ИНТЕРВЈУ, ДАРКО ВЕЛКОВ: Никогаш порано немало толку огласи за работа во Македонија
Со првиот човек на vrabotuvanje.com, Дарко Велков, разговаравме за реформите на пазарот на труд, начинот на кој компаниите вработуваат и понудата на работни места. Еве го интервјуто:
Вработување.ком е една од најискусните и најактивните агенции за посредување при вработување во земјава. Како ја коментирате последната анкета државниот завод за статистика во која компаниите пријавија 4692 слободни работни места во државава?
Мислам дека оваа бројка се должи на две работи. Прво зголемен е трендот на пријавување на вработени на определено време и второ, има зголемен обем на побарување. Тоа е јасно видливо и кај нас на Вработување.ком бидејќи никогаш порано во Република Македонија немало толку огласи. Во моментов имаме повеќе од 3000 активни огласи за огромен број на позиции.
Какви вработувања најмногу се нудат, а каква работа најмногу се бара на македонскиот пазар на труд? Има ли големи несовпаѓања во поглед на потребниот, од една, и достапниот кадар, од друга страна?
Можеби за прв пат до сега имаме конкретна статистика со која може да се следат бројките и да се извлечат насоки. Факт е дека на пазарот имаме секаква понуда, но евидентна е разликата во потребите и вештините. Мислам дека секој кој бара работа мора да покаже огромна проактивност. Кога вие би барале вработен дали би му понудиле работа на оној кој има познавање од повеќе вештини или оној кој има помалку? Одговорот е јасен и единствен. Дојде време во кој се гледа единствено напредок на компаниите и како држава се надминавме себеси во вработувањата кога се вработуваше роднински. Друга битна тема е евидентната застоеност кај младите кои мора да бидат нашата нова интелектуална постава. Тие мора да бомбардираат со иновации, патенти, идеи и сл. Баш би било чудно некој кој е 30 години во бизнисот да има поголема желба од помладите за работа… Не е битно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе станеш во животот. Од сегашната понуда најмногу се бараат кадри кои се добро обучени во продажба, а тоа важи за секаков тип на професија. ИТ индустријата се движи со огромна брзина и никогаш не се доволни програмери со конкретни знаења. Добар сметководител е често побарувана позиција. Се повеќе се бараат менаџери кои ќе направат разлика во работењето. Новите брендови кои влегоа бараат вработени од стручното образование со конкретни познавања од автомобилската индустрија, а доколку не можат да ги најдат вложуваат доста во нивна обука и др.
Како гледате на новиот систем на евидентирање во Агенцијата за вработување во кој има поделба на активни и неактивни баратели на работа?
Конечно се виде нешто што меѓу менаџерите и стопанството е оддамна познато. Многу луѓе беа евидентирани во завод заради картоните за здраствено (на пр.работат на запад а се евидентирани како невработени поради здраственото за сопругата и децата и сл.)така бројките на невработеност се нереални. Вака колку што сум информиран излезе дека нешто под 100 000 луѓе се во МК и бараат работа, додека останатите доброволно изјавиле дека реално не сакаат заводот да им бара работа. Тоа мене ми покажува дека тие се на некој начин ангажирани во доменот на сивата економија или се надвор од државата. Како и да е, секој се снаоѓа за егзистенција, но конечно мислам дека на вистински начин може да се пристапи со стратегија кон образованието кое ќе ја намали разликата во вештините кои се сега премногу големи. Нормално, мора да се внимава и на неформалната невработеност(луѓе кои од различни причини не дошле да се евидентираат, а се реално невработени) која секогаш ќе постои но мора да се контролира. Колку побрзо ги зголемиме вештините на идните вработени во образовниот систем толку помалку ќе ја чинат државата во системот за социјална грижа и невработеност.
Колку компаниите во Македонија вработуваат преку огласи? Се чини дека има многу случаи во кои вработувањата се веќе пополнети, но огласите се објавуваат заради законски одредби.
Се повеќе се вработуваат вработени преку огласи. Помина времето кога се вработуваше само со познанства. Убеден сум дека сите сакаат да го добијат најдобриот вработен. Доколку сакаат да вработат постоечки кадар тоа можат да го сторат и само на огласната табла во завод и да ги исполнат законските обрски, но напротив имаме најголем обем на огласи кои сме ги имале до сега што значи стопанството е искрено за барање на најдобриот вработен што може да го добијат. Се гледа и дека стопанствениците се повеќе ги вработуваат работниците со договор на определено со цел да ги мотивираат работниците да покажат повеќе. Доколку се покажат секогаш ги пријавуваат на неопределено и нормално времето на криза го направи своето,никој не знае како ќе се развиваат работите за една година од сега.
Неколку препораки за невработените кои активно бараат работа?
Дајте се од себе за да ги зголемите своите вештини, секоја вештина плус е можност за понуда од некоја компанија. Секоја вештина која ќе ја научите останува да биде само ваша. Мора да најдете мотивација која ќе ве води кон оваа цел. Дали ќе ве мотивира да се помогне на семејството, да се живее поквалитетно или нешто друго тоа мора да биде трајна мотивација бидејќи битката на пазарот на трудот е маратон кој долго трае.
http://ekonomski.mk/?p=43119