Имав потреба да дојдам до податоци за цени на греење при користење на различни топлински извори, па се позанимавав со малку истражување и мислам дека резултативе на некого можат да му бидат од помош:
Греење на струја - пр. панелен радијатор. Тука не спаѓа ТА печка.
1 kWh топлина = 5.4 денари
- COP вредноста ја сметав 1, затоа што скоро сите уреди кои директно ја претвораат електричната енергија во термална, имаат COP многу блиску до 1.
- 1 kWh електрична енергија го сметав 5.4 денари, затоа што ватметарот ми покажува дека толку просечно ме чини мене лично. Тоа е сепак бројка која може драстично да варира во зависност од вашите потреби и навики.
Греење на пелети
1 kWh топлина = 3.7 денари
- Сметав дека 1 kg пелети е 14 денари, затоа што цените што успеав да ги најдам се движеа од 13 до 15 денари.
- Сметав дека 1 kg пелети даваат 5 kWh топлинска енергија, затоа што сите вредности што ги најдов се движеа меѓу 4.7 и 5.3 kWh.
- Сметав дека од тие 5 kWh се искористуваат 70%, затоа што ефиксаноста на печките што ги најдов се движеше меѓу 65% и 75%.
Греење на букови дрва
1 kWh топлина = 2.3 денари
- Сметав дека 1 m³ букови дрва се 3.000 денари.
- Сметав дека 1 m³ букови дрва даваат 2.000 kWh топлина, затоа што податоците што ги најдов се движеа од 1.800 до 2.200 kWh.
- Сметав дека се искористуваат 65% од тие 2.000 kWh, затоа што ефикасноста на печките што ги најдов се движеше меѓу 60% и 70%.
Греење со (скап) климатизер
1 kWh топлина = 1.1 денар
- Го земав како пример Mitsubishi FH35VE, кој според Eurovent има SCOP 5.1 (A+++). Seasonal COP е просек земен од цела грејна сезона. Оваа просечна ефикасност можат да ја постигнат само климатизери со цена од 1.000 €, па нагоре. И тоа само неколку климатизери, не било кој за тие пари.
- 1 kWh електрична енергија го сметав 5.4 денари. Како што напоменав погоре, таа бројка е субјективна.
- Многу е битно да знаете (а повеќето знаете) дека има драстична разлика во цената која ја плаќате за 1 kWh топлина во ладни наспрема топли периоди од грејната сезона и резултатот од 1.1 денар е само просек. Очекувајте во ладни периоди како минатиот месец, 1 kWh топлина во просек да ве чини и до 1.5 денари.
Сите податоци се земени од различни извори на интернет и скоро сите вредности се добиени по пресметување просек од податоците што ги најдов.
Не носете одлука врз база на овие резултати! Сами направете пресметка.
Ако некој има некаква забелешка, слободно нека ме поправи, по можност со факти (линк, слика). И јас ќе закачев линкови до сите извори кои ги искористив, ама ги има десетици и треба да ги барам од почеток.