Пошто видов дека си маченик од Гоце Делчев, ќе го ставам и тој дел.
За стилот мој, фала многу, ќе го одгледувам како флора и фауна.
... Мене актуелни ми се студентските згоди и фекални води. Да бидеш напатено душиче од универзитетот ,,Кирил и Методиј”, меѓу другото значи да си подготвен на аскетски брич. Покрај тоа, суштествено е да бидеш партиципативен субјект за новиот џип на професорот купувајќи учебници од педесетина евра, и да палиш кандило три пати неделно со надеж дека ќе ти дадат потпис и дека тетката од студентски прашања денес нема добиено. Во амфитеатарот од четириес треќа, се седи и на скали. Од време на време, одозгора чувствувате благопријатен туш предизвикан од хидрометереолошката појава дожд. И тоа не е се`! Во цената е вклучена и возбудлива одбрана од оси, кои безгрижно ви леткаат во просторијата додека се обидувате да слушате од последниот ред, таму најгоре, десно, до ѕидот, тој неокречениот. Секој ден седите во шареното бифе и со црно кафе си ги заливате уште поцрните маки. Кога ќе излезете оттаму, гарантирано вашата коса го добива уникатниот мирис на ,,Родео” тврдо. Да ги занемариме сите овие срцепарателни студентски патила и да се фокусираме на главното: На кој факултет во светот, освен можеби на оној во Уганда или Занзибар, професор фатен дека зема мито, се враќа на работа? И ај ќе се правиме слепи, ако не. Студентскиот дом ,,Гоце Делчев” е совршена локација за снимање на реалното шоу Survivor. Ма каква Панама бре! Овде, секој клаустрофобичен ќе добие напад. Фотографија број еден: Соба, два на два, ѕид на средина. На него прокиснува вода, а влагата изнесува деведесет и пет проценти без влагомер, бидејќи постои опасност тој да пукне, ако го употребите . Некој студент – ентузијаст, ја обложил неговата страна од ѕидот со цветна хартија за завиткување книги што ве тера да се чувствувате како киднапирани во багажник. Облачно е, а единствената сијалица не врши работа. Темно зелена платнена ролетна, или парталот што останал од неа, виси тажно како да сака да се самозапали. Фотографија број два: Тања, руса коса, зелени очи, број на сандали – триесет и седум, (зависно од калап може триесет и осум), студентка на медицина, жител на горенаведената соба, влегува во едно од вецињата на студентскиот дом Гоце Делчев. Лев кадар – тоалетната хартија е извалкана, подот исто така, а смрдеата што се шири потсетува на вицот ,,Си биле две мачиња се гушнале и умреле”. И сево ова би било дел од стрип имагинација ако не беше реалност. Тања го зема џогерот и ја врши работата на хигиеничарката. Е така функционира од прилика студентскиот напатен секојдневен хаос. За менталниот ќотек, не смее да се дискутира, бидејќи е апстракција додека не се доживее на своја кожа. На универзитетот во Тетово, сите соопштенија за испитите ги има само на албански јазик иако таму учат 2000 Македонци. Таму си ќутат и си траат. Изгледа и тие го чекаат Чак Норис да се бори за нивните права, ко јас што ги чекам овие од топлификација. Сиве описи на студентскиот живот и образование се увертира, за да се запознаете зошто им пукна филмот и сајлата на студентите кои организираат протест. Под мотото ,, Железото се кова додека е жешко, буџетот се прави додека е октомври”, организираните млади ќе си ги бараат правата. Барањата се и повеќе од реални и ја отсликуваат разбудената свест по долгогодишното стрижење и мижење пред вистината. Криза е, нема ваучери за компјутери. Епа да, се согласувам. Ама зарем не е криза и за студентите чија партиципација останува ненамалена, независно од курсот на еврото, падот на акциите, бојата на небото и знакот во хороскоп? Имаше еден говор со наслов ,,Зошто во Македонија опаѓа продажбата на лижавчиња”.Одговорот е – затоа што повеќето лижат нешто друго. Се надевам дека тоа нема да биде пречка за обединување и остварување на единствените студентски цели кои ќе доведат до подобро школство. Срамота е во 21 век, со кодифициран јазик и толку форсиран македонизам, некои се` уште да учат на српско хрватски. Не сме во времето на Тито повеќе. Инаку, вицотеката вели дека после Тито, Југославија е Титаник, а Македонија Илинден
.......