ги јадат јадењата на другите животни.
Лавовите и тигрите секогаш спијат, оптегнати на голема далечина од местото за посетители. Мајмуните ги испопреместија и сега немаат доволно простор за интеракција со посетителите.
Змиите исти од времето, а под нив затворени глувци. Прилично симптоматично е дека глувчињата стануваат храна на нивните соседи во иднина.
Ламите мрзеливи, не можат ни да те ркнат, а прв пат гледам камили со паднати грбки.
Во оваа атмосфера на исцрпени животни, на кои изгледа времево и сите промени им влијаат и полошо од нас, мора да се издвои и белиот волк. Сам во кафез, шеташе лево - десно како хорсајлија и така непрекинато.
Разочаран сум дека лемурите ги однеле предалеку од посетителите, уживав во нивните шари.
П.с. пред 4 години Вардар газеше во Струмица. Денот ќе го памтам по еден прелош сомнителен хамбугер, купен од улична сендвичара на 40 степени, расипана кола на автопат и преноќување во Штип кај другар. Остана легендарното дека јадев бурек во 1 вечерта со литро црвено вино. Две недели имав стомачен вирус, 39 температура, од шоља не станав. Никогаш да не се повтори!