Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров по одличните игри на ЕП 2012 во Србија се врати на клупските обврски во Атлетико Мадрид. Лазаров повторно е во центарот на вниманието на шпанската ракометна јавност, а во интервју за порталот palcodeportivo.com говори за импресиите од штотуку завршениот европски шампионат, како и за своите желби за преостанатиот дел од оваа 2012 година.
Како се чувствуваш по освоеното петто место на ЕП 2012?
-
Сите сме многу среќни бидејќи 14 години Македонија немаше играно на едно Европско Првенство, а сега стигнавме до петтото место. Овој пласман е големо изненадување за сите, па и за нас ракометарите. Доаѓаме од мала земја, но покажавме дека знаеме да играме, да се бориме и заедно со нашите фанови - да победуваме. Навистина имавме голема помош од навивачите на овој шампионат.
Како вие ракометарите го доживеавте овој успех?
-
Чувството е навистина фантастично, имавме огромно славје по секој успех, особено по триумфот над Словенија и пласманот на предолимпискиот турнир. Сите ние претставуваме едно големо семејство и верувам дека токму тоа може да ни донесе успех на предолимпискиот турнир, бидејќи имаме самодоверба дека можеме да се носиме со сите ривали во Шведска.
Какви се очекувањата од предолимпискиот турнир?
-
Ние сме мала репрезентација кај која што отсуството на секој играч веднаш се чувствува. Најважно е да бидеме здрави, да немаме проблеми со повредите. Исто така, немаме премногу време за подготовки, сега се враќаме на обврските кон клубовите, а потоа ќе имаме само неколку дена за собир и подготовки за турнирот во Шведска. Сепак, се надеваме дека повторно ќе имаме голема поддршка бидејќи знаеме дека во оваа земја живеат голем број на Македонци. Знаеме дека тие веќе почнале со купување на билети и очекуваме околу четири до пет илјади наши фанови, за заедно да приредиме ново изненадување на европската ракометна сцена.
Сметаш ли дека Олимписките Игри се врв во кариерата на спортистите?
-
Тоа сигурно е сон за секој спортист, но особено за нас Македонците. За земја од два милиони жители да биде учесник на ОИ во еден колективен спорт, тоа би бил навистина огромен успех.
Која е разликата за тебе кога играш за Македонија во однос на настапите за Атлетико Мадрид?
-
Искрено, за мене е многу полесно да играм за Атлетико бидејќи крај себе имам огромен број на играчи од екстра класа. Кога се има толку квалитетен и толку искусен тим, тоа ти дозволува да играш далеку порелаксирано, да не трошиш премногу енергија.
Ова лето ти истекува договорот, дали останување во Атлетико Мадрид ти останува примарна опција?
-
Засега не сме разговарале на оваа тема, оставам на управата на клубот да реши кога ќе почнат преговорите. Сигурно е дека прво ќе разговарам со Атлетико, ќе ги сослушам газдите на клубот, па потоа ќе решам што да сторам. Сепак, не очекувам таква одлука да биде донесена наскоро бидејќи пред нас се голем број на значајни натпревари.
Кои успеси ти се подраги, со репрезентацијата или со клубот?
-
Не би можел да издвојам ништо, бидејќи сите успеси ми причинуваат огромно задоволство. Кога играм за Македонија, се борам за својата земја, за роднините, за пријателите. Во Атлетико Мадрид сите се чувствуваме како огромно семејство и знаеме како да ги славиме успесите.
Која е твојата желба за оваа натпреварувачка сезона?
-
Имам доста желби, но најголема сигурно ми е конечно да стигнам до трофејот во Лигата на шампионите.
http://www.ekipa.mk/News.aspx?newsId=5417