Владата годинава може да се прости од дивидендите од Телекомот
Иако Владата на Република Македонија се навикна редовно, од година во година, да зема дивиденди од „Телекомот“ како малцински акционер, тоа ова година нема да се случи.
Отпишувањето на дел од приходите од планот за во иднина или признавањето на „оштетувања на добра волја,“ кои се наведени во финансискиот извештај на „Маѓар Телеком“ за 2011 година, заради што компанијата само во земјава покажа загуби од 108,7 милиони евра, значи дека десетиците милиони евра, кои Владата редовно ги добиваше од Телекомот, оваа година нема да се слеат во буџетот.
Преклани, во 2010 година, државата зеде 41 милион евра од вкупната сума предвидена за дивиденди од 105 милиони евра за 2009 година. За 2010 година, сумата која Телекомот ја подели лани за дивиденди изнесуваше 97 милиони евра. Имаше дури и години кога Унгарците биваа замолени да не ја изнесуваат добивката веднаш или целата одеднаш, туку да почекаат додека да се подобри состојбата во националниот буџет. Годинава од тоа нема да има ништо.
Инаку, она што е интересно и проблематично, истовремено, е фактот што ваквото отпишување доаѓа неполни два месеци откако „Маѓар Телеком“ направи спогодба во САД со тамошната Комисија за хартии до вредност да плати казна од 95 милиони долари за скандалот со давање мито во Македонија и Црна Гора.
Треба да се знае дека отпишувањето или оштетувањето кое „Маѓар Телеком“ планира да го претрпи во однос на планираните приходи во иднина не се вистински пари и дека оваа мерка е резултат на тнр. преносливост на парите.
„Преносливост на парите значи да се избегне трошок на едно место за да може да се плати нешто на друго место, тоа е еден вид на скриена резерва,“ вели економскиот аналитичар, Сем Вакнин. Тој, инаку додава дека не може да се каже дека постои директна врска меѓу ова отпишување и плаќањето на казните во САД. Компаниите, според сметководствените стандарди, имаат право да отпишуваат вредност од разни причини, меѓу кои и за амортизација, на пример, вели тој.
Но, Вакнин, сепак, додава дека плаќањето казни на ваков начин преку отпишување на вредноста на имотот или намалување на плановите за идните приходи е редовна пракса на компаниите и тоа особено кога станува збор за плаќање казни во САД според законот по кој е казнет и „Маѓар Телеком“, а тоа американскиот Закон за корумпирани практики во странство.
„Сличајот со Маѓар Телеком не е уникатен. Секоја година, според овој закон, во САД се казнуваат 300-400 компании и најголем дел од нив, ако не и сите, вршат разни отпишувања во имотот или планираните приходи за да можат да прикажат загуби или намалени добивки и од неисплатените дивиденди да ги платат казните. Така што, за ова дури и може да се каже дека е вообичаена пракса,“ вели Вакнин.
Тој и додава дека компаниите немаат никаква обврска, ниту етичка, камоли, пак, законска, да даваат дивиденди. Ти можат слободно да ги задржат профитите кај себе со објаснување дека е економска криза или дека едноставно сакаат да имаат дополнителни резрерви или дека сакаат да направат нови инвестиции. Дивидендите се прва жртва кога има рецесија или некаков проблем, а тоа се покажа и во 2008 година, вели Вакнин.
Во секој случај, останува прашањето зошто „Маѓар Телеком“ реши да направи отпишување неполни два месеци откако беше казнет во САД и тоа само во Македонија, а не и во Црна Гора, каде што, исто така, според обвинението, има случај за мито, или, пак, во Унгарија.
Унгарскиот деловен портал „Портфолио“ денес објави дека инвеститорите се прашуваат дали можеби вакво отпишување нема да се случи и во Црна Гора.
ИНаку, ако некаде треба да се сменат плановите за идните приходи на компанијата, на пример, тоа би требало да биде централата во Будимпешта зашто „Маѓар Телеком“ во матичната Унгарија бележи пад на приходите од мобилната телефонија веќе 12 тромесечја по ред.
извор:
http://www.plusinfo.mk/vest/34426/Vladata-godinava-mozhe-da-se-prosti-od-dividendite-od-Telekomot
--- надополнето: 23 февруари 2012 во 14:11 ---
KMB , ALK и GRNT ми изгледаат како најдобри акции за инвестирање во периодов според текот на настаните на нашава берза ...