Старт со нови играчи или со нов селектор
По најавата за бојкот на играчите на Металург, на планираниот турнир „Трофеј Карпати“ и квалификациите за ЕП 2012 веројатно ќе има нов играчки костур или нов селектор
Вечерашниот прв тренинг на сениорската репрезентација треба да даде одговор со каква репрезентација Македонија ќе настапи на претстојниот ракометен турнир „Трофеј Карпати“, а потоа и ќе ги почнат подготовките за квалификации за ЕП 2012 година. Најавите за можен бојкот на ракометарите што доаѓаат од редовите на Металург веќе некое време е актуелна тема во ракометните кулоари. На тој начин тие сакаат да му порачаат на сегашниот селектор Љубомир Савевски дека е непожелен за нив, РФМ да го притиснат да го смени, и да биде поставен Лино Червар, сегашниот тренер на Металург. Нетрпеливоста меѓу дел од играчите и Савевски е присутна уште од јануари кога Македонија поради послаба гол-разлика не се пласира во баражот за СП, откако на турнирот во Адана, Турција, ремизиравме со Литванија, а потоа домаќините и' „пуштија“ на Литванија.
Од 21 до 23 октомври треба да играме на „Трофеј Карпати“ против Белорусија, Романија и Тунис, а на 27 октомври во Скопје ги почнуваме квалификациите за ЕП 2012 година. Прв противник ни е Естонија, а четири дена подоцна гостуваме во Босна. Во нашата група е уште и Унгарија, а најдобрите две репрезентации ќе изборат место на ЕП 2012 година во Србија.
Играчите се плашат јавно да објават дека го бојкотираат селекторот зашто знаат дека ќе бидат критикувани за нивната одлука да не играат за репрезентацијата, од каде што добија и награда од државата од 5.000 евра за пласманот на 11. место на последното СП во Хрватска. Затоа и се подготвува терен како целата работа да се изведе што побезболно. Но, се' се искомплицира кога Минчо Јорданов, главниот финансиер на Металург, го откажа спонзорирањето на машката репрезентација иако биле одржани внатрешни состаноци на кои било потврдено преземањето на репрезентацијата, а Червар ги известил и дел од играчите за „големиот проект“ во кој тој се вклучува. Јорданов наводно дал уверување дека сите повикани ќе се појават на подготовките.
Савевски засега не е загрижен за можниот бојкот.
- Во интерес на македонскиот ракомет е да се направи се' за да се пласираме на ЕП. Со мојот претседател се договорив дека во интерес на македонскиот ракомет подготвен сум да се повлечам и Червар да го назначат за селектор. Инаку не се откажувам од репрезентацијата - вели Савевски, кој од УО на РФМ доби двегодишна доверба. - Без секого се може, па и ако некој не сака да игра. Но, со бојкот ништо не се решава - вели Савевски.
Нетрпението меѓу играчите и селекторот го најави и Наумче Мојсовски, по дербито меѓу Металург и Вардар во четвртокот во Скопје, кога металурзите победија со 28-20.
- Победи инаетот. По изјавите на Вардар дека овие играчи толку можат и толку од македонските репрезентативци. Сам се победи Вардар. Тие што лани беа репрезентативци кај Вардар, сега го победија. Игравме и против Савевски, кој имаше изјави дека не му требаат играчите во Вардар - изјави тогаш Наумче Мојсовски.
Турбуленциите што ја зафаќаат репрезентацијата само го скратуваат времето потребно за подготовки, бидејќи меѓу Унгарија, БиХ и Македонија ќе се бараат двата патника на ЕП. Унгарците се фаворити, а Босанците имаат силен интернационален состав кој очекува конечно да им се исполни желбата да игра на големо натпреварување.
Савевски повика 27 играчи
На вечерашниот собир во СРЦ Кале, селекторот Љубомир Савевски повика 27 играчи, од што 13 членови на Металург, шестмина од Вардар про, еден од ВВ Тиквеш и седуммина интернационалци. Меѓу повиканите нема неколку играчи што порано беа дел од репрезентацијата: Ангеловски, Стојановиќ, Макалоски, Митков, а меѓу сениорите се повикани и Шалевски (ВВ Тиквеш), Ристо Арнаудовски (Босна) и Никола Стојчевски (Романија).
Од интернационалците повикани се: Кирил Лазаров, Влатко Темелков, Лазе Мајнов, Стојанче Стоилов, Ристо Арнаудовски, Никола Стојчевски, Горан Кузмановски.
На Јорданов премногу му е да даде 400.000 евра
Сумата што Јорданов требало да ја префрли на сметката на РФМ како дел од планот за спонзорирање на репрезентацијата наводно бил околу 400.000 евра, што била една од причините да се откаже, барем привремено. Наводно РФМ барало парите да бидат префрлени, а потоа од канцеларијата да се прави распределбата, а Јорданов сакал тој да ги врши сите плаќања.
За СП 2009 година, Јорданов беше дел од УО и спонзор на машката репрезентација и потоа се откажа среде квалификации за ЕП 2010 година. По неговото заминување РФМ тврдеше дека останале сметки околу 100.000 евра што биле направени во време кога тие биле спонзори, а не бил наплатени.
Во стручниот штаб на репрезентацијата како помошници се споменуваат Данило Брестовац, Милчо Чакарески и Ѕвонко Шундовски.