Дали некој слушнал за Todd Zafirovski? Син е на бизнисменот Мајк Зафировски, игра на позиција крило за екипата на Duke (на екипата е тренер американскиот селектор Mike Krzyzewski) која оваа сезона беше шампион на NCAA лигата. Од она што го најдов на интернет висок е 203 см, тежок 108 кг, изгледа не играл воопшто, обично бил на клупа и на загревањата, но има време, бруцош е
Со оглед на тоа што може да се каже дека немаме класично крило, може да пуштиме некој на извидување.
Македонија добива кошаркарски војвода
Малкумина знаат дека во екипата на американскиот универзитетски шампион Дјук (војводи) настапува 20-годишниот син на бизнисменот Мајк Зафировски, кому тренерот, кој воедно е и селектор на репрезентацијата на САД, му предвидува убава иднина, а кој наскоро би можел да добие покана да игра за Македонија
Македонската кошаркарска репрезентација наскоро би можела да добие неочекувано, но исклучително квалитетно засилување и тоа од аматерската НЦАА-лига, од САД. Тоа е 20-годишниот Тод Зафировски (204 сантиметри, 120 килограми), член на универзитетот Дјук, кој пред еден месец стана нов универзитетски шампион на САД и тоа на завршниот турнир што традиционално се одржува во Индијанаполис. Тод е син на македонскиот бизнисмен Мајк Зафировски, кој е поранешен претседател на фирми, како „Моторола“ и „Нортел“, а бил и советник на поранешниот американски претседател Џорџ Буш.
Крилниот кошаркар со македонско потекло беше во составот на „војводите“ на најголемиот дел од средбите сезонава, но со оглед на својот статус на дебитант (фрешмен), тој не доби шанса да се појави на паркетот. Но и покрај тоа што не одигра ниту една минута сезонава, тренерот на Дјук, Мајк Крижевски, кој воедно е и селектор на кошаркарската селекција на САД, има само пофални зборови за помладиот Зафировски.
- Пред Тод е убава иднина. Тој има одлични физички предиспозиции на кои, сепак, треба напорно да работи за да ги доведе во функција на ефектот на паркетот. Тој годинава не доби шанса, но тоа не значи дека во иднина ќе биде исто. Ако продолжи да тренира како што треба, ако дава сé од себе на тренинзите, тогаш и неговата минутажа ќе се подобрува - вели легендарниот тренер Крижевски, кој секое лето работи со ѕвезди како Леброн Џејмс, Коби Брајант, Двејн Вејд...
Веќе изминатата сезона главна задача на помладиот Зафировски беше да даде сé од себе на тренинзите и да им помогне на главните играчи на Дјук да дојдат до посакуваната форма. Шампионската титула освоена од „војводите“ говори дека Тод одлично ја завршил својата задача, а воедно доби и шампионски прстен како награда за вложениот труд. Но во претходните четири години, кошаркарот со македонско потекло покажа дека е одличен кошаркар настапувајќи за средношколската екипа на Лејк Форест академи, каде што беше еден од лидерите на теренот постигнувајќи најчесто повеќе од 20 поена на одиграните мечеви.
На луѓето во Македонската кошаркарска федерација (МКФ) не им е непознато името на Тод Зафировски. Тие не го следеле во живо настапот на ова 19-годишно момче, но добиваат позитивни информации за неговиот настап во САД. Според Даниел Димевски, првиот човек на МКФ, Тод веќе бил во игра за настап за јуниорската репрезентација минатата година, но поради тоа што селекцијата до 18 години преклани немаше настап на европска сцена пропадна и можноста македонската кошаркарска јавност да се запознае со квалитетите на помладиот Зафировски.
- Со Мајк Зафировски, таткото на Тод, се познавам лично, а за игрите на младиот кошаркар добивав позитивни информации и од други луѓе од САД. Доброто во оваа ситуација е што кај Мајк и кај Тод нема дилема околу нивната македонска националност и околу желбата да се игра за репрезентацијата на Македонија. Пред две години постоеше опција тој да игра за јуниорската селекција, но таа пропадна. Ќе видиме што ќе биде летово. Планирам да стапам во контакт со Мајк, а преку него и со Тод и да видиме дали тој ќе може да дојде летово во Скопје. Тој со своите години е перспектива на македонската кошарка и ако продолжи да се развива на вистински начин, тогаш од него може многу да се очекува во иднина - вели Димевски.
Летово ниту една младинска селекција нема настап на европска сцена поради што единствена шанса за да се видат можностите на 20-годишниот Тод е тој да биде повикан во сениорската репрезентација од страна на селекторот Марин Докузовски. Самото негово присуство во НЦАА-шампионот на САД е доволен доказ за неговиот квалитет. Со малку поголема ангажираност на луѓето во МКФ, Македонија би можела да добие извонредно квалитетен кошаркар и тоа на крилната позиција на која сме крајно дефицитарни.
Спортскиот ген наследен од таткото Мајк
Мајк, таткото на Тод Зафировски, е светски познат бизнисмен, чие семејство пред четириесетина години се иселило во САД. Постариот Зафировски не ги има заборавено своите корени и постојано е на располагање за помош на македонските политички и економски структури. Тој е член на бордот на директори на организацијата „Македонија 2025“, чија цел е помош околу доведувањето странски инвестиции во нашата држава.
Но малкумина знаат дека Мајк е и поранешен спортист и вљубеник во спортот, страст која успешно ја пренел кон своите три сина, Мет, Кирк и Тод. Постариот Зафировски својата универзитетска кариера ја почнал со стипендија добиена за талентиран пливач. Тој е и успешен учесник во натпреварите „Ајронмен“, кои предвидуваат трчање, пливање и возење велосипед на големи дистанци.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=56101038174&id=21&prilog=0&setIzdanie=21976