Краток приказ на правните основи за регулирање на прашањето на името на РМ во ОН
Правен карактер на проблемот
Проблемот на користење привремено име (“реферирање“) за Македонија во системот на ОН настанува со донесувањето на резолуцијата бр. 817(1993) (4) на Советот за безбедност со која на Генералното собрание на ОН му се препорачува Македонија да ја прими во членство на ОН, но со деноминација “Поранешна југословенска република Македонија“ /ФИРОМ/ за употреба во системот на ОН, се’ додека “разликата“ околу името меѓу Македонија и Грција не се разреши (5). Истовремено, во истата резолуција се бара од страните што побрзо да ја разрешат оваа “разлика“ во интерес на “одржување мирољубиви и добрососедски односи во регионот“. Во однос на стандардната формулација на резолуциите со кои Советот за безбедност препорачува на Генералното собрание прием на некоја држава во членство на ОН (каде се констатира дека апликантот ги задоволува условите на параграф 1 од член 4 на Повелбата пропишана за прием), резолуцијата 817(1993) на Советот содржи и уште два услова за кандидатот (доколку не сака да ја повлече својата апликација): (1) да ја прифати привремената деноминација ФИРОМ за употреба во рамките на ОН, и (2) да преговара со Грција околу своето име. Ваквата формулација на резолуцијата 817(1993) очигледно претставува обид за политички “компромис“ во кој Грчкото противење (6) за користење на името “Република Македонија“ (во ОН и воопшто) заради наводни “импликации на територијални претензии спрема Грција“ е земено предвид, додека протестот на македонската влада кон ваквата формулација на резолуцијата (7) е практично игнориран.
Во врска со ваквата постапка и формулација на резолуциите 817(1993) (4) на Советот за безбедност и 47(225/1993) (5) на Генералното собрание се поставуваат следните правни прашања:
а) Дали Советот за безбедност, при својата проценка за исполнетоста на условите за прием во членство на ОН од страна на државата - апликант, е правно овластен да вклучува услови за прием надвор од оние пропишани во членот 4, став 1 од Повелбата на ОН (види док. (8) );
б) Дали горенаведените резолуции на Советот за безбедност и Генералното собрание, во нивните делови, кои се однесуваат на името на Македонија, се во согласност со принципите на ОН, содржани во членот 2 на Повелбата (види (8) );
в) Дали постои правна врска меѓу името на една држава и територијалните права на таа или други држави, односно дали постои ексклузивно право на државно или локално - територијално име.
Иако овие прашања се меѓусебно поврзани, ние ќе ги анализираме одвоено како би ги истакнале на јасен начин правните аргументи кои ги определуваат соодветните одговори.
Повреда на членот 4 од Повелбата во постапката за прием на Македонија во членство на ОН
Постапката за прием на некоја држава во членство на ОН е регулирана со членот 4 од Повелбата во кој се утврдува (параграф 1) дека членството во ОН е отворено за секоја држава (1) која е мирољубива (2), прифаќа да ги исполнува обврските содржани во Повелбата (3) и е способна (4) и има воља (5) да ги исполнува тие обврски, и дека (параграф 2) приемот во членство се врши преку одлука на Генералното собрание, а по препорака на Советот за безбедност. Во врска со разни условувања за прием на нови членки во ОН во текот на 1947 г. Генералното Собрание се обраќа кон Меѓународниот суд на правдата (Резолуција 113 (2) (1947) (9)) да даде советодавно мислење во врска со исцрпноста на условите (1) - (5) за прием во членство, односно дали држава - членка или орган на ОН, при своето гласање за прием на нова членка е “легално овластен” својот глас да го даде во зависност од услови кои не се прецизно предвидени во параграфот 1 од член 4. Во своето советодавно мислење (10) Судот дава негативен одговор на ова прашање. Генералното собрание, со својата резолуција 197 (3) (1948) (11) го прифаќа мислењето на судот и препорачува “на секој член на Генералното собрание и на Советот за безбедност при своето гласање за прием на нови членки да се придржува кон мислењето на судот”. Според мислењето на Судот, условите (1) - (5) во член 4 на Повелбата се:
(1) Правни правила (бидејќи Повелбата е меѓународен договор, а членот 4 е правна норма кон која треба да се придржуваат членките);
(2) Исцрпни (т.е. тие се потребните и доволни услови за прием; во спротивно нивниот број би бил неограничен и членот 4 би престанал да биде правна норма);
(3) Со свршен карактер (бидејќи врз основа на нивната исполнетост се оценува подобноста на државата за прием);
(4) Со изречен карактер (а не описни);
(5) Со признавањето од страна на Советот за безбедност дека државата - апликант ги исполнува условите (1) - (5) од членот 4 на Повелбата, таа, заради универзалноста на организацијата, стекнува неотуѓиво и безусловно право за прием во ОН.
Во случајот на приемот на Македонија во членство на ОН, и покрај изреченото признавање од страна на Советот за безбедност во резолуцијата 817(1993) дека државата - апликант ги задоволува критериумите за прием од членот 4, врз основа на што приемот и се препорачува, во текстот на резолуцијата се вклучуваат и дополнителни одредби за употребата на привременото име (реферирање) за РМ во ОН и преговори со Грција за државното име, без кои резолуцијата не можеше да се усвои. Дека овие одредби претставуваат нови услови во однос на пропишаните во член 4 за прием во ОН следи од следните факти:
1. тие и текстуално и содржински се наоѓаат надвор од групата услови (1) - (5) содржани во членот 4 на Повелбата и потребни за прием;
2. тие барања се наметнати на апликантот без чие прифаќање неговото право на прием стекнато со признаеното исполнување на условите од член 4, неможе да се оствари;
3. тие се поставуваат со актот на приемот и траат после него, што укажува на нивната неправна природа (бидејќи институцијата на условен прием во ОН не постои).
Бидејќи од гореспоменатото советодавно судско мислење и резолуцијата 197 (3) (1948) (11) Генералното собрание даваат интерпретација на членот 4 на Повелбата, према која условите за прием во членство содржани во тој член се исцрпни, изречни и имаат свршен карактер, произлегува дека дополнителните услови поставени за приемот на Македонија во членство на ОН немаат правна основа. На тој начин, со поставувањето на дополнителните услови за приемот на Македонија во ОН е прекршен став 1 од член 4 на Повелбата.
Повреда на членот 2 од Повелбата на ОН
Од фактот дека при приемот во членство на ОН, на Македонија и’ се поставени незаконити (без правна основа) дополнителни услови за прием, следи дека Македонија неоправдано е доведена во нерамноправна положба во однос на другите држави како во постапката за прием, така и после приемот. На тој начин, во однос на Македонија (двократно) е повреден принципот на “суверена еднаквост” на државите, содржан во ставот 1 од член 2 на Повелбата (8). Бидејќи правниот идентитет на државата е неодвоив дел на нејзината правна личност, следи дека правото на поседување на име е инхерентно право на државата (кое таа го стекнува при своето создавање). Од принципот на суверена еднаквост на државите (членот 2, став 1 на Повелбата) и принципот на неповредивоста на правната личност на државата, содржан во “Декларацијата за принципите на меѓународното право кои се однесуваат на пријателските односи и соработка меѓу државите, согласно со Повелбата на ОН” (12), произлегува дека државата има неотуѓиво право на самостоен (независен) избор на своето име. Според тоа, изборот на името на државата влегува во нејзината строго внатрешна јурисдикција. Со вклучување на дополнителни услови во резолуциите на Советот за безбедност и Генералното собрание за прием на Македонија во членство на ОН, сврзани со името на Македонија, се повредува ставот 7 од член 2 на Повелбата, се којшто се заштитува внатрешната јурисдикција на државата и од самите Обединети нации (8).
Правна неоснованост на аргументите за територијални претензии и за ексклузивноста за користење на државно име
Од принципот на суверена еднаквост на државите (член 2, став 1 на Повелбата) следи и принципот на раздвоеноста на внатрешната и надворешната јурисдикција. Од овој принцип произлегува дека одлуките врзани за предмети од внатрешната јурисдикција (како што се државно или локално име) неможат да влијаат врз територијалните права на државата, односно не креираат било какви обрски во меѓународното право. Во спротивното, избор на името би можел да биде инструмент за недопустливо мешање во суверените и неотуѓиви права на другите држави (т.е. да наметнува обврски од меѓународното право, вклучувајки ги и територијалните). Ова е спротивно на ставот 7 од член 2 на Повелбата (8).
Слична аргументација може да се изнесе и во поглед на ексклузивноста на користењето на државно, односно локално име. Од суверената еднаквост на државите и од причина што правниот идентитет на државата претставува неодвоив дел на нејзината правна личност (односно од неотуѓивото право државата сама да го одредува тој идентитет), следи дека државите имаат еднаква правна слобода при изборот на своето име. Оваа слобода не е ограничена / види Хенкин и др. (3) / со важечките норми на меѓународното право и постојната практика. Оттука следи дека државите немаат ексклузивни права над имињата. Овој заклучок важи и за изборот и користењето на локалните имиња.
Од гореизнесеното произлегува дека ниту грчкиот став за наводните македонски територијални претензии кон Грција коешто името Македонија го имплицира, ниту тврдењето дека Грција има исклучиво право на користење на името “Македонија”, немаат заснованост во меѓународното право.
Заклучок
Врз основа на аргументите изнесени во одделите 2.2. - 2.4. може да се заклучи дека при донесувањето на резолуцијата 817(1993) (4) на Советот за безбедност и резолуцијата 47(225/1993) (5) на Генералното собрание се повредени членот 4, став 1, како и членот 2, ставови 1 и 7 од Повелбата и дека грчките ставови во врска со името на Македонија не се правно засновани.
Со кршењето на ставовите 1 и 7 од членот 2 се доведува во прашање почитувањето на став 4 од истиот член кој се однесува на заштитата на политичката независност на државите. Понатаму, од фактот дека со примената на резолуциите 817(1993) и 47(225/1993) Македонија во системот на ОН се претставува со неуставно име, произлегува дека во ОН се прекршува и принципот на еднаквост на државите - членки при нивното претставување (имплициран во став 1 на член 2 на Повелбата).