4. Ahlat Ağacı / The Wild Pear Tree - Nuri Bilge Ceylan - Турција / Македонија / Франција / Германија / Босна и Херцеговина / Бугарија / Шведска
Уште еден прекрасен филм! Јас Нури Билге Џејлан го знам само по Winter Sleep, и тој филм се сеќавам дека ме мрдна од убавини, а ништо помалку не е ни овој. Да, 3 саати трае, да, предолго е, и не се издржува, плус, неговите филмови се без некое дејство, повеќе се само дијалози, дијалози и дијалози (и тоа какви дијалози во обата случаи) но режисерот успеал во текот на тие 3 саати да начне толку многу теми, да праша толку многу прашања, што мене во ниту еден момент не ми беше досаден (ете, освен можеби сцената со имамите кога дискутираа за религиите и за Исламот). Инаку, филмов говори за семејството, за децата, за родителството, за бракот, за љубовта, за убавината, за уметноста, за светот околу нас, за објективноста, за моралот, за религиите, за книжевноста, за политиката, за Турција и местото на Турција во светот, за луѓето, за животните, за филантропијата и мизантропијата... Прекрасно филозофско дело кое поттикнува на размислување. Мој фаворит за Оскар од неанглиско говорно подрачје!
Приказната: млад писател кој штотуку дипломирал во големиот град се враќа назад во малото селце каде ги презира сите до еден - дури и неговите најблиски, особено татко му со кој не може да се поврзе никако, затоа што тој има чудни начини да пристапи кон него.
Не можејќи да се прилагоди назад, и не знаејќи што да прави со себеси, мора да донесе одлуки што понатаму во животот, при тоа собирајќи пари за издавање на неговиот прв роман - „Дивата круша“. Филмов изобилува со многу метафори, прекрасни кадри, убава режија и глума... Сѐ на сѐ, многу ми се допадна.
8/10