Вашингтон: Јас ќе играм за Македонија на ЕП во Полска!
Американскиот плејмејкер од вчера е дел од кошаркарската репрезентација и во следниот период заедно со Мејси ќе се бори за едното место за натурализиран играч во жолто-црвениот состав што ќе настапи на шампионатот во Полска
Знам дека имам сериозна и квалитетна конкуренција за настап за Македонија на Европското првенство (ЕП), но верувам во својот квалитет и речиси сум сигурен дека ќе го убедам селекторот да ме земе во тимот што ќе настапи во Полска.
Со ваква самоуверена изјава натурализираниот Американец Дариус Вашингтон (24 год., 188 см) го почна престојот во Македонија односно обидот да дојде до дресот на кошаркарската репрезентација, која за еден месец ќе настапи на континенталниот шампионат.
Талентираниот плејмејкер беше повикан дополнително во националниот тим откако Џеремаја Мејси покажа несериозност при доаѓањето на подготовките, но и откако „Нова Македонија“ со серија текстови укажа на потребата тој да биде во репрезентацијата по веста дека Владо Илиевски поради операција нема да игра на ЕП.
- Горд сум што ќе бидам дел од тим во кој има голем број исклучително талентирани кошаркари. За мене е чест да настапувам со најдоброто од Македонија. Со нетрпение ги очекувам првите тренинзи и ветувам дека ќе дадам сé од себе на нив - дополнува Вашингтон.
Американецот со македонски пасош завчера пристигна во Скопје од Бостон преку Софија, а од вчера е во Охрид заедно со останатите кандидати за жолто-црвениот дрес на ЕП во Полска. Поранешниот член на НБА-екипата на Сан Антонио спарс веднаш има шанса за деби во македонскиот избран тим, кој денеска (20 часот) и утре (18 часот) во охридската сала „Билјанини извори“ ќе ги одмери силите со екипата на Словачка.
- Премногу кус период сум во Македонија за да дадам какви било оценки како за вашата земја така и за соиграчите во репрезентација. Првиот впечаток, сепак, е крајно позитивен. Сите се пријателски настроени и се обидуваат да ми помогнат во аклиматизацијата Се надевам дека ќе добијам шанса да им се оддолжам за тоа што го прават за да ми буде удобно тука. Ќе се потрудам тоа да биде така уште на претстојните две пријателски средби - ни изјави Вашингтон.
Поранешниот соиграч на НБА-ѕвездите од типот на Тим Данкан, Тони Паркер и Емануел Џинобили смета дека има доволно време да се подготви за настапот на шампионатот во Полска, но и да му се наметне на селекторот Јовица Арсиќ. Српскиот стратег пред заминувањето во Полска ќе треба да реши дали против Грција, Израел и Хрватска ќе игра Мејси или, пак, ќе му даде шанса на Вашингтон.
- Колку што успеав да ја видам програмата за подготовките има доволно време за меѓусебно запознавање со останатите во тимот како и за запознавање со тактичките замисли на селекторот. Јас сум професионалец и ќе играм онака како што се бара од мене. Мислам дека има доволно пријателски мечеви на кои ќе можам да покажам што знам и што можам да и донесам на репрезентацијата - објаснува новиот член на турскиот прволигаш Галатасарај.
Вашингтон кариерата ја почнал во универзитетската НЦАА-лига во САД и тоа во екипата на Мемфис универзитетот. Тој беше пријавен за НБА-драфтот во 2006 година, но не беше избран од ниту еден тим. Истата година се сели во Европа каде што настапува прво за грчки ПАОК, а потоа и за чешки Нимбурк. Следната година се враќа во САД каде што дебитира во НБА-лигата во дресот на С. Антонио каде што одигра 18 средби со просек од 2,9 поени. Од таборот на „мамузите“ преминува во развојната НБДЛ-лига во екипата на Остин торос каде што игра само на четири меча со просек од 28,3 поени по што се враќа во Европа потпишувајќи договор со грчки Арис. Минатата сезона тој го носеше дресот на руски Урал грејт, а летово потпиша едногодишен договор со турски Галатасарај.
Во НБА се игра индивидуално, а во Европа колективно
Вашингтон иако во НБА-лигата досега има настапено на само 18 меча, сепак, може да направи споредба на начинот на кој се игра во најсилната лига во светот и во Европа.
- Во НБА се е сведено на можностите на индивидуалецот. Нема многу колективни акции туку се игра индивидуално што остава простор за атрактивни завршници кои ја креваат публиката на нозе. Во Европа е драстично поинаку бидејќи се игра повеќе шематски. Секој напад е организиран, а плејмејкерите секогаш мора да имаат неколку опции во главата за тоа каде ќе ја додадат топката. Јас се обидувам да направам спој од двете работи односно во европската колективна кошарка да внесам доза на индивидуалност. Ќе се обидам тоа да го направам и во репрезентацијата на Македонија - објаснува Дариус Вашингтон. Автор: Игор Крстевски
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=8891013518&id=21&prilog=0&setIzdanie=21758
Car e tipov.....i mora da igra na EP ...