Утре кај истражниот судија ќе се појават првите од неколкуте сведоци за случајот Заев, пред се семејствата кои тужат за земјиштето каде што е изграден деловниот центар. Токму адвокатите со документи и денеска убедуваа дека ниту обвинението, ниту притворот не се издржани по ниедна точка.
За истите семејства што ќе се појават како сведоци има судска одлука дека немаат право на враќање надомест.
„Самото обвинителство има контрадикторност во обвинението. Од една страна, го обвинува господинот Заев дека градел на државно земјиште, а од друга страна се бори да им се врати земјиштето на подносителите на барањето за денационализација“, рече Ване Андреев, адвокат.
Адвокатите покажаа договори на ЈП и градежна фирма, исти како и тоа на Заев за право на користење на градежно земјиште. Тие појаснија и дека Министерството за транспорт еднаш дало насоки за изградбата на деловниот центар, по кои е постапено и по што не реагирале повторно.
„Инспекторатите од Министерството за транспорт и врски и Управниот инспекторат ги немаат укинати, нити поништено одобренијата за градба и одобренијата за локациски услуги. Обвинителството, истрагата би требало да ја насочи и спрема наведените органи при Министерството“, вели Ване Андреев.
Дали по ваквата одлука, некој од Кривичниот совет во догледно време ќе напредува во апелационен судија, прашува одбраната на Заев?
Такви примери досега имаше до судската пракса. Заев наместо во „Александар Палас“ да ја прими наградата од 15.000 евра за општината од Фуере за деловниот центар, остана во ќелија со уште седуммина да ја чека посетата на адвокатите.
Семејството првпат ќе може да го посети дури на 5 август.
Апсењето на Заев беше причина да се јави коалицијата „Сите за правично судење“, поддржана од ОБСЕ и шведскиот Хелсиншки комитет. Го осудуваат спектакуларното приведување на струмичкиот градоначалник, но и поставувањето како топ настан на медиумите.
Од коалицијата прашуваат дали со самото сомневање за кривично дело секој ќе биде жигосуван во интерес на МВР, а со цел да се покаже нивната ефикасност во борбата со организираниот криминал?
Извор : A1