Не можам да зборувам кога било подобро затоа што во тој период не сум ни бил роден, но од денешна дистанца да зборуваме за 50-тите како се живеело тогаш и сега, е малку неблагодарно. Во тој временски период скоро сме излегле од втора светска војна, сме добиле држава. 90% од населението било неписмено, со скоро никаков допир со надворешниот свет, за разлика од сега, кога живееме во информациско доба. Инфраструктурата скоро и да ја немало, била во целост разрушена, правливи селски патишта и калдрма по која се движеле луѓето пешки или на магариња.
Тогаш можеби јаделе сув леб и свинска маст, меѓутоа и комшијата тоа јадел. Денес голем дел од населението јаде леб и маргарин а комшијата се сонча на Бали. Тоа е една од големите разлики која ствара фрустрација кај населението денес. И не зборувам дека и тогаш и сега било добро, само пробувам да направам осврт на фактичката ситуација.
Тогаш буквално се почнало од нула па се стигнало до некое ниво во временски рок од 40-тина години, што е своевиден успех за разлика од сега. Еве денес имаме скоро 30 години самостојна држава која што почива врз придобивките од тоа време. Тоа се што се украде се украде од тоа што се создало тогаш.
Тогаш ако комунизмот бил виновен што се јадело сув леб и свинска маст, еве денес кој е виновен за тоа во време кога имаме самостојна држава со демократско уредување, по теркот на Западните општества, наводно, јадеме леб и маргарин, а голем дел од новите генерации родени во ова ново доба ни се функционално неписмени?